Неплаќачите на струја условуваат, институциите мируваат

Упад на жителите од село Оризари во ЕВН Куманово, 27 јули 2023

Граѓанска непослушност или самоволие? Ова прашање се отвори по инцидентите кога дел од жителите на неколку села блокираа екипи на ЕВН, одбивајќи да платат долгови за потрошена струја или пак исклучуваа трафостаници. Последно, село Слупчане достави список барања до ЕВН.

„Полицијата со нас се однесува одлично, проблеми немаме, никакви. Не сме во војна“.

Ова денеска за Радио Слободна Европа го изјави претседателот на месната заедница во Слупчане, Селајдин Шахини, откако веќе втор ден дел од жителите на ова липковско село не им дозволуваат на екипите на ЕВН да ја реконструираат дистрибутивната мрежа за струја. И покрај тоа што полицијата беше присутна екипите од приватната компанија за електродистрибуција (ЕВН) не можеа да влезат.

„Селото Слупчане и Оризари се уште се без напојување. Се додека не се создадат нормални услови за работа и загарантирана сигурност на вработените на Електродистрибуција нема да работиме на санација на дефектите или да извршуваме редовни работни активности во двете села“, велат од ЕВН.

Но, жителите на Слупчане преку месната заедница имаат тринаесет барања до ЕВН. Меѓу нив да плаќаат до 3 илјади денари струја по домаќинство без разлика колку ќе потроши, мерните уреди да се во внатрешноста на куќите, новоизградените објекти да имаат бесплатен приклучок на мрежата и верските објекти да се ослободат од плаќање и долгот да им се прости иако според ЕВН достигнува и по неколку илјади евра од потрошувач. За Шахини ова не е дискриминирачко однесување кон останатите граѓани од земјава кои се редовни плаќачи.

„Ако Владата донела одлука да им го прости долгот на општините зошто да не им го прости долгот на граѓаните во услови на криза и инфлација. Слупчане нема толку долг како што велат, или се рекламира во одредени медиуми. Нека видат колку долг има владата, судскате институција и други.. и ништо не се презема. Втора причина е зошто да се почнува со албанските населби, а во селата од Источна Македонија не се вадат часовниците за мерење на струјата? Дали сме експериментални глувци?“, вели Шахини.

Од компанијата, за сега не преговараат со „бунтовниците“, па дури и известија дека жители од соседното село Оризари денеска насилно влегле во нејзината канцеларија во Куманово. Соседите на слупчанци се „лути“ што и тие останаа без струја. ЕВН до медиумите испрати фотографии и потенцира дека вработените ги напуштиле работните места од безбедносни причини. Се до создавањето на нормални услови за работа Корисничкиот енерго центар на ЕВН – Куманово, нема да работи, велат од ЕВН.

Видете и ова: Случај Арачиново: Надежи и ветувања дека ќе нема кражби на струја


Закон има, институции „нема“

Арачиново, Студеничани, Слупчане се неколку села во кои во изминатава година се случија вакви или слични инциденти со екипи на ЕВН. Од една страна жителите блокираат и ја исклучуваат струјата, од друга екипите се обидуваат или да прочитаат броила, или да исклучат „диви“ приклучоци или пак да наплатат стари долгови. Според Кривичниот законик (КЗ) во членот 291 дел од оваа област, стои:

„Тој што ќе уништи, оштети, отстрани, измени или ќе ги направи неупотребливи инсталациите за јавна употреба на вода, топлина, плин или енергија или инсталациите на системите за врски и со тоа ќе предизвика значително нарушување на редовниот живот на граѓаните или стопанското работење, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години. Доколку делото е сторено од небрежност, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“, пишува во КЗ.

Но, од обвинителството нема конкретен одговор дали за овие неколку случаи во минатите месеци е отворена некаква истрага.

„До овој момент до Основното јавно обвинителство Куманово не е доставено известување или кривична пријава за настанот. Обвинителството нема основ да постапува по допрен глас за настани во кои МВР интервенира и презема дејствија за расчистување на настанот и идентификација на сторители. Што се однесува до другите настани што ги наведувате, Јавното обвинителство не е во можност да ги пребарува податоците само врз основа на локација на настанот. Потребни ни се податоци за датум на поднесена пријава и идентитет на пријавени лица со цел да ви обезбедиме информација дали и како постапувало обвинителството и статус на евентуални предмети“, велат од Обвинителството.

Видете и ова: Кој ја плаќа струјата за „копачите“ на криптовалути?

Од МВР се уште нема информација за она што се случува на терен, но и дали се идентификувани лицата кои блокираат, кои интервенираат во мрежата и дали се поднесени кривични пријави, не само за овој случај туку и за претходните.

Професорот Константин Димитров, кој е експерт за енергетика, вели дека ваквите случаи покажуваат дека државните институции не функционираат.

„Грешката е во полицијата или полицијата е во осоработка со криминалци. Ако Министерот за внатрешни работи не успева да го спроведе законот, да ги уапси тие што крадат значи треба да биде променет. Или Владата подржува ваква состојба. Ова што го оправат жителите е уцена, ова не е граѓанска непослушност туку анархија“, вели Димитров.


Големи кражби на струја токму во „бунтовните“ општини

И додека во јавноста преовладува мислењето дека сите ги плаќаме долговите на „неплаќачите“, од Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) велат дека ни еден граѓанин не плаќа струја кој друг ја потрошил.

„Законот не дозволува такво нешто. ЕВН е обврзана да најде начин како да си ги наплати долговите од оние кои не плаќаат, но тоа гарантираме дека не е преку сметките на други граѓани“, велат од РКЕ.

Видете и ова: Сметки и за непотрошена струја


Од ЕВН признаваат дека е така, но велат дека проблемот во овие населени места не е толку во тоа што не плаќаат сметки туку во кражбите на струја, која дел сепак оди на конто на сметките на сите потрошувачи.

„Во Арачиново, Студеничани па и Слупчане се случувало само на една трафостаница да има кражба на струја и до 90 проценти. Едноставно се влечела енергија од мрежата а нема податоци во ниту едно броило, со тоа и нема на кој да му се фактурира. Токму дел од таа енергија се прикажува во технички загуби на компанијата“, велат од ЕВН.

Пред околу три недели, жителите на Слупчане ветија дека ќе им дозволат на екипите на ЕВН да работат. На средба со нив беа министерот за економија, Крешник Бектеши и градоначалникот на Липково, Еркан Арифи. И во претходните случаи како медијатор беше вклучен Бектеши кој за разлика од претходно денеска не излезе на теренот, но порача.

Видете и ова: Дефектот во Слупчане ќе се санира, Бектеши порача дека секој мора да плаќа струја


„Секој граѓанин кој се снабдува со електрична енергија во државата има обврска да плати за електрична енергија толку колку што потрошил. Ги повикуваме сите надлежни институции да постапат согласно нивните надлежности и да се реши проблемот со снабдување со електрична енергија во Слупчане и околните села и да се овозможи работа на екипите на ЕВН Македонија“, вели Бектеши.

И додека сите повикуваат да се реши проблемот кој остави без струја и дел од останатите села а вчера и граничниот премин Табановце, „вријат“ социјалните мрежи.

„Замисли влегуваш во маркет и им викаш „Јас сум од Слупчане, сметкава максимум 3.000 ке ја куцаш, разбра?

„Да ги пуштиме да преговараат со Бугарија и ЕУ“, се само дел од коментарите.

Инаку загубите во Слупчане се 80 проценти, а наплатата е само 20 проценти, велат од ЕВН. Слична е состојбата и во Арачиново кое е прво на листата по загубена електрична енергија и со 80 проценти од потрошената, која достигнува до 6 милиони евра годишно.