Во 19 часот, заврши гласањето на двојните избори во Северна Македонија - парламентарните и вториот круг од претседателските.
Со затворањето на гласачките места, почнува и броењето гласови, а првичните резултати од Државната изборна комисија (ДИК) се очекуваат околу 23:30 часот.
Право на глас за шеф на државата имаа 1.814.317 граѓани, додека во Избирачкиот список за кандидатите за пратеници беа запишани 1.815.350 гласачи.
Според последниот пресек за излезеноста направен од ДИК, до 18:30 часот на парламентарните избори гласале 53,32%, а на претседателските 46,31%.
Ова покажува дека е постигнат цензусот од 40% излезеност за да бидат успешни изборите за шеф на државата.
„ДИК целосно ги спроведе сите изборни дејствија стого по закон. Посебен успех е затоа што ниедна од заинтересираните страни, од учесниците во постапката како што се политичките партии, граѓаните, невладините и меѓународните организации не ставија никаква примедба на гласачкиот процес“, изјави претседателот на ДИК, Александар Даштевски по затворањето на избирачките места.
Во вториот круг од претседателските избори се соочија двајцата со најмногу гласови од првиот, кога имаше вкупно седум кандидати. Од една страна актуелниот претседател Стево Пендаровски, поддржан од владејачкиот СДСМ и Коалицијата за европска иднина, кој бараше втор петгодишен мандат. Од друга страна, пак, негов ривал беше досегашната пратеничка Гордана Сиљановска-Давкова, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, која во првиот круг од изборите оствари убедлива победа со околу 180.000 гласа повеќе.
На парламентарните избори, пак, во борбата да освојат пратенички мандат во 120-члениот парламент, пак, беа 17 кандидатски листи поднесени од партии и коалиции. За парламентарни избори, Северна Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници, при што, според таканаречениот Донтов модел, се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие. Повеќето од партиите и коалициите за овие избори имаа кандидатски листи во сите шест изборни единици.
Кои се очекувањата на граѓаните?
Радио Слободна Европа во текот на изборниот ден посети неколку гласачки места во Скопје.
Со надеж дека тој ќе помине мирно и без инциденти, скопјанецот Димитар Горемџиски уште рано утрината излезе на гласачкото место 2610 во основното училиште „Владо Тасевски“ во скопско Козле. Гласаше и на двата избори. Од новиот претседател и новата Влада рече дека очекува решавање на „старите“ проблеми.
„Се надевам на подобри времиња, државата да се стабилизира и да се престане со корупција, што ни е најгорливиот проблем на државата. Младите да ни остануваат дома, да имаат поголема доверба во државата, да се поправи здравството, да се решат проблемите“, изјави Големџиски.
Забелешки за гласањето немаа и другите „утрински“ гласачи.
„Гледам дека е супер гласањето. Луѓето излегуваат, си гласаат, така што секој своја желба и волја“.
„Се беше во најдобар ред, за двата избори гласавме. Нека победи најдобриот“, велат анкетираните граѓани.
Екипата на РСЕ го посети и гласачкото место 2848 во ОУ „Гоце Делчев“, во општина Центар. Заменик-претседателот на избирачкиот одбор Томислав Стамболиќ забележува дека утрото имало помалку гласачи од истиот период во првиот круг од претседателските избори.
„Излезноста е малку помала од претходните избори. Но сите луѓе што дојдоа си гласаат без никакви проблеми и подеднакво и за претседателските и за парламентарните избори“, изјави Стамболиќ.
На пладне, отидовме во гласачкото место 2431 во ЦОУ „Дитуриа“ во општина Сарај каде што беше пораздвижено. Но, гласачите кои ги сретнавме тука, немаат големи очекувања од новата влада.
„Гласав, немаше проблеми, ама не очекувам ништо“, вели Зилфие Рамадани, жителка на Сарај.
„Само нека има мир, соживот и пари, па кој сака нека победи“, ни рече Екрем Адеми.
Видете и ова: Двојни избори - Двојна победаМирен изборен ден, без нарушувања на јавниот ред и мир
Во текот на денот, ДИК одржа неколку редовни прес-конференции за излезеноста, но и една вонредна на која ги опомена членовите на гласачките одбори задолжително да ги прашуваат гласачите дали ќе гласаат за претседателски или за парламентарни избори и тоа да го прават кон секој избирач. Ова следуваше откако од терен добиле информации дека членови на избирачките одбори не го почитуваат упатството за гласање на ДИК.
„Секој член на избирачки одбор ако не ги почитува законските одредби и го попречува гласањето ќе се казни со затвор до 3 години. Апелираме до сите членови на избирачките органи да се држат до законските одредби. Имавме пријави од неколку општини, па затоа го упатуваме овој апел и се надеваме дека избирачките органи нема да ги повторат истите грешки“, изјави потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху.
Од аспект на безбедносната состојба, денешниот ден помина стабилно, уверуваа од Министерството за внатрешни работи. Оттаму посочија дека досега нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое генерално се одвива мирно и без проблеми.
„Од отворањето на гласачките места до 11 часот регистрирани се две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за лепење плакати и расфрлани летоци на подрачјето на Чаир во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случаите. Исто така имаме пријави за агитирање во Тетово, Скопје, Куманово село Баница, струмичко и општина Боговиње, но по преземените мерки од страна на полициските службеници тие наводи до сега не се потврдени“, изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Денеска се гласа на над 3.400 избирачки места. Изборите ги следеа 1078 домашни и 770 странски набљудувачи.
Мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите имаше повеќе од 300 набљудувачи на гласачки места низ државава. Шефицата на мисијата Џилијан Стирк, денеска изјави дека заклучоците ќе ги соопшти откако ќе ги добијат резултатите од нивните набљудувачи распоредени низ државава, додавајќи дека мисијата на ОДИХР ги оценува изборите во согласност со меѓународните обврски и домашното законодавство.
„Избирачкото место каде што сме утрово е секако само едно од многуте во земјава. Ќе ги разгледаме другите резултати како што пристигнуваат од целата земја, а потоа ќе ги донесеме нашите заклучоци базирани на набљудувањата кои ни се обезбедени од нашите многубројни набљудувачи“, изјави Стирк по посетата на гласачко место во ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Центар.
Какви се роковите?
Шеф на државата со непосредно гласање денеска (8 мај) се избираше по седми пат, додека парламентарните избори беа 11-ти по ред 1990 година.
По изборите, идните пратеници треба да одржат конститутивна седница во рок од 20 дена или најдоцна до 28 мај.
Пред новите пратеници да влезат во собраниските клупи, според најавите од претходно, ќе се инаугурацијата на новата претседателка или староновиот претседател. Заклетвата тој или таа ќе ја даде пред стариот собраниски состав бидејќи новиот се уште нема да биде конституиран.
Актуелниот мандат на Стево Пендаровски истекнува на 12 мај кога тој ќе треба официјално да го започне и вториот мандат или да и ја предаде функцијата на Гордана Сиљановска-Давкова.
Откако ќе се конституира новото Собрание, Пендаровски или Сиљановска-Давкова, како претседател ќе биде должен во рок од десет дена да го додели мандатот за состав на идната Влада на кандидатот на партијата односно партиите што имаат мнозинство во парламентот.
Мандатарот потоа има 20 дена до Собранието да достави програма и предлог состав на новата Влада. Таа треба да биде изгласана со мнозинство гласови (61) од вкупниот број пратеници.