Освен во Државна лотарија, Финансиска полиција влезе и во фирмата „Хеј ДООЕЛ“

Поранешниот ресторан „Фестина“ каде ќе бидат новите деловни простории на Државна лотарија (илустрација)

Со предистрагата која Управата за финансиска полиција ја отвори за Државна лотарија, покрај во акционерското друштво, инспектори од институцијата вчера влегле и во компанијата „Хеј ДООЕЛ“, каде се извршени проверки на документацијата за склучениот договор за закуп на деловни простории тежок над 2,6 милиони евра.

Од Управата за финансиска полиција не откриваат по каков тип на пријава постапуваат - односно дали предметот е оформен по службена должност или по наредба на јавниот обвинител.

Од Финансиска полиција известуваат дека во изминатите две недели будно ги следеле објавените истражувања и наоди на РСЕ.

Во меѓувреме, како што дознава РСЕ од свои извори, до Управата за финансиска полиција стигнала и анонимна пријава од група вработени во Државна лотарија, во која алармирале за спорниот договор за закуп со кој акционерското друштво склучило договор за месечна кирија од речиси 22.000 евра на период од 10 години.

Видете и ова: Државна лотарија закупи поранешен ресторан за свадби за 2,6 милиони евра

Сопственик и управител на компанијата „Хеј ДООЕЛ“ во периодот кога е склучен договорот за закуп со Државна лотарија е Армин Машовиќ, поранешен бизнис партнер на Ерџан Сулкоски, кој пак имаше деловни врски со зетот за ќерка на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Од 26 октомври, како што вчера објави РСЕ, Машовиќ останува само управител, а сопственоста на „Хеј ДООЕЛ“ ја презема Асмир Јахоски, газдата на „Пуцко Петрол“ и син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и актуелен пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски.

Видете и ова: Газдата на „Пуцко Петрол“ стана нов сопственик на фирмата што ѝ рента простории на Лотарија за 2,6 милиони евра

Од ресторан за свадби до „џек-пот“ закуп

Новите деловни простории на Државна лотарија се наоѓаат во Визбегово на улица Хасан Приштина број 47б во Визбегово. Кога на 18 октомври го посетивме, објектот во кој беше сместен поранешниот ресторан за свадби „Фестина“ беше затворен.

Поранешниот ресторан за свадби „Фестина“ (архивска фотографија)

Актуелен сопственик на објектот, каде сега треба да бидат новите деловни простории и телевизиско студио на Државна лотарија се на маркетинг компанијата „Хеј ДООЕЛ“.

Истражувањето на РСЕ покажа дека компанијата е формирана на 2 февруари 2023 година. За кратко време по формирањето, „Хеј ДООЕЛ“ на 22 март ги купува и земјиштето и објектот од компанијата „Маркони инженеринг“ за сума од 649.000 евра. Еден месец подоцна, на 27 април, двете компании договорот го завериле на нотар.

По солемнизацијата на договорот за купопродажба и по промената на сопственоста во Агенцијата за катастар, новоформираната „Хеј ДООЕЛ“ како нов сопственик на објектите, се јавува и победува на јавниот повик на Државна лотарија за закуп на деловни простории, објавен на 31 мај 2023 година.

Договорот е склучен на 5 јули 2023 година. Времетраењето на закупот е за период од 10 години, започнувајќи од 15 јули 2023 година. Месечната кирија која Државна лотарија ќе ја плаќа за целиот период од договорот изнесува 21.834 евра и тоа без пресметан ДДВ. Тоа ќе биде фиксна цела за цела деценија само за изнајмување.

Договор за закуп помеѓу „Хеј ДООЕЛ“ и Државна лотарија

За период од една декада, Државна лотарија ќе плаќа закуп на „Хеј ДООЕЛ“ од високи 2.620.080 евра, без пресметан ДДВ. Сепак, во оваа сума не влегува реновирањето на просторите за потребите на Државна лотарија, имајќи во предвид дека претходно објектот бил користен за свадби. Во финансискиот план на Државна лотарија за 2023 година, предвидени се 970.874 евра за изнајмување и адаптација на деловен простор.

Потпис на договорот за закуп ставиле Перпарим Бајрами, кој е генерален директор на Државна лотарија и Армин Машовиќ, управител на фирмата „Хеј ДООЕЛ“.