Отворањето на мостот на Ибар во Митровица треба да се направи врз основа на план со меѓународните партнери, порачува претседателката на Косово, Вјоса Османи во интервју за косовскиот сервис на Радио Слободна Европа.
„Мораме, како што предвидува и планот за имплементација на договорот постигнат во август 2016 година, да имаме заеднички безбедносни проценки со нашите партнери, а по тие проценки и заедничкиот план ќе се одреди датумот“, вели Османи.
Повторното отворање на мостот за сообраќај на возила, кој ја дели Митровица два дела – на југ со албанско мнозинство, а на север со српско мнозинство, наиде на противење од меѓународната заедница и локалните Срби. Италијанските војници на КФОР се наоѓаат на мостот на реката Ибер, додека во негова близина се наоѓаат и припадници на косовската полиција.
Видете и ова: Курти за мостот во Митровица: Ги продолжуваме консултациите со нашите партнериЗемјите од Квинтата (САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија), ја нарекоа намерата на Владата на Албин Курти за повторно отворање на мостот унилатерална. Европската унија побара прашањето за мостот да се разговара во дијалогот со Србија.
Османи во интервјуто за РСЕ порачува дека мостот мора да се отвори и неговото повторно пуштање се пролонгира осум години по ред.
„Секогаш кога Косово соработувало со партнерите, тоа било успешно“, вели косовската претседателка.
На прашањето дали ако премиерот Албин Курти инсистира на својот план да се отвори мостот тоа може да доведе до конфронтација меѓу војниците на КФОР и косовските власти, Османи вели:
„Премиерот беше многу јасен дека ќе продолжи да се координира со партнери. Јас како шеф на државата и командант на косовските безбедносни сили ќе продолжам да се координирам со партнерите. Во наш заеднички интерес е да постигнеме успех. Ќе имаме успешно отворање на мостот, кој навистина се претвора во симбол на нормализацијата на Косово“.
Видете и ова: Вучиќ: КФОР да не дозволи еднострано отворање на мостот ИбарСпоред Османи, координацијата на Косово со сојузниците за мостот, ќе влијае на меѓународно ниво и ќе ја зголеми довербата и ентузијазмот за нови признавања од други држави и за членство во меѓународните организации.
Таа зборува и за санкции на Косово од Брисел велејќи дека „не може да се води дијалог“ кога една од страните е под санкции бидејќи, како што вели, го бранела својот суверенитет и Устав.
Османи смета дека работите ќе се промена со новата Европска комисија.
Во интервјуто, претседателката зборува и за постапките на Владата на Косово на северниот дел од земјата каде живее мнозинско српско население, оценувајќи дека тие се во согласност со косовскиот Устав. Сепак, нагласува дека понекогаш е потребен повеќе простор за да се разговара со граѓаните за да се разбере целта на постапките.