На 8 мај ќе се гласа на двојни избори – падна договор на лидерската

Лидерска средба во Собранието, 4 декември 2023 г.

Сто дена пред овие избори ќе се формира техничка влада. И најголемата влајачка и најголемата опозициска партија се уверени во победа. СДСМ, веќе ги започнал партиските процедури за изборите – покрената е иницијатива за „европски фронт“ и постапка за избор на претседателски кандидат.

Осми мај е датумот кога во Северна Македонија ќе се гласа на парламентарни и втор круг претседателски избори. Претходно, на 24 април ќе се одржи првиот круг од претседателските избори.

Ова е исходот од лидерската средбата што се одржа денеска (4 декември) во Собранието, а која помина во сенка на случајот со исчезнувањето на девојчето Вања која по една недела трагање беше пронајдена убиена.

Лидерите на двете најголеми парламентарни партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, објавија дека за датумот постои широк консензус.

Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, со коалициските партнери, по лидерската средба.

„Морам да изразам задоволство што по 17 години повторно имаме редовни парламентарни избори, последните биле во 2006 година. Тоа значи дека владата успеала да креира дополнителна стабилност, извесност и предвидливост. Тоа е голем чекор по постоењето на заробена држава до пред само помалку од пред една декада“, рече Ковачевски по лидерската.

Мицкоски потврди дека се согласиле со датумите, но се пожали дека не се испочитувало правилото да нема интервенции во Изборниот законик шест месеци пред почетокот на кампањата.

Станува збор за измени согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, кои според најавите од Ковачевски, следниот период ќе бидат доставени до координаторите на пратеничките групи за да може да се изгласаат во Собранието.

Видете и ова: Ако изборите бидат на 8 мај, техничка влада во јануари, а распишување во февруари

На крајот на јануари техничка влада со премиер предложен од ДУИ

Договорениот датум за избори значи дека изборната кампања ќе почне на 4 април, а за овие избори ќе остане и техничката влада која треба да се формира 100 дена пред избори што значи на 27 или 28 јануари. Распишувањето на изборите, пак, ќе се случи на крајот на февруари.

На 100 дена пред избори, премиерот Димитар Ковачевски ќе си даде оставка, а неговото место ќе го заземе кадар предложен на ДУИ што беше коалициски договор на владините партнери којшто денеска Ковачевски рече дека ќе го испочитува.

Во техничката влада со министри за внатрешни и за труд и социјална политика, како и тројца заменици (за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и адиминстрација) предвидено е да биде застапена опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Со кои кадри партијата ќе ги пополни овие места, лидерот Христијан Мицкоски, рече дека како прашање ќе го отворат наредниот период на седници на Извршниот и Централниот комитет.

Тој посочи дека иако како партија барале да се укине техничката влада, која е резултат на Пржинскиот договор од 2015 година, сепак немало расположение за такво нешто кај власта.

Видете и ова: Реформа на изборниот модел - реалност или празни ветувања?


Почаа изборните верувања: Ковачевски формира „европски фронт“, Мицкоски ќе ја „трансформира“ Македонија

По лидерската средба, претседателите и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ зборуваа за изборните планови и испратија пораки до граѓаните за гласањето што треба да се случи за неколку месеци отсега.

Во редовите на социјалдемократите, според изјавата на Ковачевски, веќе започнале активностите. Вчера на седница на Извршниот одбор на партијата започнала иницијатива за формирање широк европски фронт во кој, партискиот лидер, ги повика да се приклучат сите партии, општествени чинители, невладини итн.

Исто така, започната е и постапка за избор на претседателски кандидат

„Европскиот фронт е коалицијата која ќе ја формира следната влада, ќе го предложи следниот претседател. Со претседателот и парламентарното мнозинство кое ќе победи на изборите во 2024 година Северна Македонија ќе биде земја што ќе биде следна земја членка на ЕУ“, рече Ковачевски.

Тој не даде прецизен одговор дали кога зборува за оваа широка коалиција мисли на условно помалите партии или на ДУИ и Алијанса за Албанците, туку порача дека во „неа е отворен просторот за сите партии“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по договорот за датум за избори.

Мицкоски исто така уверуваше дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите и најавува изборна понуда за трансофрмирање на земјава.

„Немаме можност за исправка за тоа што како одлука ќе го донесеме на 24 април, а потоа и на 8 мај. Ги повикувам граѓаните да застанат зад понудата која ќе ја трансформира Македонија во онаква држава каква што сакаме. Вистинска, европска која ќе нуди можност за сите граѓани“, рече Мицкоски.

Оваа лидерската средба започна околу пладне, на маса седнаа вкупно 22 претставници на политички партии од власта и опозицијата. Отсуствуваше само претседателот на Левица, Димитар Апасиев, кој кажа дека нема да се појави поради случајот со девојчето Вања.

Празното место во ДИК ја „избрка“ албанската опозиција од лидерската

Меѓутоа, кратко по почетокот на средбата, празни останаа уште три столчиња. Тројцата претседатели на партии од албанскиот блок Изет Меџити (Демократско движење), Билал Касами (Беса) и Африм Гаши (Алтернатива), кои се обединија под заедничкиот назив - Европски сојуз за промени, ја напуштија средбата.

Меџити рече дека го напуштиле состанокот, откако тоа претходно го направил претседателот на Собранието Талат Џафери кога се зборувало за тоа кој треба да го пополни испразнетото место во Државната изборна комисија (ДИК). На тоа место, како претставник на претходно опозициската партија Алијанса за Албанците седеше Кренар Лога, но тој ја напушти Комисијата кога неговата партија реши да влезе во Владата и тој беше избран за министер за правда.

Според Меџити и неговите коалициски партнери, сега ова место треба да им припадне ним, а не на Алијанса.

Биљал Касами, Изет Меџити и Африм Гаши по напуштањето на лидерската средба.

„Цениме дека господинот Џафери ова го одолговлекува долго време. Година време гледаме интенција да не се избере член и да не биде целосна ДИК што утре задутре може да биде причина некој да ги оспори и да се жали на изборите што влегуваме во друг непознат простор. Моментално соодносот е четири спрема два, позицијата има четири члена. Според законот три члена треба да има опозицијата. ВМРО е присутно во ДИК со двајца членови, а третиот треба да биде наш - на албанската опозиција да за да се исполнат законските услови“, рече Меџити.

Алијанса, пак, според изјавата на партискиот лидер Арбен Таравари, не попушта и сака да си го задржи местото во ова изборно тело.

„За член на ДИК одлучува народот на избори, кои партии земаат најголем број на пратеници. Алијанса за Албанците имаше осум пратеници и имаше член во ДИК. Изет Меџити тогаш беше дел од ДУИ и ДУИ сега има член на ДИК. Билал Касами беше на листа со СДСМ и тие имаат член во ДИК. Африм Гаши беше со нас и нашиот претставник е претставник на Алтерантива во ДИК“, рече Таравари.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, по лидерската излезе со став дека местото ѝ припаѓа на албанската опозиција и апелираше до парламентарното мнозинство комплетирањето на ДИК што поскоро да биде ставено на дневен ред во Собранието.

Освен да го добие местото во ДИК, Биљал Касами во име на албанската опозиција пред да ја напушти лидерската изнел и други барања. Едно од нив било изборите да се одржат на 14 април кога би се гласало во прв круг претседателски и 28 април кога би се одржале втор круг претседателски заедно со парламентарни.

Исто така, опозицискиот Европски сојуз за промени барал тие да ги добијат министерските места во техничката влада, како и да се овозможи дијаспората да гласа преку пошта или електронски.

Изборите в годинина, ќе бидат 11 парламентарни од осамостојувањето на државата, додека претседател ќе се бира по седми пат, вклучувајќи го и првиот од двата мандата на Киро Глигоров беше даден врз основа на избор од страна на Собранието согласно тогашните уставни решенија.