Орбан се понуди за посредник меѓу Скопје и Софија

Премиерите на Унгарија и Северна Македонија, Виктор Орбан и Христијан Мицкоски, Охрид 27 септември

Унгарскиот премиер смета дека е „историска грешка на квадрат“ што Северна Македонија се одвои од Албанија во преговорите со ЕУ и се понуди да биде посредник меѓу Скопје и Софија. За унгарскиот заем на Северна Македонија тврди дека не станува збор за кинески, туку за европски пари. Орбан купува влијание во геополитички стратешки регион, оценува Даниел Хегедуш од Германскиот Маршалов фонд.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој посетата на Северна Македонија ја започна на 26 септември – дента кога од Брисел стигна веста за одвојувањето на Тирана и Скопје во преговорите со ЕУ, оцени дека ваквиот потег е „историска грешка на квадрат“, а како премиер на земјата која претседава со Унијата, тој се понуди и за посредник меѓу Северна Македонија и Бугарија.

„Јас имам свој предлог и му го пренесов на премиерот Мицкоски и му кажав дека ние сме подготвени да го искористиме претседавањето со ЕУ и да посредуваме во ова прашање. Дали страните се подготвени да ја прифатат Унгарија како посредник е нивна работа, но ние сме подготвени и сакаме да посредуваме“, рече Орбан додавајќи дека се работи „да се најде решение кое ќе им одговара и на Македонците и на Бугарите“.

Според унгарскиот премиер, Северна Македонија треба да одржи меѓувладина конференција со ЕУ до крајот на годинава.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Орбан: Заемот за Северна Македонија не се кинески, туку европски пари

Северна Македонија и Албанија во јули 2022 ги одржаа првите меѓувладини конференции со ЕУ во нивните пристапни процеси за членство во ЕУ, но за Скопје да ја одржи и втората, односно да отвори поглавја, треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, и посака среќа на Албанија, а на своите граѓани им порача да не губат надеж.

„Не смееме да губиме надеж и да се разочаруваме иако многу пати ни се случуваше. Ние ќе продолжиме да работиме напорно, да ги решаваме проблемите дома кои се напластени и наследство од претходната влада. Добро е што имаме пријатели во ЕУ, еден од тие е премиерот Виктор Орбан“, рече Мицкоски.

„Фемили фото“ за време на посетата на унгарската делегација на Охрид

Неговата Влада е на став дека треба да се репреговара т.н. француски предлог од кој произлезе условот за уставни измени односно тие да се направат, но со одложено дејство – да важат од моментот на зачленување на Северна Македонија во ЕУ.

Средбата со Мицкоски и токму темата за евроинтеграциите, Орбан ја искористи и да упати критики за Брисел.

„Народите и државите од Западен Балкан заслужуваат многу повеќе од тоа што го добиваат од Брисел. Овие држави одамна треба да се членки на ЕУ. Северна Македонија заедно со Хрватите добија позитивно мислење во 2008 година, од тогаш Хрватска стана членка, а со Македонија сè уште не се започнати ни преговорите со ЕУ за зачленување. Ова е огромна грешка на ЕУ која јас би ја опишал како историска грешка, оваа грешка може сега да се стави и на квадрат затоа што Северна Македонија ќе биде сместена зад Албанија“, рече Орбан.

Во тој контекст тој ги спомена и Украина и Молдавија кои, како што рече, добиле „вонредно забрзување на постапките за членство“, но според него, покрај геополитичкиот фактор во овој случај треба да се земе предвид и тоа што други држави претходно го започнале процесот на пристапување.

„Заемот не е од кинески пари“

Неизбежна тема за време на престојот во Северна Македонија, беше и унгарскиот кредит за Владата, кој Мицкоски го договори со Орбан на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон во јули годинава.

Наспроти сомнежите кои се покренаа и во унгарската јавност околу потеклото на парите, Орбан негираше поврзаност со Кина.

„Што се однесува до заемот, кинески заем не можеме да даваме, кинески пари не можеме да даваме. Ние со Кина имаме договор дека сите пари кои доаѓаат од Кина одат за конкретни проекти, кинески пари не можеме да ви даваме, но европски пари може да ви дадеме и тие ќе ви ги даваме“, рече Орбан.

Видете и ова: Собранието го донесе Законот за заем од Унгарија

Како тема тој ја наметна и миграцијата испраќајќи пораки дека справувањето со мигрантските бранови по балканската рута е клучно прашање за Унгарија.

Орбан уште еднаш ја потврди поддршката за републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп.

Владите на Северна Македонија и Унгарија одржаа и меѓувладина седница

За време на своите обраќање, ниту Орбан, ниту Мицкоски не го криеја задоволство од соработката и блискоста.

„Унгарија е не само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција“, рече Мицкоски.

Ова, како што кажа унгарскиот премиер, е нивна 18-та средба.

Блискоста на Орбан со Северна Македонија

Блискоста на двете владејачки партии во Северна Македонија и во Унгарија, ВМРО-ДПМНЕ и Фидес, не е нешто ново и не изненадува. Но, има ли Орбан корист од тоа?

Вишиот соработник во тинк-тенк организацијата за јавна политика, Германски Маршалов фонд во Берлин, Даниел Хегедуш, за новинарот Јакоб Кушоги од унгарскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), оценува дека преку политичката поддршка, инвестициите во партиски медиуми, но и со заемот од 500 милиони евра што Унгарија и го дава на Северна Македонија, унгарскиот режим на Орбан остварува повеќе цели.

„Така купува влијание во геополитички стратешки регион, обезбедува лојалност меѓу елитите кои еден ден би можеле да бидат сојузници во Европската унија и создава профитабилни можности за унгарските компании и инвеститори – од кои многумина имаат блиски врски со Фидес“, вели Хегедуш за РСЕ.

Тој потсетува дека и унгарските инвестиции, но и политичкото влијание во Северна Македонија имаат длабоки корени кои датираат уште од раните 2000-ти години кога унгарски Телеком стана најголемиот странски инвеститор во македонскиот телекомуникациски сектор. Ваквите врски меѓу политичката и бизнис елита, потенцира тој, Орбан целно ги зајакна по преземањето во власта во Будимпешта во 2010.

„Блискиот однос на ВМРО-ДПМНЕ со Фидес беше нагласен и со тоа што Унгарија му даде политички азил на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, како и со финансиската поддршка од олигарсите поврзани со Фидес за медиумите поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, кои беа финансиски неодржливи. Овие инвестиции ги одржуваа живи партиските медиуми во критичните изборни периоди, по слабите години во опозиција“, посочува Хегедуш.

Видете и ова: Груевски и Орбан: идеологија, пари и...

За потсетување, по паѓањето на власта на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година, новинарски истражувања покажаа и дека откако оваа партија стана опозиција, во неколку интернет портали и една телевизија кои важеа за блиски до неа, влегол унгарски капитал. Станува збор за сопственици на фирми кои медиумските кариери и империи ги изградиле во време на владеење на Орбан, поддржувајќи ги јавно неговите политики.

Откако ВМРО-ДПМНЕ се врати на власт по парламентарните избори во мај, по седум години во опозиција, спред Хегедуш, владејачките елити во двете земји имаат можност дополнително да ја прошират својата соработка.

Орбан е носител на орден „8 Септември“

Двете десничарски партии како сестрински беа дел и од Европската народна партија (ЕПП). Но, партијата на унгарскиот премиер во март 2021 ја напушти ЕПП, непосредно пред да биде исфрлена откако веќе долго време се соочуваше со критиките од ЕУ за поткопување на демократските слободи, медиумите, невладините организации и владеењето на правото.

Како сестринска партија, Фидес досега редовно ја поддржуваше ВМРО-ДПМНЕ, а Орбан беше гостин и во неколку предизборни кампањи на поранешниот партиски лидер и експремиер Никола Груевски.

Поранешниот премиер Никола Груевски и унгарскиот премиер Виктор Орбан во Охрид, 28 септември 2017 г.

Исто како Мицкоски, и Груевски во септември 2017, неполн месец пред тогашните локалните избори, го угости Орбан во Охрид заедно со поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша.

Една година подоцна, Груевски „се смести“ во Будимпешта. Во ноември 2018 избега во унгарскиот главен град, каде доби политички азил.

Додека Груевски беше премиер, а претседател Ѓорѓе Иванов, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Орбан се закити и со државна награда од Македонија - орден „8 Септември“.