Ако имате 10 илјади денари вишок и сакате да ги заштедите можете да и ги дадете на државата на чување.
Министерството за финансии промовира граѓанска обврзница со каматна стапка од 5 отсто годишно. Тоа значи дека наместо да се задолжува во банки, дома и во странство, државата ќе се задолжува кај граѓаните, а за тоа ќе им плати повисока камата, отколку што би добиле доколку би штеделе во банка. На ваков начин добива и државата, бидејќи ако се задолжува со друг вид на обврзница ќе треба да плати повисока камата.
На пример во март годинава државата се задолжи со евробврзница од 600 милиони евра за која треба да плаќа камата од 6,96 отсто.
Колку пари ќе добиете ако штедите кај државата?
Ако купите двегодишна граѓанска обврзница од 10 илјади денари, првата година ќе добиете камата од 500 денари, и втората година уште 500 денари.
На крајот на втората година ќе имате 11 илјади денари, односно заработка од 1000 денари.
Еден човек најмалку може да купи една обврзница од 10 илјади денари. Горен лимит нема.
Каматните стапки на орочени денарски депозити на 24 месеци во македонските банки се движат од 2,3 до 3,7 отсто. Тоа значи дека за орочени 10 илјади денари, за две години ќе добиете меѓу 460 и 740 денари камата.
Помалите банки нудат повисоки камати за штедни влогови. Ако штедите поголеми суми пари, или ги орочите на подолг период, каматите може да бидат нешто повисоки.
Видете и ова: Со повисоки камати се враќаат старите долговиБесими - Сигурна инвестиција со добра добивка
Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека со граѓанската обврзница, во период на висока инфлација, граѓаните ќе можат да инвестираат без ризици и да добијат повисока камата.
„Зборувам за граѓаните кои имаат заштеди, кои поради традицијата или општо, сè уште штедат под перница и сметаат дека е подобро да ги имаат парите при себе. Посебно сега, во период на инфлација, тие чувствуваат дека парите губат вредност надвор од системот, ова е една можност да ги вложат во државни обврзници со прилично добри приноси“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими на 4 јули во интервју за ТВ Сител.
Постапката за купување на обврзницата е едноставна. Тоа може да се направи во сите банки. Граѓаните може да си купат обврзница преку пари што ги имаат на сметка или во готово. Купувањето ќе трае до 12 јули, а следниот ден ќе се одржи аукцијата. Тогаш ќе се соберат сите уплати што ги направиле граѓаните на име граѓанска обврзница и ќе се види колкав интерес има за штедење на државно.
Право да купат ваква обврзница имаат сите македонски државјани, што значи и луѓето од дијаспората.
Луѓето што ќе купат обврзница првата камата ќе ја добијат во јули следната година, а втората во јули 2025 година, кога ќе им биде вратен и целиот инвестиран износ.
Граѓанската обврзница е во износ од 50 милиони евра, односно толку државата планира да се задолжи кај граѓаните. Но, првата аукција, која сега е во тек, е во износ од 10 милиони евра. Министерот Бесими вели дека ако има поголем интерес ќе им се дозволи на граѓаните да инвестираат и повеќе.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини на својот Фејсбук профил вели дека со секое задолжување со каматна стапка повисока од економскиот раст, државата е во загуба.
„Во Македонија повеќе од 30 години не е остварен економски раст со просечна стапка повисока од 2,5 отсто, а за идниот период до 2027 година, ММФ, Светска банка и Народна банка, прогнозираат раст од 2 до 3 проценти. Досега само министерот Бесими и Владата за периодот до 2027 година прогнозираат годишен економски раст од 5,4 проценти“, пишува поранешниот министер за финансии.
Видете и ова: Маржите се одмрзнуваат, трговците ќе ставаат нови цениСомнеж за „перење“ пари
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта сака да го финансира својот криминал со пари на граѓаните. Од партијата се сомневаат дека преку граѓанската обврзница ќе се исперат „црни пари“.
„Само за граѓанска обврзница нема да имаат обврска да објаснуваат од каде им се, за сè друго имаат. Тој што има црни пари дома значи дека има пари, нашите граѓани немаат. Им нудите каматни стапки кои се повисоки и правите притисок кон оние граѓани кои имаат депозити во банка да ги пренасочат кон граѓанската обврзница затоа што таму каматната стапка ќе биде попривлечна“, рече потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриска-Кочоска во интервјуто за „Република“.
Бесими, пак, за обвинувањата од опозицијата дека на овој начин ќе може да се „исперат“ нелегално стекнатите пари, вели дека граѓанската обврзница е имуна на политички изјави.
„Тие што имаат намера да вршат перење на пари користат други канали за тоа, државните институции се свесни и плус тие што имаат големи износи на пари, милионски суми, гледаат други бизниси, тие се спремни да прифатат поголем ризик и бизниси каде имаат поврат на капиталот повисок од 5 отсто“, вели министерот за финансии.
Димитровска- Кочовска вели дека граѓаните во земјава живеат од кредити, а не до депозити, односно немаат пари под перница.
Граѓаните во банките чуваат 5,4 милијарди евра
Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, од Виенскиот институт за меѓународни економски студии за Радио Слободна Европс вели дека само по себе идејата за граѓанската обврзница не е лоша. И тој се сложува дека ова не е прилика за оние кои немаат пари.
„Идејата е добра за оние кои имаат пари. Сиромашните немаат пари за да штедат. Оваа идеја за граѓанска обврзница, што не е лоша, сепак повеќе ќе им одговара на луѓето кои се побогати и кои имаат вишок на пари и кои сега остваруваат само 2 отсто камата на своите милионски влогови во банките“, вели тој.
Видете и ова: Сиромаштијата ќе расте и ќе ја топи средната класаЈовановиќ додава дека треба да се ограничи колку обврзници може да се купат, за да не дојде до ситуација сите обврзници да ги купи еден човек и да добива камата од 5 проценти.
Граѓаните и фирмите имаат депозити во банките од над осум милијарди евра. Само граѓаните во банките чуваат скоро 5,4 милијарди евра. Толку на пример изнесува и годишниот буџет на државата. Помалку од половина од депозитите на граѓаните им се во денари, а малку повеќе во странска валута.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во мај, кога беше најавена граѓанската обврзница, рече дека таа нема многу да се одрази врз банките.
„Износот на граѓанската обврзница е исклучително мал износ во споредба со депозитниот потенцијал во банкарскиот систем којшто тековно изнесува околу осум милијарди евра, така што не би се очекувало дека тоа би имало некои позначајни ефекти врз банкарскиот систем“, рече гувернерката на 16 мај.