Организациските директори скапо го „организираат“ здравството

Илустрација

Несфатливо е на километар квадратен да има 66 директори, 33 здравствени установи и 33 управни одбори, вели министерот за здравство Фатмир Меџити. СДСМ пред 6 години најави дека ќе ги разрешува организациските директори, но тоа не го направи. За нивните плати одат околу половина милион евра годишно.

Јетон Шаќири е организациски директор на Клиниката за гинекологија во Скопје. Шаќири, кој има исто име и презиме како актуелниот министер за образование, е трет на оваа функција во клиниката во последните шест години.

Сите министри во истиот период најавуваа дека ќе ги укинат организациските директори и тоа треба да донесе заштеда во буџетот од околу 540 илјади евра годишно, колку што ја чинат државата платите на менаџерите на клиниките што во просек се по околу 1.500 евра месечно.

Го прашавме Шаќири – кога го именуваа, му кажаа ли, до кога му е „рокот“ на директорување?

„Не зависи од мене до кога ќе бидам тука, тоа е одлука на министерот. Но, ако ме прашувате, работа има преку глава. Во поголемите клиники и двајца директори се малку“, ни изјави Шаќири.

Видете и ова: Меџити: Клиниките и болниците имаат пари, проблемот е лошото менаџирање

Тој е само еден од директорите, именувани како в.д (вршители на должност) од актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити. Меџити уште во првите денови на министерувањето кажа дека ќе ги укине вторите директори како непродуктивен трошок во здравствениот систем - исто како и Службата за општи и заеднички работи на клиниките за која вели дека само трупа долгови.

„За мене е несфатливо на еден километар квадратен да има 66 директори, 33 здравствени установи и 33 управни одбори“, рече Меџити на брифинг со новинарите.

Тој најави дека по разрешувањето на организациските, од почетокот на следната 2024 година Клинички центар ќе биде раководен од само еден директор. Но, останува дискутабилно дали тоа ќе се случи набрзо по Нова година, оти имало административни процедури што може да ја оддолжат работата.

Партијата „вдомува“, партијата разрешува

Шаќири и Меџити се од иста партија, Алијанса за Албанците.

Претходно, на оваа функција беше Ајрула Мустафа – влезе како кадар на ДУИ, беше разрешен кога премина на страната на „огнената група“ што се отцепи од ДУИ. Пред него, организациски директор на Клиниката за гинекологија беше Ваљон Беља, кој стана познат по инциденти со оружје.

Мустафа тужел за разрешувањето пред Управниот суд. Овој месец треба да ја добие пресудата, за која очекува да биде во негова корист. Вели дека има и други разрешени организациски директори што добиле пресуди дека се разрешени без основа, а имале менаџерски договори.

„Во образложението што го добив пишуваше дека наводно, не била уредно водена електронска евиденција за работното време на вработените. Затоа ме разрешија. Ако имало таква грешка, требаше да ме казнат, а не да ме разрешат. Тоа беше политичка смена“, вели Мустафа.

Видете и ова: Меџити менува шест директори на клиники

Новиот организациски директор на Клиниката за кардиологија, Абдусамед Шабани, беше директор на „Комунална хигиена“. Тој и јавно му се заблагодари на лидерот на ДУИ за укажаната доверба.

„Денеска ја преземав функцијата организациски директор во Клиниката за Кардиологија-Скопје, им се заблагодарувам на сите пријатели за поддршката, особено за довербата на претседателот на ДУИ, г. Али Ахмети. Ќе бидам на услуга на сите граѓани без разлика на етничката, верската или партиската припадност…“, напиша Шабани на Фејсбук.

Последното поставување организациски директори на клиниките е 5 октомври, кога Аљајдин Хавзиу беше именуван за организациски директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

Впрочем, најголем дел од директорите се кадри на ДУИ. По влегувањето на Алијанса за Албанците во владата, дел од нив беа разрешени и заменети со кадри на Алијанса за Албанците.

Наместо да ги менаџираат парите, ги зголемија долговите

Од Министерството за здравство не одговорија на прашањата колку вкупно организациски директори се разрешени или сменети. Но, регистарот за избрани и именувани лица, што го води Државната комисија за спречување на корупцијата, покажува дека од март годинава се именувани најмалку 20 вршители на должност – организациски директори на клиниките.

Со другите болници, вкупната бројка е околу 30 организациски директори. Ако земаат по околу 1.500 евра месечна плата, само за плати годишно се трошат нешто повеќе од половина милион евра. Или, ако државата ги укинеше вторите директори во клиниките пред шест години, кога беше првата најава од тогаш на владејачката СДСМ, досега ќе заштедеше над 3 милиони евра.

Видете и ова: Клиниките и болниците должат речиси 50 милиони евра

Задачата на вторите директори е да ја менаџираат работата, но и парите во клиниките. Исто така и да контролираат и како работат медицинските директори, поради што има врзан потпис- не може едниот да спроведе нешто ако не потпише и другиот.

И со по двајца директори, јавното здравство трупа долгови. До јуни годинава, јавните здравствени установи вкупно должеа повеќе од 95 милиони евра.

Заклучно со декември 2021 година, тој долг беше 68 милиони евра.

Најголем дел од долговите се за сервисни услуги или за набавени, а неплатени лекови и медицински материјали.

Видете и ова: Партиската диплома најсилен адут за директорување

Колку реално е потребно ваквото менаџирање?

„Има други институции кои контролираат како работиме, особено финансискиот аспект. Тука се Фондот за здравство, Министерството за здравство, ни прават најавени и ненајавени контроли...вторите директори се за партиите да си ги вработуваат членовите“,вели директор на скопска клиника кој сака да остане анонимен.

Организациските, пак, велат дека секоја поголема клиника, со над 250 вработени, треба да има таков кадар.

„Работата на медицинскиот директор е друга. Друга му е специјалноста, логично е да не ги познава работите што треба да ги води правник или економист“, смета Мустафа.

Во пракса, чести беа несогласувањата меѓу првиот и вториот директор, особено ако се од различни партии.

Неостварени ветувања

Економските директори во клиниките беа воведени пред 17 години. Во 2006 година, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, со 56 директори и 142 члена на управни одбори.

Тоа беше направено по примерот на менаџирање во банките, па истиот систем се преслика и во јавното здравство - да има еден директор за медицинскиот аспект, и втор за административниот и за финансискиот дел од работата.

Пред да дојде на власт, СДСМ увиде дека тоа е проблем - па во програмата за вонредните парламентарни избори во 2016 година напиша дека ќе ги укине економските директори. И тоа со конкретен рок, до 1 декември 2017 година. Тоа не се случи. Арбен Таравари како министер во 2017 година, разреши неколку директори, но системот не го укина. Тоа не го направија ни неговите наследници Беким Сали и Венко Филипче.

Амбицијата на актуелниот министер Фатмир Меџити е последна во низата.