Невидливиот обвинител - Една година од мандатот на Ислам Абази

Ислам Абази, на единствената прес-конференција одржана ден по избори за шеф на ОЈО ГОКК, на 8 ноември 2022 година

Во првата година од мандатот, Ислам Абази ретко се појавуваше во јавност. Одржа само една прес-конференција, а од неговиот тим најчесто испраќаа соопштенија. Една година, според професор Калајџиев, е малку да се даде оцена, но тој лично не очекува ништо бидејќи смета дека и самиот избор бил пораз.

„Истражна постапка против 23 лица осомничени за трговија со дрога и оружје“. Со овој наслов во петокот (24 ноември) Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) објави соопштение дека по повеќемесечна предистрага, била спроведена акција во охридско-струшкиот регион против криминална група која се занимавала со неовластено набавување и продажба на наркотична дрога и оружје.

Ова е и најчестиот начин како Обвинителството за организиран криминал комуницираше со јавноста изминатата година откако со него раководи Ислам Абази. Тој на чесло во Обвинителството ја наследи Вилма Русковска и дојде од гостиварско Вишо обвинителство, а неговиот избор во ноември лани беше во фокусот на јавноста откако врз целиот процес имaше сомнежи за политички влијанија.

Една година подоцна, од медиумските архиви речиси и да не може да се „ископаат“ објави од јавни настапи и изјави на Абази. Затоа, на пример, неговото појавување на судското рочиште за изрекување на пресудата за поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, кому му се судеше за злоупотреба на службената положба и перење пари, беше и вест за новинарите.

Соопштенијата, пак, што ги објавуваа од ова обвинителство изминатата година најчесто беа за истраги, од кои голем дел поврзани со даночни измами и трговија со дрога и оружје.

Професорот по кривично право од Правниот факултет во Скопје, Гордан Калајџиев, коментирајќи ја првата година од четиригодишниот мандат на Абази, вели дека не очекува многу.

„Реално гледано, една година не е доволен период за да се мерат, да бидат видливи резултатите на еден обвинител со оглед на тоа што можно е добар дел од предистраги што ги почнале уште да не се видливи за јавноста. Меѓутоа, искрено да ви кажам не очекувам ништо затоа што мислам практично дека изборот на обвинителот за организиран криминал беше последниот, можеби и најголемиот пораз што го доживеавме од аспект на сите овие неуспеси во казненото правосудство“, вели Калајџиев за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Абази именуван за нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал

Јовески – Абази ефикасно раководи со ОЈО ГОКК

За оценка на работата на Абази, прашавме и во Јавното обвинителство и кабинетот на републичкиот обвинител Љубомир Јовески, кој смета дека Абази, од неговото назначување ефикасно раководи со ОЈО ГОКК.

„Тој изврши темелна анализа и реорганизација на работните процеси, со цел отстранување на дел од слабостите констатирани во периодот пред неговото стапување на функцијата. ОЈО ГОКК постапува во согласност со своите законски надлежности, за што потврда е последниот извештај од Европската комисија во кој се нотира напредок во борбата против организираниот криминал, тероризмот и насилниот екстремизам, кои сите во основа се надлежност на ОЈО ГОКК“, велат од Јавното обвинителство.

Калајџиев - Корумпиран систем псотавен на погрешни темели

Изборот на Абази на 7 ноември 2022 година влезе во историјата на правносудскиот систем на земјава бидејќи за првпат беше направен со непосредно гласање од обвинителите од цела држава, модел што се воведе со новиот Закон за јавно обвинителство.

Промената на моделот, вели професорот Калајџиев, даде некакви надежи за промена на приказната за зависноста на обвинителството од политичката и бизнис елитата. Меѓутоа, според него, се случило фијаско бидејќи се покажало дека дури и кога самите обвинители избираат, тие на крај го вршат изборот по нарачка.

„Можете да замислите дека ако самите обвинители не може слободно да го изберат главниот обвинител за организиран криминал, што останува за влијанијата што можат да ги примаат и да бидат не само од политички причини, од лукративни, од застрашувања, страв во конкретни случаи. Тоа значи дека системот е толку корумпиран и поставен на погрешни темели што практично немаме право да имаме очекувања од него. Разумен човек од овој систем не може да очекува ништо“, вели Калајџиев кој нагласува дека потребни се системски промени, па дури и на една цела гарнитура обвинители.

Критички тонови за процесот на избори упати и меѓународната заедница. Од амбасадата на САД во Северна Македонија рекоа дека се збунети од изборот, а забелешки имаше и во извештајот на Европската Комисија (ЕК) за напредокот на земјава објавен на 8 ноември.

„Изборите не помогнаа да се изгради довербата на јавноста во транспарентноста на процесот имајќи предвид дека на самиот почекот не беа поставени критериуми за квалификациите и беше покрената сериозна загриженост за можно надворешно влијание во процесот“, пишува во извештајот од ЕК.

Од надвор критики, од дома оценка за „добра соработка“

Обвинителството со кое раководи Абази се смета за главна институција во борбата против корупцијата. Тоа го нотира и ЕК, која во последниот извештај нотираше дека „не е постигнат напредок“ на ова поле.

„Корупцијата останува распространета во многу области и е загрижувачко прашање“, пишуваше во извештајот.

За борбата против организираниот криминал, пак, ЕК оцени дека е постигнат одреден напредок. Но, се забележува и дека треба да се направи повеќе за да се подобри ефикасноста на спроведување на законот во борбата против одредени форми на организиран криминал, како што се перењето пари и финансискиот криминал.

Видете и ова: ЕК сериозно загрижена за судството и корупцијата

Од Јавното обвинителство и кабинетот ја Јовески, пак, во однос на извештајот од ЕК во делот за борбата против корупцијата, сметаат дека не се адресира ниту една директна забелешка за работата на обвинителството.

„Особено е значајно што, напоменувајќи ја потребата од ефикасност на постапките и финансиските истраги, Европската комисија реално ги согледува состојбите и нагласува дека клучно за постигнување резултати е најпрвин да се обезбедат соодветни ресурси за работа на истражните центри, на специјализираното Одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција и на ОЈО ГОКК воопшто“, велат од Јавното обвинителство потенцирајќи дека една од клучните препораки во извештајот на ЕК е да се обезбедат доволни човечки и финансиски ресурси.

Сепак, од кабинетот ја републичкиот обвинител реагираат дека и покрај ваквите препораки во предлог-буџетот за следната година државата не обезбедува дополнителни ресурси ниту за тимот на Абази ниту за другите обвинителства.

Покрај ОЈО ГОКК, ЕК во извештајот посочи дека уште една клучна институција за борба против корупцијата е Одделот за сериозен и организиран криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР), чиј прв човек, министерот Оливер Спасовски, оценува дека соработката со обвинителството се подобрува.

„Ако правиме компарација за тоа каква била соработката е сега ние имаме напредок. Меѓутоа дали е на најдоброто ниво од низа аспекти не само за директната соработка меѓу МВР и обвинителството туку генерално како систем таму треба навистина не само да се нотира туку да се преземат конкретни мерки кои ќе ги подобрат во делот на соработката. Сепак сметам дека во одредени случаи таа би можела да биде многу подобра од тоа до сега. И токму во тој правец сметам дека е подобро да си кажеме до каде ни се слабостите и каде да ги поправаме“, вели Спасовски во интервју за Радио Слободна Европа.

Какви истраги отвораше ОЈО ГОКК

Една од поголемите истраги што беа отворени во ОЈО ГОКК во првата година од мандатот на Абази, а за кои беа објавени соопштенија, беше пред неполн месец под кодно име „Синџир“, а во која беа опфатени 26 газди и управители на фирми и 28 правни субјекти. Случајот се однесува на даночни измами, а обвинителството се сомнева дека државниот буџет бил оштетен за речиси осум милиони евра. За даночно затајување, трговија со оружје и дрога и за сексуална злоупотреба беа отворени уште неколку истраги.

Еден од ретките предмети во кои беа опфатени поранешни високи функционери, беше случајот „Феникс“ за 11 споменици од проектот „Скопје 2014“, којшто предмет ОЈО ГОКК го наследи од сега згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО).

Од случаите кои беа од висок јавен интерес изминатиот период, по допрен глас, беше отворен и предмет за изборот на надзор на автопатиштата од коридорите 8 и 10-Д, кои треба да ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“. Меѓутоа, овој предмет сè уште е во предистрага и како што најавуваа претходно од обвинителството, сега е во фаза на распит на инволвирани лица.

Недоволни човечки ресурси во тимот на Абази

Кон капацитетите и потенцијалот на обвинителстовото со кое шефува Абази, се осврна и Брисел во последниот извештај, забележувајќи дека има проблеми со екипираноста на тимот. Во него во моментов работат 14 обвинители, но ова како што е наведено во извештајот, не е доволно со оглед на широкиот опсег на одговорности што ги има ОЈО ГОКК.

Има и четворица истражители, девет соработници и 16 лица како помошен персонал, но ЕК потенцира дека нема финансиски експерти или аналитичари. Покрај недоволните човечки ресурси, се посочува и оти нема ниту доволно финансиски средства за стручните служби.

„Обвинителството сè уште нема стратешко планирање во постапувањето со истрагите и случаите што влијае на неговата севкупна ефикасност. Тоа би може да биде поефикасно ако се воведат повеќе специјазации и доколку ресурсите се насочат кон најкомплицираните случаи“, пишува во извештајот на ЕК.

Видете и ова: Ангелите на ДУИ не веруваат во домашни истраги

Слични забелешки може да се најдат и за истражните центри кои ги има во ОЈО ГОКК и во три основни обвинителства (Скопје, Куманово и Тетово) – недоволни човечки и финансиски ресурси и недостаток на соодветна опрема. Овие центри, според оценката од Брисел, не ги постигнале целите за поефикасни истраги и подобра координација меѓу обвинителите, полицијата и другите релевантни институции.

Како Абази стана шеф на клучна институција за борба против корупцијата

Абази на позицијата шеф на ОЈО ГОКК се пресели од шефовското столче во Вишото обвинителство во Гостивар. На непосредните избори на 7 ноември тој победи со 66 гласа, само два повеќе од скопскиот обвинител Ермон Незири. За противкандидатки ги имаше и неговата претходничка во ОЈО ГОКК Вилма Рускоска која имаше 14 гласа, како и колешката од Гостивар – вишата обвинителка Деса Пауновска за која гласаа само 10 обвинители.

Видете и ова: Дамка на изборот на Абази, испливаа фотографии со членови на ДУИ

До неговиот избор, Абази важеше за анонимус за јавноста, но веднаш по победата неговото име се најде на тапет откако во медиумите се појавија фотографии од дружби со функционери на ДУИ. Абази, кој е родум од Кичевско, исто како и лидерот на интегративците Али Ахмети, пак, тврдеше дека не е партиски човек.

На единствената прес-конференција на која се појави еден ден по изборите, одговори дека „можеби се сретнал“ со Али Ахмети, но ги убедуваше новинарите дека нема лични контакти ниту со него ниту со друг функционер од ДУИ. Наспроти тоа, пак, на фотографиите што беа објавени тогаш во медиумите, Абази беше во друштво со поранешниот градоначалник на Гостивар од ДУИ Невзет Бејта, како и до Дилавер Бектеши, обвинител кој важи за истакнат член на оваа партија.

Покрај Абази, вниманието на медиумите го привлече и тоа што неговата сопруга Албулена Абази, која ја заврши Академијата за судии и јавни обвинители, во мај годинава беше избрана за обвинителка во Кичево.