Истрагата за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешкиот фризер Панче Жежовски (74) се очекува да заврши наскоро. Првоосомничен во случајот е Љупчо Палевски – Палчо кој синоќа (15 мај) со авион беше екстрадиран од Турција во Северна Македонија.
Тој директно беше однесен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари бидејќи имаше определен 30-дневен притвор, а од затворот утрово испратиле официјално известување и до Основниот кривичен суд дека Палчо е кај нив.
Зависно од времето што ќе го одземат формалните процедури, во текот на денот или наредните денови, осомничениот ќе биде спроведен и до Кривичен суд. Како што објаснуваат оттаму, процедурите налагаат дека судија на претходна постапка во координација со јавниот обвинител ќе го сослуша Палевски.
Сослушувањето во судот ќе биде за да му се даде прилика да се изјасни во однос на причините за кои му е одреден притворот додека беше во бегство, во кој и натаму останува.
Видете и ова: Љупчо Палевски – Палчо со авион екстрадиран во Северна МакедонијаПалевски засега сè уште не го известил ниту затворот ниту судот дали се откажува од адвокатот што му бил доделен по службена должност уште со отворање на истрагата. Тој уште не ги известил ниту во затворот ниту во судот дали самиот ангажирал бранител.
Тој се гони за две грабнувања и две убиства на свиреп начин. Осомничени се и тројца соизвршители за овие дела, како и таткото на Вања кој се товари за помагање во грабнувањето на девојчето. За помагање во бегството, обвинителството сомничи уште едно лице.
Дека истрагата привршува, официјално потврдија и од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
„По екстрадицијата на првиот осомничен од Република Турција, јавниот обвинител продолжува да презема истражни дејствија во предметот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. За петмина осомничени, од кои тројца соизвршители во тешките кривични дела – две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден осомничен за помагање при грабнувањето на малолетно лице и еден осомничен за помагање по извршеното кривично дело, истрагата е во завршна фаза“, велат од ОЈО Скопје.
Истрагата беше отворена на 3 декември, а ваквата изјава од обвинителството значи дека извесно оти нема да се бара пролонгирање на првичниот рок пропишан со Законот за кривична постапка – истрагата да заврши во рок од најмногу шест месеци.
Пред нејзино затворање и поднесување на обвинение, Палевски треба да биде сослушан и во обвинителството. По евентуалното обвинение, тоа ќе оди на оценка во судот и ако добие зелено светло, ќе стартува судски процес.
Екстрадицијата на Палевски во земјава дојде откако тој преку Србија и Бугарија, избега во Турција. Турската полиција успеа да го фати кај градот Балибекир на 5 декември.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Посебни безбедносни мерки за Палчо во Шутка
Во меѓувреме, во притвор тој се чува под посебни безбедносни мерки. Како што објаснија од затворската управа за Радио Слободна Европа, Палевски е издвоен од останатите притвореници во посебна ќелија. За него се задолжени само одреден дел од затворските чувари што значи дека останатите припадници на затворската полиција ќе немаат пристап до него. Во тој дел од затворот, објаснуваат оттаму, може да се влегува само со електронска картичка.
Исто така, осомничениот Палевски ќе има и посебно време кога ќе може сам да излегува во затворскиот двор, ќе посетува посебна бања со придружба на чувари, ќе се проверува храната што ќе ја добива итн.
Од исчезнување до двојно убиство
Целиот овој случај почна да се развива со пријавата за исчезнувањето на малолетната Вања на 27 ноември, утрото кога таа не се појави на училиште. Исчезнувањето со денови ја брануваше македонската, но и јавноста во регионот. Медиумите и социјалните мрежи беа преплавени со вести и апели се до 3 декември кога нејзиното тело беше пронајдено во околината на Скопје.
Истиот ден беше кобен и за семејството на Панче Жежовски бидејќи полицијата соопшти дека неговото тело го пронашле во близина на Велес. Тој бил пријавен за исчезнат три дена пред Вања – на 24 ноември.
Повикувајќи се на првичните изјави на тројцата осомничени соизвршители, уште наредниот ден тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски се обидоа пред јавноста да склопат дел од мозаикот – како се поврзани двата случаи. Палчо тогаш веќе беше во бегство.
„Според исказите жртвата од Велес имала должничко доверителски односи со еден од осомничените. Му бил сосед и му должел 500 евра и така е избран како жртва за да се земе колата Цитроен, која пак била потребна за грабнување на детето кое се случило подоцна“, рече Бубевски.
Видете и ова: Обвинителство не открива што покажала обдукцијата на Вања и ПанчеНивните сведочења тогаш отвориле сомнеж кој води и до таткото на убиената Вања. Тие тврделе дека од убиецот дознале кога и каде ќе биде девојчето, а тој пак ова го знаел токму од кажувањата на нејзиниот татко. Наводно вечерта пред грабнувањето веќе ги имале деталите за времето кога Вања ќе оди на училиште и дека таа ќе биде сама. Рано утрото ја пречекале во влезот на нејзината зграда и ја грабнале.
Таткото кој првично беше во притвор во Шутка, а сега е во домашен притвор, ги негираше обвинувањата. Тој и неговата одбрана на судските седници за укинување на притворот, тврдеа дека нема факти и докази за да може да се убеди некој дека е сторено кривичното дело.
По првичните информации, обвинителството во понатамошната истрага остана воздржано од објавување детали. Шефот на ОЈО Скопје, во една од јавните изјави, на 12 декември, рече дека материјалните докази што се собираат „зборуваат со истиот јазик на кој зборуваа осомничените“.
Кој е Љупчо Палевски – Палчо?
Името на Палчо не стана познато со убиството. Тој изминатите две децении често и медиумски експониран, но и политички активен. Долго време беше во бизнисот со градежништво, градеше згради во Скопје, дел дивоградби, а најпознатата од нив е зградата позната како „Тифани“.
Неговото име за многумина стана „непријатно“ кога се дозна дека е уапсен под сомнение дека тој се крие зад Јутјуб каналот „NikolaTesla“ каде во 2017 година беа пуштани прислушуваните разговори на политичари, новинари, бизнисмени и јавни личности. Тогашното Специјално јавно обвинителство реализираше акција „Тесла“ – беа извршени претреси на неколку локации во и беше осомничен дека ги уценувал жртвите. Одеше дотаму, што јавно на плоштад во Прилеп пушташе дел од разговорите кои ги поседуваше.
Видете и ова: Палчо - од сомнителен градежник, нереализиран политичар, до осомничен убиецЗа него во годините наназад биле поднесувани и повеќе кривични пријави, од злоупотреба на службена положба, даночно затајување, фалсификување исправи, до неовластено прислушување. Но, разрешница досега немаше и тој не одговарал за ниту една пријава.
Последните неколку години тој беше активен и на политичкиот терен. Во 2021 година, на негово име беше регистрирано Здружение на граѓани за популаризација на слободната мисла и медиумите – „ДЕСНА РЕПУБЛИКА“. Здружението Палчо го формира со уште 14 лица, а меѓу нив има и дел од сега осомничените за двете убиства. Кон почетокот на минатата година, пак, тоа прерасна во политичката партија Десна чиј политички правец остро се спротивставува на евроатлантските интеграции на Северна Македонија, а се промовираат и дел од идеите за зближување со Русија.