Расте бројот на пациенти на Онкологија, биолошка терапија лани имало за четвртина

Илустрација - Клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје, архивска фотографија

И новиот ревизорски извештај за Клиниката за онкологија за 2023 заврши во Обвинителството. Ревизорите откриваат дека клучен проблем е немањето кадар на Клиниката која е единствена за лекување на болни од канцер во државата. Биолошка терапија нема за сите пациенти, туку само за 24 отсто од нив.

Вкупно 35 доктори и 96 медицински персонал се грижат за речиси сите заболени од рак во државата. Ова го утврдиле ревизорите во последниот ревизорски извештај за 2023 година во кој како главен проблем го истакнуваат тоа што Министерството за здравство не успеало да ги стави во функција останатите радиолошки центри во државата и Клиниката во Скопје останува единствена.

Од друга страна статистиката покажува дека постојано се зголемува бројот на пациенти на клиниката па така еден онколог годишно има и по 5 илјади прегледи. Во текот на 2023 година извршени се 104 илјади здравствени услуги, се вели во ревизорскиот извештај за работењето на клиниката во текот на минатата година.

„Просечниот број на извршени услуги за одредени дијагностики надминува по 5 илјади прегледи годишно по специјалист, што во услови на континуиран пораст на бројот на пациенти доведува до преоптовареност на вработените, а нивниот број е недоволен за овој обем на работа“, пишува во ревизорскиот извештај.

Графички приказ на бројот на пациенти на Клиниката за онкологија по години

Клиниката е единствениот центар на територија на државата кој дава услуги на пациенти од областа на радиотерапијата.

Денот кога е вршена на ревизијата во него функционирале три акцелератори со кои се третираат во просек од 180 до 200 пациенти дневно. Тоа е опрема која е од особено значење при лекувањето на онколошките пациенти.

Два акцелератори не се употребуваат. За еден од нив се очекува да проработи до крајот на оваа година, додека вториот е неупотреблив поради застарена технологија.

Само четвртина заболени добиваат биолошка терапија

Минатата година новинарските истражувања открија дека покрај тоа што на Клиниката за онкологија се крадела биолошката скапа терапија за болни од карцином, отворија и сомнежи дека пациентите добивале физиолошки раствор, а терапијата завршувала на црниот пазар.

Истражувањата дојдоа токму после објавен ревизорски извештај кој откри низа неправилности во работењето на клиниката во 2021 година. Во него беше отворено прашањето за биолошката терапија и начинот на кој се набавува и дава на пациентите.

Во новиот извештај се вели дека и покрај преземените мерки сепак и понатаму има недостиг од терапијата и протокол за нејзино давање.

„Одговорните на Клиниката на месечно ниво ги информираат Министерството и Фондот за состојбите кои се однесуваат на одобрениот условен надоместок и бројот на пациенти кои користат биолошка терапија. Во овие дописи, се истакнува дека и покрај зголемувањето, одобрениот условен надоместок не е доволен за вклучување на сите пациенти кои според медицинските индикации би можеле да ја примаат терапијата. Од добиените податоци пациенти кои терапијата ја примаат во дневна болница чиј број во 2023 година изнесува 54.423 утврдивме дека само 24% се приклучени на биолошка терапија“, пишува во ревизорскиот извештај.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Клиника за онкологија – драматичен крик за помош од државата

Препораката е дека е потребно Министерството и Фондот во координација со Клиниката да преземат активности за официјализирање на протоколите за лекување, да обезбедат пари за што поголем број на пациентида бидат на биолошка терапија и на време да си ги платат заостанатите долгови.

Министерот не знае за извештајот, директорот ќе ги почитува препораките

„Кој ревизорски извештај, не сум го добил, ако знае нека каже директорот“.

Ова беше одговорот на новинарско прашање за извештајот на Министерот за здравство Арбен Таравари кој денеска присуствуваше на појадок организиран токму на Клиниката за онкологија заедно директорот на клиниката и претставници од Здружението на пациенти со рак „Хема-онко“.

Директорот Игор Стојановски рече дека ќе се постапува по препораките на извештајот за што подготвиле и акционен план.

„Административната процедура за педесетина нови вработувања е почната, тоа е комплексен процес кој зависи од Министерството за здравство, Министерството за информатичко општество и Министерството за финансии. Ќе се вработува од сите профили, имаме медицински сестри, лекари, медицински физичари технолози и административен кадар“, вели Игор Стојановски, директор на Клиниката за онкологија.

Видете и ова: Случај Онкологија: Се набавувале лекови на реверс, злоупотреби од 30 милиони евра

Онколошките пациенти на појадокот со министерот Таравари му порачаа дека има мал напредок во борбата низ здравствените лавиринти.

„Имаме напредок, меѓутоа тој е многу мал дури и незабележителен од проста причина што предолго време се чекаше да се направи нешто и да се подобрат условите во кои функционираме. Она што како нас е најзначајно е да изградиме една долготрајна соработка со Министерството и со Онкологија. Јас веќе кажав на министерот дека проблемите со кои се соочуваат пациентите продолжуваат“, рече Ана Марјановиќ од здружението Хема-онко.

Видете и ова: Не им e страв само од ракот на дојка, туку од системот

Инаку октомври е месец посветен на кревање на свеста за ракот на дојка, а бројките во Северна Македонија се поразителни. Речиси секој ден умира по една жена од оваа болест.

Новиот извештај стигна во обвинителството

Од Државното обвинителство за Радио Слободна Европа велат дека уште пред јавно да биде објавен новиот ревизорски извештај тој е предаден кај нив и веднаш е даден на обвинителот кој веќе го работи предметот.

Сепак ќе мора да се провери дали ќе биде дел од веќе отворената истрага или можеби ќе се отвори нова.
Истрагата која ја отвори обвинителството се однесува на два клучни аспекти.

Едниот е дека биле набавувани лекови на реверс, без објавување тендери односно во нетранспарентни постапки. На ваков начин се создавале вишок лекови и терапии.

Вториот аспект, е што се препишувале повеќе од потребни лекови на име на пациенти. Истрагата понатаму треба да утврди каде завршил вишокот.

„Истрагата е во тек. Таа ги опфаќа наодите од извршената ревизија, но и други извештаи од надлежни институции, а за дел од медицинските досиеја се врши независно вештачење во странство“, велат за РСЕ од Обвинителството за моменталниот статус на овој случај.

Поранешниот медицински директор се сомничи за седум кривични дела- злоупотреба на службената положба и овластувања како и за едно дело измама во служба. Организацискиот директор е осомничен за измама во служба, а тројцата онколози за помагање во кривичното дело измама во служба.

Обвинителството увиди и дека имало недоследности во дозирањето на лекови и во тајмингот на давањето на терапиите. Сепак нема докази дека од пациенти е кратена или не им се давана терапија туку дека се впишувала вишок терапија на име на пациенти.