Граѓани и активисти осма вечер по ред се собраа пред седиштето на Републичката изборна комисија (РИК) во Белград на покана на најголемата опозициска коалиција „Србија против насилството“.
Причина за собирите се тврдењата на опозицијата за изборна кражба на владејачката Српска напредна партија (СНС) на изборите на 17 декември, што партијата и претставниците на државниот врв ги демантираат.
Демонстрантите бараат откажување на изборите на сите нивоа.
Пред зградата на РИК и Претседателството на Србија, која се наоѓа во непосредна близина, нема видливи полицајци во униформа.
Што им порачаа претставниците на опозицијата на насобраните?
Пред толпата се обрати Мирослав Алексиќ, еден од лидерите на коалицијата „Србија против насилството“.
Тој им се заблагодари на студентите кои во текот на денот го блокираа сообраќајот во центарот на Белград, барајќи од властите во Србија да дозволат јавен увид во избирачкиот список откако домашните и европските организации кои ги набљудуваа изборите на 17 декември во Србија изразија сомнеж за нивната регуларност.
Протестот траеше речиси седум часа, а на студентите од Белград им се придружија и студенти од Универзитетот во Нови Сад.
„Вие сте гордоста на Србија и иднината на Србија и вие сте тие кои треба да изберат во каква земја ќе живеете“, рече Алексиќ.
Потоа, толпата им аплаудираше на студентите, кои се приклучија на протестот пред РИК по седумчасовната сообраќајна блокада во центарот на Белград.
Видете и ова: Стејт департментот ја повика Србија да соработува со ОБСЕДенеска, 25 декември група студенти се собраа пред седиштето на Министерството за државна управа и локална самоуправа во Белград, барајќи пристап до избирачкиот список.
Тие најавија дека сакаат да го отворат избирачкиот список за да го проверат, откако домашните и европските организации кои ги набљудуваа изборите во Србија на 17 декември изразија сомнеж за нивната регуларност.
Студентите најавија дека во Белград блокираат улици во знак на протест.
Повеќе од 30 демонстранти биле уапсени во синоќешната полициска акција во центарот на Белград, по инцидентите на седмиот протест на кој се бараше поништување на изборите во Србија.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека во инциндентите биле повредени и седум полицајци.
Како што се наведува во соопштението на 25 декември, министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ ги посетил повредените полицајци во Ургентниот центар во Белград.
„Нападите врз полицајците кои ги штитат законите на Република Србија се недозволиви“, рече министерот Гашиќ.
Инаку десетици полицајци и жандармеријата ги истуркаа демонстрантите од центарот на Белград доцна вечерта на 24 декември и се распоредија околу клучните институции - градското собрание, Републичкиот парламент, Претседателството на Србија и седиштето на Републичката изборна комисија (РИК).
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Конфликтот меѓу полицијата и дел од демонстрантите започна пред градското собрание во Белград. Дел од маскираните лица ја нападнаа градската куќа, додека полицијата која била внатре во зградата, употребила солзавец за да ги растера.
Силните полициски сили во градското собрание го оневозможиле упадот во зградата.
Неколку илјади граѓани веќе седма вечер се собраат во центарот на градот на покана на најголемата опозициска коалиција „Србија против насилството“.
Видете и ова: Инциденти на протестот во Белград: Демонстрантите се обидоа да влезат во градското собраниеПричината се тврдењата на опозицијата за изборна кражба на владејачката Српска напредна партија (СНС) на изборите на 17 декември, што партијата и претставниците на државниот врв ги негираат.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека се уапсени 35 учесници на протестот и порача дека сите уапсени ќе одговараат. Тој кажа и дека двајца полицајци се тешко повредени, а неколку полесно. Тој ја обвини опозицијата за насилна окупација на државните институции.
Од друга страна, претставниците на коалицијата „Србија против насилството“ ја обвинуваат власта за насилство при задушувањето на граѓанските протести кои бараат поништување на изборите.
„Не дозволија градските советници и народни пратеници да влезат во градското собрание, ги испратија своите хулигани да прават инциденти, за на крајот Вучиќ да испрати специјални единици кои употребија брутална сила врз граѓаните кои протестираа поради украдени избори“, се вели во соопштението на коалицијата.
Додаваат дека за тоа сведочат „многубројните видеа“, како и дека еден од демонстрантите бил „претепан и му ја скршиле ногата, клоцајќи го додека лежел на земја“.
Тие додаваат дека „без разлика на цената“ нема да се откажат од барањето за поништување на изборите.
Новинарот на Нова.рс, Андрија Лазаревиќ, кој известуваше од собирот, бил удрен со палка по раката кога полицијата почнала да ги потиснува демонстрантите пред Собранието во Белград, соопшти медиумот.
Прозорците и стаклата на влезот во Собранието на Белград се искршени.
Додека кон таа зграда летаа шишиња и други предмети од маскирани лица, а полицијата одговори со солзавец, другите учесници на протестот беа далеку од нив - на платото пред градското собрание.
Инаку граѓаните се собраа пред Собранието на Белград на повикот на коалицијата „Србија против насилството“.
Претставниците на таа листа во текот на вечерта изјавија дека од полицијата неколку пати било барано да влезат во зградата на градското собрание за да им се обратат на демонстрантите од балконот, но дека тоа не им било дозволено.
Видете и ова: Српското обвинителство отвори предмет за „фантомските гласачи“ во БелградВелат дека сакале да излезат на балкон „како победници на изборите во Белград“, бидејќи тврдат дека Српската напредна партија, која прогласи победа на сите нивоа - вклучително и главниот град Белград, победила со изборна кражба.
Владимир Обрадовиќ, опозициски кандидат за градоначалник на Белград и претставник на привременото тело на градот, за телевизијата N1 изјави дека полицијата не им дозволила да влезат на „работните места“.
„Една граѓанска институција во градот беше окупирана од полиција. Имаме право да влеземе таму како претставници на опозицијата“, рече Обрадовиќ.
Опозициските претставници, како што рече, бараат Владата на Србија да назначи преговарачки тим за да се надмине изборната криза.
Како започна?
Првите инциденти се случија околу 19 часот, кога претставници на опозицијата и дел од демонстрантите се обидоа да ги отворат вратите на градското собрание. Униформирана полиција го спречи нивното влегување.
На главниот влез во градското собрание пред насобраните граѓани се обрати еден од водачите на белградската полиција во цивилна облека. На претставниците на опозицијата им порача дека „насилно влегување не е возможно и дека тоа е кривично дело“.
Толпата која броеше неколку илјади на платото пред градското собрание извикуваше „Победа, победа“, „Нема да ја дадеме победата“ и „Влезете, влезете“.
Потпретседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ ја повика полицијата да ја напушти зградата и да „застане на страната на народот“.
„Нема да се судриме со никого, ја сакаме нашата правда“, рече тој.
Како реагираше владата?
На инцидентите реагираше српскиот претседател Александар Вучиќ кој во вонредното обраќање рече дека „никаква револуција во моментот не се случува“.
„Сакам да ви кажам да не се грижите. Иако сцените се драматични. Нема револуција во тек, ништо нема им појде од рака“, додаде тој.
„Се трудиме да не повредиме ниту еден од демонстрантите со мирна реакција. Присутни се 2490 луѓе, 1195 се обидуваат да влезат во Собранието. Некои покажаа дека насилството е единствениот начин за борба против противниците“, рече Вучиќ.
Одговарајќи на протестот, полицијата ги повика организаторите и учесниците на собирот „да не го нарушуваат јавниот ред и мир и да се воздржат од насилни обиди да влезат во зградата на Собранието на Белград, како и во другите заштитени објекти“.
Напоменуваме дека насилниот упад во заштитен објект подлежи на кривична одговорност и секој што ќе се обиде насилно да влезе во институции ќе биде кривично гонет согласно законот“, се додава во соопштението на МВР.
Граѓаните првично се собраа пред блиското седиште на Републичката изборна комисија (РИК). Просторот пред таа зграда веќе седум ноќи по ред е место на протести на граѓаните и опозицијата, по изборите на 17 декември.
„Овие избори се поништуваат“, изјави пред РИК носителката на листата „Србија против насилство“ Мариника Тепиќ, која од 18 декември штрајкува со глад во седиштето на изборната комисија.
Во штрајкот со глад во текот на неделата и се придружија уште неколку опозициски политичари собарање да се повторат изборите.
„Мораме да ги регулираме изборните закони, целиот свет виде кражба каква што никогаш не е забележана. Победивме во Белград, Белград е слободен град“, рече Миливојевиќ од Демократската партија.
Опозицискиот пратеник Александар Јовановиќ Ќута на демонстрантите пред РИК им порача дека „до крај“ ќе ја брани нивната изборна волја.
Демонстрантите носеа транспаренти, знамиња на Србија и на Европската Унија на протестот. Свиреа, а на протестот постојано извикуваа „крадци, крадци“.
Државниот врв и владејачката СНС ги отфрлаат критиките дека, покрај коалицијата „Србија против насилството“, критики доаѓаат и од домашни и странски набљудувачи и функционери.
Видете и ова: Руски служби и протести на српската опозиција - поддршка за Вучиќ и обвинувања против ЗападотРИК на 24 декември соопшти дека ресорните министерства ги проверувале избирачките списоци и утврдиле дека тврдењата на коалицијата „Србија против насилството“ дека бројот на гласачи со право на глас на изборите во Белград е вештачки зголемен со цел да се влијае на исходот на изборите „не се точни“.
Истиот ден претседателот Вучиќ изјави дека единствено институциите на земјата одлучуваат дали и кои избори ќе се повторат, со оценка дека гласањето поминало во демократска атмосфера и дека беше „најмирниот досега во модерната историја“.
Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на 18 декември објави дека изборите ги одбележале сериозни нерегуларности, злоупотреба на јавните средства, медиумска доминација на претседателот Вучиќ, негативна кампања и ширење страв.
Дел од европратениците повикаа на независна истрага за сите пријавени нерегуларности за време на изборите.
Соединетите Држави, исто така, ги повикаа властите во Србија да ги истражат наводите на меѓународните набљудувачи за изборни нерегуларности.
Граѓаните на Србија на 17 декември гласаа на парламентарни, покраински и локални избори во 65 градови и општини, вклучувајќи го и Белград.
СНС прогласи победа на сите нивоа.