Не излегувајте надвор - во портокалово сме

Илустрација - Момчиња се разладуваат во Треска, во близина на Скопје, за време на јунските горештини

Новиот топлотен бран, според УХМР, се очекува да ја зафати државата во првите три дена од оваа седмица, а прогнозите за горештини го вклучија „портокаловиот аларм“

Времето e сончево и многу топло, со температура и до 40 степени, а УВ-индексот максимално 9, известуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Истата прогноза е и за Скопје. Поради многу топла воздушна маса од југ, велат метеоролозите, вакво време ќе се задржи до крајот на неделава. Но граѓаните жешкото сонце го чувствуваат на своја кожа.

Особено топло ќе биде до среда кога дневната температура наместа ќе надминува 40 степени и на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури.

И најпрометните места празни уште од рано наутро

Најфреквентните места во главниот град празни поради жештините - Скопје 12 август 2024, претпладне

Горештините почнаа уште денеска рано наутро, па вообичаено прометните места во главниот град беа пусти. Најфреквентните улици во Скопје, потегот Рекорд - ГТЦ и плоштадот „Македонија“ беа празни дури и во „шпицот“ пред почетокот на работното време. Помалку луѓе имаше и на вообичаено полните зелени пазари.

Ретки минувачи на улица „Македонија“ во најстрогиот центар на Скопје

Кафулињата на улица „Македонија“, кои се полни уште од рано наутро, денешното претпладне го почнаа само со по некој муштерија.

Малкумина граѓани со шишиња вода и чадори можеа да се забележат само на автобуските постојки или во некоја од сенките во скопскиот центар.

Илустрација

Службите за итна помош од поголемите градови во Северна Македонија, веќе дваесетина дена јавуваат за зголемен број на интервенции на нивните тимови, особено поради последици од летните жештини. Зголемен број на пациенти кои се жалат на последици од топлото време се бележи и кај матичните лекари.

Препораки за работодавачите и работниците

Илустрација - Градежни работници на градилиште

Владата на барање на Министерството за здравство донесе препораки во врска со новиот топлотен бран што се очекува да ја зафати државата во следните три дена по информациите добиени од Институтот за Јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи.

Во препораките за намалување на ризиците од високите температури што ги усвои Владата на вчерашната седница се предвидува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно бремените жени и лицата на возраст над 60 години од 12 до 14 август.

Скопјани во сенка на горештините

Во истиот период, работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Скопјани се разладуваат во градските фонтани

Мерки за градинките, изнемоштените лица и бездомниците

Владата препорачува и во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Воедно, единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.

Во соопштението од владината прес-служба се додава дека со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, Владата ги потсетува работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Активисти на Црвен крст им делат водат на граѓаните поради летните горештини

Можен пороен дожд и град и покрај високите температури

Според УХМР, топлото време е под влијание на многу топла воздушна маса од југ, а особено топло ќе биде до среда, кога дневната температура наместа ќе надминува 40 степени.

И покрај високите температури, синоптичарите соопштуваат дека од среда до петок во попладневните и вечерните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирано невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и град.

Илустрација

Силен топлотен бран на цел Балкан

Почнувајќи од 12 август, па во најголем дел од неделава, територијата на целиот Балкан ќе биде под влијание на екстремно топол африкански бран кој носи екстремно високи температури на воздухот.

Очекувањата на метеоролозите се дека најпогодени од овој бран ќе бидат Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и централните и југоисточните делови од Северна Македонија, вклучувајќи ја и Скопската котлина.