Новиот предлог закон за амнестија ќе се однесува на околу 250 затвореници од вкупно 2.345 осудени лица кои ги издржуваат затворските казни во сите затвори во земјата, велат од Управата за извршување санкции за Радио Слободна Европа. Според нивните податоци, во македонските затвори има легла за само 2.113 луѓе, а нив се сместени 2.345 осуденици. Дополнително во нив се сместени и над 260 луѓе опфатени со мерката притвор, како и 20 малолетници кои го прекршиле законот.
Министерството за правда предлага да се ослободат од затвор осудени за лесни кривични дела со затворска казна до 6 месеци. За тие кои што се осудени над 6 месеци се предлага намалување на затворската казна за 30 отсто.
Според објавениот предлог закон за амнестија со намалувањето на затворски казни нема да бидат опфатени оние кои се осудени на доживотен затвор, како и за кривичните дела убиство, измами при избори и гласање, мито и корупција силување и семејно насилство, злоупотреба на службена должност или измама со пари од европски фондови.
„Амнестијата не се однесува на лица осудени за кривични дела против државата, против човечноста и меѓународното право“, се вели во текстот на предлог законот.
Видете и ова: Укинати пресуди, повторени судења-случајни или намерни пропусти за бомбастични предметиАмнестијата за 27 април „сопка “ за изгласување на законот
Но, во јавноста почна да се поставува прашањето дали е можно и делата тероризам да подлежат на амнестија, односно дека ќе им бидат намалени затворските казни на осудените за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година.
Тоа на некој начин го навести и Министерот за правда Кренар Лога кој вчера беше дециден во изјавата дека ако во процедурата за донесување на законот се случи пазар меѓу СДСМ и ВМРО за амнестија за осудените за 27 април и за изборните нерегуларности, ќе има соодветен одговор.
„Такво нешто воопшто не е на маса за преговори. Но и доколку СДСМ, ДУИ и ВМРО ДПМНЕ договорат и се обидат да донесат, Алијанса за Албанците жестоко ќе се спротивстави и ќе го блокира со милион амандмани,“ изјави Лога.
Видете и ова: За „крвавиот четврток“ вкупно 211 години затворСтанува збор за два судски предмета поврзани со настаните од насилниот упад во Собранието на 27 април 2017. Сите се осудени за дејствија против државата, односно за загрозувањето на уставниот поредок и безбедност на државата. Како организатори на насилниот упад беа осудени на затворски казни поранешните функционери Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски, кои по укинувањето на првостепената пресуда од Апелација, чекаат повторно судење.
За инцидентите во Собранието пак, пресуди за затворски казни добија 16 обвинети. Но другите 15 обвинети меѓу кои и пратеници, беа помилувани во пресрет на уставните измени во Собранието по потпишувањето на Преспанскиот договор со кој се смени името на државата во 2018 година.
По изгласувањето на измените на Кривичниот законик минатата недела, овој предлог за амнестија повторно ги подгреа шпекулациите дека зад неа има политички пазар во пресрет на гласањето за нови уставни измени со кои ќе треба да се вметнат Бугарите во Преамбулата, со цел продолжување на преговорите со Европската Унија.
ВМРО-ДПМНЕ - Кога ќе дојдеме на власт ќе донесеме закон за праведна амнестија
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе ги искористи сите алатки за да го блокира донесувањето на овој закон во Собранието, затоа што, како што велат, власта сака да ослободи криминалци блиски до нив од затвор.
Оттаму велат дека по изјавата на министерот дека осудените за 27 април не влегуваат во предвидената амнестија, тоа за нив е очигледна парцијалана амнестија.
„ Сето она што е согласно деловник ќе биде искористено како алатка согласно процедурите вкои ги водат пратенците во Собранието. Кога ќе дојде ВМРО-ДПМНЕ на позицијата да ја води власта, во консулатција со сите релевантни субјекти, ќе биде донесен закон за амнестија што ќе ги опфати сите, а не вака парцијално решавање во пресрет на избори и секако сега во обид да се приберат ситни политички поени“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за Радио Слободна Европа.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во февруари годинава до Собранието достави предлог закон за амнестија само на лицата осудени за настаните од 27 април 2017 година.
Видете и ова: Македонија со потерници бара околу 400 криминалциКоординаторот на опозициската пратеничка група Никола Мицевски тогаш изјави дека нивниот предлог е само продолжение на претходниот закон за амнестија од 2018 година за надминување на како што вели селективната правда.
Во јуни годинава Кривичниот суд им ги одби барањата за амнестија на „организаторите на 27 април “ со образложение дека не ги исполнуваат условите од законот.
На сила е кризната состојба во затворот Идризово, го обезбедува армијата
Во меѓувреме, во најголемиот македонски затвор КПУ Идризово сѐ уште е на сила кризната мерка со која овој затвор надворешно е обезбедуван од војска и полиција. Последната одлука на Собранието е дека оваа кризна мерка ќе биде на сила до 5 ноември годинава. Причината за воведување на оваа мерка беше недостиг на стражари во затворот, ѝ како што беше соопштено „спречување на безбедносни закани“.
Во последните неколку месеци затворот беше поврзан со повеќе скандали, меѓу другите, копањето на подземен тунел од затвореници кои со месеци планирале бегство. Исто така, се случи и спектакуларно бегство на затвореник додека беше транспортиран на лекар, па поради ова беа суспендирани командир и четворица затворски полицајци.