Во анкетниот лист, покрај недвижностите во станови вредни над еден милион евра, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска пријави и сопственост на компанијата „Sustainable services“ со седиште во Чешка.
Од 2018 година во периодот до пред да стане министерка, Сања Божиновска во биографијата наведува дека е „независен енергетски консултант во областа на енергетски проекти и инвестиции, проекти за соларни централи, работела на проекти за обновливи извори на енергија и дека основала фирми во Централно источна Европа и Западен Балкан“.
Видете и ова: Сања Божиновска - патот од професионална кариера до министерска премиераБожиновска во изминатиот период основала фирми. Но, лично нејзината чешка компанија која ја поседува, сепак, нема допирна точка со енергетиката.
„Фирмата е регистрирана според чешката легислатива на 1 октомври 2007 година и во нејзината дејност не влегува никакво производство ниту пак активности во доменот на енергетиката. Примарниот фокус на фирмата се консултантските услуги и недвижностите“, вели министерката Божиновска за РСЕ.
Нецели две недели пред да ја пријави компанијата во Државната комисија за спречување на корупцијата, Божиновска се повлекла од управител на компанијата, покажуваат документите кои ги обезбеди РСЕ. Промената е направена во Северна Македонија.
Со изјава заверена на нотар и со печат од чешката амбасада во Скопје, на 10 јули 2024 година, управителската функција на компанијата во Чешка, Божиновска му ја доверува на Томе Атанасов, сопственик на компанијата за мебел „Југоекспорт стил“.
Според јавно достапните информации, „Sustainable services s.r.o“ е регистрирана со неколку дејности во работењето - изнајмување, купување, продажба и управување на недвижен имот, трговија на големо и мало, советодавни и консултантски активности, подготовка на експертски студии и проценки. Компанијата го добила ова име на почетокот на јануари 2024 година.
Претходно, од денот кога фирмата е регистрирана во октомври 2007 година до пред шест месеци го имала називот SBMK reality, spol. s.r.o., а основачкиот влог на фирмата бил 200.000 круни или 482.106 денари.
„Божици“ хулахопки
Адресата на компанијата „Sustainable services s.r.o“ е во Чешка, на улицата Вархулкова 1582/24 е наведена како контакт на седиштето на брендот за биоразградливи хулахопки „Божици“.
Според објавите во чешките медиуми, Сања Божиновска започнала свој моден бизнис, сакајќи да воведе иновативен пристап во производството на облека за жени. Нејзината идеја била на пазарот да понуди биоразградливи хулахопки и чорапи кои се распаѓаат за три до пет години, за разлика од класичните чиј период е речиси еден век. Барем така самата Божиновска го претставила брендот пред чешката јавност.
„Хулахопките се елегантна работа, но и извор на фрустрација за многу жени. По две-три носења, хулахопките завршуваат во ѓубре. Што е исто така нееколошки, бидејќи на обичните хулахопки им требаат сто години за да се разградат. Сето ова сакаше да го промени Сања Божиновска. И измислила хулахопки, трајни хулахопки од разградлив материјал, кои исто така не ја чешаат кожата“.
Ова е воведното претставување во интервјуто објавено на 30 октомври 2023 година на Сања Божиновска и брендот „Божици“ (Božonky) во чешкиот „Репортер магазин“, каде самата наведува дека брендот претставува своевиден одговор на пазарот каде недостасуваат хулахопки со подолг рок на траење и притоа се направени од еколошки материјали. Божиновска во интервјуто раскажува како започнала идејата за бизнис и како брендот го добил своето име „Божици“.
„Седев во кафуле со пријател и други познаници, а една госпоѓа ни кажа дека тоа се „божествени хулахопки“. Затоа решив дека тие ќе бидат „Божици“. На почетокот ми изгледаше малку чудно, бидејќи се презивам Божиновска. Но, на крајот помислив зошто да не. Така ќе биде скратеното име на божествените хулахопки и од моето презиме“, одговара Божиновска во интервјуто.
Во однос на пласманот на пазарот, Божиновска кажува дека продажбата се зголемува со почетокот на есента, бројот на клиенти дека се зголемува и се планира продажбата да се прошири и во Словачка.
Во артикл објавен во август 2022 година на веб страницата на „Божици“ (bozonky.cz), Камила Водочодска, која е наведена како ко-основач на брендот, наведува дека до тој момент, производството на хулахопките се одвива во Северна Македонија, а во иднина би сакале да го преселат во Чешка.
Божиновска тврди дека нема бизнис со биоразградливи хулахопки
РСЕ уште на 5 август 2024 година испрати прашања до министерката Божиновска за производството на брендот „Божици“, дали нивната изработката се уште се одвива во Северна Македонија или целосно е преселено во Чешка?
Министерката Божиновска во одговор за РСЕ вели дека во нејзината компанија „Sustainable services“ не влегува никакво производство ниту пак активности во доменот на енергетиката и дека примарниот фокус на фирмата се консултантските активности и недвижности. Божиновска вели дека од 2007 година до 2024 година, фирмата нема никакви трансакции со Северна Македонија.
Таа негира дека нејзината компанија врши какво било производство на биоразградливи хулахопки и дека бизнисот не е нејзин, туку на нејзини пријатели од Северна Македонија.
„Мои пријатели имаа идеја за ширење на бизнисот од Македонија и сакав да помогнам во нивната намера преку мојата компанија во Чешка бидејќи сум поборник за еколошки органски и биоразградливи продукти. Македонски производ преку Чешка да стигне во Европа. Помошта се однесуваше на помагање на бизнисот оваа година со поставување на интернет страница за продажба и промовирање на брендот. Од наредната година веќе самите ја продолжуваат оваа приказна“, вели Божиновска во одговор до РСЕ.
Но, министерката за енергетика Божиновска не кажува која е таа фирма во Северна Македонија и чиј е тој бизнис за производство биоразградливите хулахопки.
Ваквиот став на Божиновска се коси со информациите споделени во интервјуто во чешкиот „Репортер магазин“ во кое говори за целиот производствен процес на брендот. Дополнително, самата Божиновска во објава на сајтот bozonky.cz лично ги промовира хулахопките на штанд на настан во Чешка.
„Најголемиот и најпосетуван викенд настан во Чешка, каде не само што можете да ги видите делата и дизајнот на авторот, туку и да ги купите. Ова е изборно продажно шоу и Božonky беа дел од пазарот на 12-ти и 13-ти декември 2021 година“, пишува како дополнување на фотографијата.
Хулахопките достапни онлајн
„Божици“ ги рекламира своите производи во различни бои и дезени на официјалната веб – страница како и на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм.
Помеѓу понудата на чорапи (до колена) и хулахопки, споделено е и интервјуто на Божиновска каде го промовира брендот „Божици“.
Проверката на Фејсбук страницата на „Bozonky.cz“ покажува дека е креирана на 6 септември 2021 година. Податоците од социјалната мрежа откриваат дека во моментов страницата на брендот ја управуваат тројца луѓе - двајца од Северна Македонија и еден профил од Чешка.
Во професионалното портфолио Божиновска нема споделено дека има искуство или активен бизнис во модната индустрија. Во македонската јавност е претставена исклучиво како долгогодишен експерт од областа на енергетиката.
„Сања е исклучителен експерт и европски експерт и сум среќен што ја имам како соработник во мојот тим“, изјави на 1 јули премиерот Христијан Мицкоски.
На 26 јули, РСЕ објави дека македонските институции - Комисијата за заштита на конкуренцијата, Царинската управа и МЕПСО имаат покренато три различни постапки за прекршување на законите и тоа за „Руднап ДООЕЛ Скопје“, фирма ќерка на српската „Руднап Груп“, каде Божиновска била нејзин извршен директор и за „ЕНГ Сервице Траде“, македонска фирма во која Божиновска била една од двајцата сопственици.
Во 2017 година, државната МЕПСО објави дека фирмата на Божиновска „ЕНГ Сервице Траде“ направила долг од 700 илјади евра за преземена, а ненаплатена електрична енергија.
Од МЕПСО рекоа дека за „ЕНГ Сервице Траде“ е активирана е банкарска гаранција, а доспеаните и неплатени фактури се директно дадени на извршување кај надлежен извршител. Но, ниту државната компанија, ниту Божиновска не открија дали е подмирен долгот.