Во срцето на Дебар Маало, на аголот каде се сечат улиците „Орце Николов“ и „Мирослав Крлежа“, од крајот на минатата година има мурал на композиторот и диригент, Александар Џамбазов, насликан од артистите Драган Китановски- Драш и Марјан Димиќ- Мачка.
„Неговиот син, Игор Џамбазов, ни рече: 'Татко ми до последно, до пред да почине и вицеви кажуваше и знаеше да се шегува и не би сакал да е обичен портрет, туку повеќе како карикатура'“, вели Драш за уметничкиот предизвик за кој тој и колегата беа ангажирани од Општина Центар.
Една година претходно, во 2022, оваа општина го ангажираше уметникот и тату-артист Блаже Aтанасков- Нејмлес, за да наслика мурал на драматургот и писател, Горан Стефановски, по повод неговиот 70-ти роденден. Муралот е на фасадата на скопското основното училиште „Коле Неделковски“.
На скопски ѕид, белег остави и кумановецот Дејвид Стоилковски. Негов е муралот на македонскиот поет и писател, Блаже Конески, насликан на Кинотеката на Македонија, каде има и извадок од песната „Тишина“.
Во родното Куманово, пак, Стоилковски како дел од здружението „Форма Куманово“, го наслика еден од најголемите мурали во градот, со ликот на револуционерот Гоце Делчев, на објектот на гимназијата која го носи неговото име.
Кога се случи историскиот пласман на македонската фудбалска репрезентација на Европско првенство, во 2020, „Форма Куманово“ нацртаа мурал од голманот Столе Димитриевски.
„Тие направиле нешто за нашиот народ, за Македонија. И мислам дека настрана од некои секојдневни политики и глупости, некои битни нешта заслужуваат да се овековечат на таков начин“, вели младиот уметник Стоилковски.
Добро е да се мрдне со културните случувања надвор од главниот град, порачува илустраторката Емилија Мишева. Таа во своето родно Богданци, нацрта мурал со ликовите на актерите Ѓорѓи Колозов и Ванчо Петрушевски.
„Ми беше огромна чест да оставам еден таков спомен за великаните и тоа во градот од каде потекнуваат и од каде сум јас. Треба да се разиграат градовите и супер е да се активираат уметници кои се професионални, но и непрофесионални, но талентирани луѓе и да се оддаде почит“, изјави Мишева.
„Браво дечко, ни го разубави градот!“- вакви коментари слушал уметникот Ненад Тонкин, додека го цртал муралот на пејачката на изворни песни, Вања Лазарова, во центарот на Кратово, близу селото Страцин, каде таа е родена.
„Имаше толку многу добри реакции од граѓаните. Дури и ме честеа кафе, велејќи дека сум им го разубавил градот. Бидејќи тој ѕид изгледаше многу лошо, а центар на градот, буквално како да станав херој или еден почесен граѓанин на Кратово, а немам никаква врска со тој град. Моментот беше многу симпатичен“, се сеќава Тонкин.
Уметникот Горан Ристовски ги нацрта браќата Миладиновци и писателот Владо Малевски во Струга, а писателот Григор Прличев во Охрид. Негов е и муралот посветен на писателот Петре М. Андреевски, кој е роден во демирхисарското село Слоештица. Насловен е „Лицето на зборовите“, а насликан на северната страна од домот за култура „Илинден“ во Демир Хисар, во 2022.
„Муралите ги гледам како еден нов вид на споменици со кои се дава почит на некоја личност. Баш ме радува што последниве години кај нас доаѓа тој тренд, значи не сме нешто многу-многу задоцнети во тој поглед“, истакна Ристовски.
Има кој да црта, но некој треба и да помогне
Сите уметници со кои разговараше Радио Слободна Европа се согласни дека муралите како уметнички израз се убав начин за оддавање почит на истакнатите македонски граѓани.
Но, тие потсетуваат дека за да се продолжи со ваквиот тренд, освен уметнички порив, потребни се и слободни ѕидови, дозволи за цртање, дополнителна опрема ако стаува збор за поголем формат, а и пари за материјали.
Дел од овие мурали на истакнати личности се нацртани во рамки од проекти на Владата, дел на иницијатива и со поддршка од општините.
„Не е туку-така едноставно, има процедури. Има можности во ова денешно време, но навистина чинат. Се надевам на поголема поддршка и од општините, од државата, да има почесто проекти или јавни повици за да се зголеми овој тип на уметничко прикажување. Бидејќи уметноста станува многу подостапна кога е на јавен простор, а не е само во галерии или институции“, вели Ристовски.
Тешко е од финансиска и од логистичка страна, а уметничкиот порив е тука и секој што сака да работи, ќе го направи тоа лесно, потврдува Тонкин.
„Тоа се толку многу тешки логистички прашања кои би требало некоја општина или некоја поголема институција да ги поведе, да ги плати веројатно, за на крај да остане некаков убав печат како мурал кој ќе ја краси околината. А и не само тоа, туку да даде почит кон дејците кои оставиле голем печат, тоа е целата поента“, додава уметникот.
Добро е да се оддаде почит на истакнатите, но некогаш е доволно и само да има некаков цртеж, можеби со фиктивен карактер, за да се истакне порака, смета Драш. Според него, делови од главниот град изгледаат како да се живее во пост-апокалиптично Скопје, а ова може да се смени ако наместо сиви, има шарени ѕидови.
„Треба дали на општинско ниво или на ниво на град Скопје да има соработки со уметници. Секако се доаѓаат средства, дали од приватни фирми, дали од некои фондови на Европска Унија, па зошто да не го направиме Скопје поубаво за нас да биде? Постојат цртачи со вештини, но треба да се има малку повеќе слух за вакви нешта. Другиве балкански држави многу понапред се од нас. На пример и Белград и Софија имаат доста активна сцена за мурали и за графити во континуитет. Кај нас, ете така, скокови-падови има“, заклучува Драш.