Што сработила Финансиска полиција за предистрагата за Државна лотарија, знаат само во оваа институција. Обвинителството нема информација дали на нивна адреса е стигнато некакво известување или пријава од Финансиската полиција во однос на предистрагата. Како причина за тоа се наведува штрајкот на јавнообвинителската служба.
Од друга страна, од Финансиската полиција не одговараат дали такво известување или пријава досега воопшто и испратиле.
Основниот јавен обвинител од Скопското обвинителство, Гаврил Бубевски, вчера рече дека ги следи објавените написи за Државна лотарија, но, ни посочи одговори да бараме од Финансиската полиција.
„Постапките кои не се од итен карактер согласно закон, не можам да видам дали имам некакво известие бидејќи обвинителската администрација е во генерален штрајк. Можеби прашањето треба да го поставите во Финансиска полиција дали има изготвено соодветен извештај во однос на тоа за што беше повикана“, одговори обвинителот Бубевски на прашањето на РСЕ.
Претходно, во екот на објавените истражувања на РСЕ во втората половина од октомври, Обвинителството и порача на Финансиска да постапи, во спротивно, самото ќе отвори предмет за пишувањата за Државна лотарија.
„Управата за финансиска полиција како орган надлежен за откривање на евентуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава“, одговорија од ОЈО за РСЕ на 21 октомври.
Видете и ова: Ако не постапи Финансиска полиција, ОЈО ќе реагира за Државна лотаријаНецели десет дена подоцна, објавивме дека освен во Државна лотарија, инспекторите на Финансиската полиција, влегоа и во „Хеј ДООЕЛ“, компанијата која и рента деловни простории на Државна лотарија, за што склучиле и договор на 10 години во вредност од над 2,6 милиони евра.
Тогаш, од Финансиската полиција соопштија дека за „добиените пријави и сознанија на евентуално сторени инкриминирани дејствија од страна на одговорни лица во правните субјекти, ќе достават соодветен писмен поднесок до надлежниот јавен обвинител“.
Но, од тогаш до сега, молкот е единствениот одговор кој доаѓа од Финансиската полиција. РСЕ се обрати до институцијата барајќи и нови информации и одговори - кои сѐ дејствија ги имаат преземено досега. Дополнително, дали освен договорот за закуп на деловни простории од над 2,6 милиони евра, евентуално ја прошириле предистрагата и кон склучените договори за јавни набавки во Државна лотарија.
Хронологија на истражувањата на РСЕ
17 октомври - Промоцијата и маркетингот на Државна лотарија го работат компании чии сопственици се во блиски релации со сопствениците на издавачките куќи „Арбериа Десигн“ и „Арс ламина“, покажува истражувањето на Радио Слободна Европа.
Компаниите ги добиваат тендерите во временски период кога на чело на Управниот одбор на Државна лотарија застанува Перпарим Бајрами, поранешен вработен во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на Артан Груби.
Видете и ова: Тендери во Државна лотарија за блиски и роднини на „Арбериа“ и „Арс Ламина“18 октомври - Државна лотарија склучи договор за закуп на деловни простории во поранешниот ресторан за свадби „Фестина“ во вредност од 2,6 милиони евра. Новоформираната компанија се поврзува со политичката партија ДУИ.
Видете и ова: Државна лотарија закупи поранешен ресторан за свадби за 2,6 милиони евра26 октомври - По објавувањето на сторијата за закупот на деловни простор, компанијата „Хеј ДООЕЛ “врши промени на веб страницата и визуелно и во делот на сопственоста. Исчезна и Фејсбук страницата од социјалната мрежа. Од Обвинителството порачаа дека ако Финансиската полиција не постапи, самото ќе отвори предмет.
Видете и ова: Прикривање траги по аферата за Државна лотарија?1 ноември - РСЕ објави дека компанијата добива нов сопственик - Асмир Јахоски, сопственикот на „Пуцко петрол“. Управата за финансиска полиција извести дека за случајот со Државна лотарија веќе е оформен предмет и се наоѓа во фаза на предистрага.
Видете и ова: Газдата на „Пуцко Петрол“ стана нов сопственик на фирмата што ѝ рента простории на Лотарија за 2,6 милиони евра2 ноември - Со предистрагата која Управата за финансиска полиција ја отвори за Државна лотарија, покрај во акционерското друштво, инспектори од институцијата влегле и во компанијата „Хеј ДООЕЛ“, каде се извршени проверки на документацијата за склучениот договор за закуп на деловни простории тежок над 2,6 милиони евра.
Видете и ова: Освен во Државна лотарија, Финансиска полиција влезе и во фирмата „Хеј ДООЕЛ“21 ноември - последно во серијата истражувања на РСЕ се однесуваше на набавката на лотариски терминали од фирмата на деветнаесетгодишниот кумановец „АП Солутионс“ за сума од 204.825 евра.
Истражувањата во низа за финансиското работење на Државна лотарија предизвикаа големо внимание, a неколку медиуми објавија свои истражувања за други аспекти или личности вмешани во случајот со Државна лотарија.
ВМРО-ДПМНЕ и здружената албанска опозиција ги повикуваа „институциите да не молчат додека ДУИ го шири коцкарскиот бизнис со државни пари“.
Реакции имаше и од Асоцијацијата за спортски обложувања на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), здруженија кои кои членуваат најголемите спортски обложувалници и казина присутни во земјава.
Повик до истражните органи веднаш да реагираат по допрен глас за написите за Државна лотарија дојде и од вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.