„Почитувани, КРШ 113 кој требаше да биде емитуван вечерва, НЕДЕЛА во 21 часот, се ОДЛАГА за ВТОРНИК во 21.00 часот.“
Со оваа порака на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ вечерта пред убиството осомничениот за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски, најавил дека нема да има ништо на неговиот поткаст, додека се подготвувал за грабнувањето на Вања.
Објавата е споделена без малку во 20 часот, а „верните“ следачи останале разочарани што во недела ќе останат без „КРШ МУАБЕТИ“, како што се вика поткастот на Палчо. Ако се следи пак неговиот профил во последните објави тој јавно кажува дека во детството живеел во близина на училиштето „Песталоци“ истото во кое учеше и убиената малолетничка.
Но, ако се следат неговите објави во периодот кога се случуваат убиствата исто така може да се забележи и дека цел ден на 22 ноември, кога исчезна велешанецот Панче Жежовски, исто така Палчо не бил активен се до вечерта околу 20 часот кога едно по друго објавува неколку постови.
Видете и ова: Отворени очи и искрен разговор со децата за траумите по убиството на ВањаПалевски пишува на Фејсбук додека трае потрагата по Вања за кој се сомничи дека ја киднапирал а потоа и ја убил и сето тоа се случува додека полицијата и властите се максимално ангажирани околу организацијата и одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Во неговите постови има говор на омраза и екстремен национализам.
Тој уште во времето кога го создал неделникот “Старт“ имал желба да биде присутен во медиумите, па покрај неговиот личен поткаст кој има 2.500 следачи доби простор и на прорускиот веб портал „Инфомакс“, според истражувањата за руско влијание во Северна Македонија.
Повозрасните на Палчо се сеќаваат и како човек од политиката кога во 1998 станува претседател на градскиот огранок на СДСМ, партијата која сега е на власт, а тогаш во опозиција. Познавачи кои ги контактираше РСЕ велат дека токму ова е периодот кога тој добива можност да се зближи со тогашниот разузнавач Зоран Верушевски.
Кој и зошто го „штитеше“ Палчо?
Името на Љупчо Палески Палчо за многумина стана „непријатно“ кога се дозна дека е уапсен под сомнение дека тој се крие зад @Youtube каналот „NikolaTesla“ каде во 2017 година беа пуштани прислушуваните разговори на политичари, новинари, бизнисмени и јавни личности. Тогашното Специјално јавно обвинителство реализираше акција „Тесла“ и беа извршени претреси на неколку локации во Прилеп и беше осомничен дека ги уценувал жртвите. Беа одземени и компјутери и телефони, но тој беше пуштен на слобода.
Одеше до таму што јавно на плоштад во Прилеп ги пушташе дел од разговорите кои ги поседуваше, но и тогаш беше приведен па ослободен. За поранешниот Министер за внатрешни работи Павле Трајанов е јасно дека тој имал заштита од високи полициски функционери и тогаш, но и сега.
„Тој, синот на Верушевски, една група околу Артан Груби и на Косово ги имаа добиено прислушуваните разговори и ги користеа, за меѓусебни уцени, на директори и новинари. МВР тогаш имаше сомнеж дека и тој ги користи за уцени меѓутоа тогаш тоа беше актуелно, и помина. Сепак претпоставувам дека тој уште одамна има комуникација со луѓе од МВР и ова прашање директно треба да му се упати на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој сега сноси политичка одговорност и треба да каже дали Палевски комуницирал со службите. Зачудува фактот што до сега на толку многу дела кои ги сторил нема некој посериозен епилог“, вели Трајанов.
Видете и ова: Во чии приватни архиви има нелегално прислушувани разговори?Според Министерството за внатрешни работи во 2019 година е поднесена кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање, а во текот на 2019 година поднесени се прекршочни пријави поради омаловажување на полициски службеник. Во 2020 година е поднесена кривична пријава за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување на кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување. Од Обвинителството нема одговори како се завршени овие случаи. Тој пак на социјалните мрежи се жали што оваа истрага му трае со години и жали по запленетите компјутери кои сега немал ода вредат како што пишува, „пет банки“.
Палчо „излезе“ од градежништво, се врати во политика
Ако се проверат податоците во централниот регистар на името на Палевски се јавува фирмата „Упа Ентерприсе Љупчо – во стечај која отишла во 2006 та година. Била регистрирана на улицата Наум Наумовски Борче бр.87 во Центар на Скопје, и всушност ја има истата адреса на која живееше и 14 годишната Вања за која е осомничен дека ја уби.
Видете и ова: Девојчето Вања жртва на „алчност за пари“, јавноста во шокТој долго време беше во бизнисот со градежништво и градеше згради во центарот на Скопје, дел од нив дивоградби, а најпозната меѓу нив е зградата позната како „Тифани“. Но, на името на Палевски во 2021 година регистрирано е и Здружение на граѓани за популаризација на слободната мисла и медиумите „ДЕСНА РЕПУБЛИКА“ чија адреса е исто така во центарот на Скопје. Го формира со уште 14 лица а меѓу нив има и дел од сега осомничените за двете убиства.
На почетокот на оваа година пак во јануари е формирана политичка партија „Десна“ чија адреса е во населбата Кисела Вода. Самото име кажува дека десничар, кои промовира радикални идеи поради „предавствата“ кои и се случуваат на Република Северна Македонија. Според објавите тој остро се спротивставува на евроатланските интеграции на земјава, а промовира дел од идеите за зближување со Русија. Го промовира и BRIKS, заедницата која се смета дека е под покровителство на Русија и Кина.
Инаку собирите кои ги организира на своите поддржувачи често се случуваат во црковни објекти, а партијата има и своја молитва.
„ Кој тоа кажа и забрани да се креира ПРАВОСЛАВНА ПОЛИТИКА, во земја која е се, само не секуларна, земја лоповска, политики САТАНСКИ. Токму затоа, ние националистите Македонски во ДЕСНА имаме своја молитва, наша Македонска за Македонија и на Бога секогаш му се молиме“, пишува во една од објавите на партијата.
Партијата создала и декларација за неменување на името, статусот и достоинството на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Партијата на Палчо, се огради од Палчо
Преку соопштените попладнево на својот ФБ профил партијата „Десна“ излезе зо соопштение во кое тврди дека останатото членство се соочило со шок и неверување за случувањата. Пишува дека жалат за загубата на два човечки живота и се изразува сочувство на семејствата. Во исто време бараат настрога казна за Претседателот Палевски и членовите кои се осомничени доколку се се докаже дека се виновни.
„Пред Обвинителството и органите на прогонот претстои тешка и деликатна задача во целост да ги разоткријат сите елементи на овие настани.
Заради тоа, ние членовите на партијата, им стоиме на располагање на органите на прогонот, со цел на расветлување на кривично правниот настан и изведување пред Судот на сторителите на овие грозоморни случаи.“, пишува во соопштението на „Десна“.
Од партијата најавуваат дека ќе го замрзнат членството, функциите и активностите на обвинетите се до крајот на процесот.
Спасовски го нарече „монструм“, опозицијата го обвинува за „соработник“
И покрај тоа што денеска имаше најавено настан на кој требаше да присуствува министерот за внатрешни, Оливер Спасовски, сепак тој не се појави. Вчера гласно пред новинарите вети:
„Се ќе сторам ветувам, ова лице или ако сакате подобро овој монструм на кој му ја следиме трагата штом стапне на наше тло да биде изведен пред лицето на правдата.“, рече Спасовски.
Но, опозицијата и вчера и денеска го обвини, дека има нелогичности во истрагата и праша дали навистина Палчо имал информации за неа па за тоа избегал преку граница.
„Во СВР Скопје официјално е заведено дека станува збор за Палчо уште пред 5 дена! Зошто 5 дена не биле преземени никакви дејствија во однос на таа информација?!?, рече Игор Јанушев, ВМРО ДПМНЕ.
Видете и ова: Вања била грабната за изнуда и убиена во паника, убиецот избегал во странствоСпасовски негираше дека имало пријава дека Палевски е сторителот на двете убиства, а на прес конференцијата истакна дека не би можело тој да има некакви информации бидејќи избегал уште на 30 ти ноември. Но, според тврдењата на опозицијата, пријавата за него значи дека била поднесена на 29 ти, односно ден пред бегството.
Инаку Палевски е првоосомничен за двете грабнувања и двете убиства на 74 годишниот Панче Жежовски и 14 годишната Вања Ѓорчевска, за него дури пет дена по бегството беше распишана меѓународна потерница, а последната трага му се губи во Бугарија. Неговиот адвокат кој го превезувал до Белград од каде заминал за Бугарија, според полицијата, тврдеше дека му рекол дека крајна дестинација ќе му биде Турција. Кривичниот суд му одреди притвор од 30 дена на Палевски кога ќе стане достапен за македонските власти.