Македонскиот систем за водоснабдување во просек губи над 60 отсто од водата главно поради старата инфраструктура, нелегалните приклучоци и недостатокот на база на податоци за мрежата и приклучоците, наведува Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси.
Водата е исклучително скапоцен ресурс, а овие загрижувачки податоци за загубите на води во земјава доаѓаат во време кога најновите извештаи во Европа го нагласуваат секторот за води како најранлив на климатските промени, особено откако 2023 беше прогласена за најтопла во историјата.
„Се соочуваме со фрапантна загуба на вода и се поблиску сме водата од чешма да ја замениме со флаширана вода“, вели Марко Бислимовски - претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси за Радио Слободна Европа.
Видете и ова: Штркови во февруари, прерано цветање - какви опасности носи претоплата зимаКолкави се загубите?
Претпријатијата за стопанисување со водите во земјава се соочуваат со големи загуби со процент на загубени води во 2023 година којшто се движи меѓу 7 и 87 проценти во зависност од давателот на водната услуга, се вели во извештајот на РКЕ.
Територијата на Северна Македонија е поделена на осум водостопански региони, во кои водата доаѓа од 35 реки и 53 природни и вештачки езера.
Најголеми загуби на вода се забележани во Југозападниот регион каде имало скоро 73 отсто, слично како во Полошкиот регион каде имало над 70 отсто загуби на вода.
Во Источниот регион имало загуби од скоро 65 отсто, во Пелагонискиот и во Скопскиот над 60 отсто, а во Североисточен 58.
Нешто помалку загуби на вода имало во Југоисточниот над 50 отсто и во Вардарскиот 53 проценти.
Загубите се зголемувале, додека количината на вода која влегла во системите била зголемена за скоро над 14 отсто споредено со минатата година, а истовремено процентот на наплатена вода бил намален за 15 отсто.
Ова се случува и покрај тоа што десетици претпријатија кои даваат водни услуги во земјава.
Видете и ова: Државата нетранспарентна при давањето на концесии за користење на водитеСпоред извештајот на РКЕ, во земјава има 78 претпријатија кои даваат водни услуги, од кои 8 снабдуваат сурова вода за населението, 67 вршат снабдување со вода за пиење, 56 вршат собирање и одведување на урбани отпадни води и 20 вршат прочистување на отпадни води.
Што велат еколозите?
Водата е од суштинско значење во услови на климатската криза, особено водата за пиење, но и водите кои се користат за санитарни и индустриски процеси, како и за земјоделството.
Климатските промени предизвикуваат суши, а со тоа и недостиг на вода, додека екстремните временски настани го нарушуваат снабдувањето со вода и ги загадуваат изворите. Сето ова влијае на безбедноста на храната, здравјето на екосистемите и благосостојбата на луѓето.
Токму затоа Елена Николовска од граѓанската организација „Еко свест“ вели дека е потребна итна заштита на водите во земјава, особено бидејќи регионот е силно погоден од последиците од климатските промени.
Проценките за Балканскиот Полуостров, вели Николовска, се дека во наредните години земјите ќе се соочат со температури и до 50-от степен и со продолжени топлотни бранови“
„Во вакви услови секторот води е нотиран како најранливиот сектор на последиците од климатските промени во државата и каде најитно треба да се применат мерки на соодветна заштита на водите. Меѓутоа ние се уште немаме нов закон за води кој предвидува соодветна правна рамка за заштита на водите, а граѓаните не гледаат на питката вода како скапоцен ресурс во услови на пораст на температурите“, вели Николовска.
Инаку, за состојбата со климата во Европа, европскиот сервис „Коперникус“ во април годинава наведе дека 2023 била најтопла година во историјата и со најмногу шумски пожари низ континентот, а дека температурите продолжуваат да растат.
Има ли решение за проблемот?
И покрај тоа што од РКЕ велат дека Северна Македонија во моментов располага со задоволително количество на вода како суштински природен ресурс, институцијата смета дека можно решенија на проблемот со загубите е Регулаторната комисија да ја преземе целосната надлежност за водите.
Тоа меѓу другото би значело и надлежност во формирањето на крајната цена за потрошувачката на вода, бидејќи како што вели Бислимовски РКЕ во моментов дава само предлог од три тарифи, а цената ја определуваат општините.
Видете и ова: Внимателно со водата, ќе ни треба!„Советите на локалните самоуправи најчесто се определуваат за најниската цена односно тарифа која обезбедува „гола“ егзистенција со мали инвестиции при што мрежата не се обновува, а вработувањата се зголемуваат. Неопходен е континуиран инвестициски циклус во инфраструктурата и оптимизрање на бројот на вработени во јавните комунални претпријатијата, а во исто време клучно е да се обезбеди цена која што ќе овозможи развој на претпријатијата и да биде фер и прифатлива за крајните корисници“, вели Бислимовски.
Иако во последните години имало инвестициски проекти за развој на водоводната мрежа, само мал процент од нив биле реализирани, велат од РКЕ.
Оттаму додаваат дека инвестициите во водната инфраструктура се важни и дека подобри резултати треба да се добијат преку законски мерки и локални развојни стратегии кои треба да бидат добро координирани меѓу себе.
Освен големите загуби, меѓу заклучоците во извештајот на РКЕ се и оние дека ниту еден регион во земјата нема 100 проценти покриеност со водоснабдување.
Полошкиот регион има нешто над 60 отсто покриеност со водни услуги, а под 70 отсто е и Скопскиот регион. Најголема покриеност од околу 90 отсто имаат Вардарскиот, Источниот и Североисточниот регион.