Со минимална плата која во моментов изнесува 367 евра, Северна Македонија и натаму е меѓу земјите со најниски минимални примања во Европа. Главните причине за тоа според економски експерти се бавната реализација на инфраструктурните и други капитални проекти, но и привлекувањето на странски инвестиции.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) деновиве побара Владата во првите 100 дена да ја зголеми минималната плата на 450 евра, наведувајќи дека таа е најниска во регионот и премалку за да овозможи достоинствен живот на работниците.
Иако бизнис заедницата реагираше дека не може да издржи зголемување, а Владата одговори дека е подготвена да разговара, според економски експерти со кои разговараме, барањата на синдикатите се легитимни, а покачувањето е особено важно за да го забави забрзаното иселување на младите.
Видете и ова: Работниците протестираа за повисоки плати и почитување на нивните праваКапитални инвестиции за економски раст и повисоки плати
Економскиот аналитичар Арбен Халили вели дека главните причини поради кои Северна Македонија има пониски минимални плати, споредено со регионот, се дека земјата заостанува во делот привлекување на странски инвестиции, но и во спроведувањето на капиталните инвестиции.
„Во Црна Гора и Албанија само последните недели неколку клучни инфраструктурни проекти се пуштени во употреба кои директно ќе влијаат во развојот на целото стопанство. Се развива патната инфраструктура, а истовремено многу компании се ангажирани во тие проекти. Импактот од тоа е голем врз туризмот и врз другите сектори “,вели Халили за Радио Слободна Европа.
Од ССМ велат дека покачувањето на минималната плата треба да ја заштити најранливата категорија граѓани, исто така посочуваат дека со тоа треба да се спречи одливот на работна сила во земјите од регионот.
Оттаму посочуваат дека минималната плата во Црна Гора изнесува 450 евра, Србија 423 евра, Босна и Херцеговина 450 евра, Хрватска 840 евра (бруто), Словенија 1.253 евра (бруто), а Албанија 385 евра.
„Потсетуваме дека Минималната плата во Македонија изнесува 22.567 денари (367 евра) и сè уште е најниска во регионот“, велат од ССМ. Владата на повиците на синдикатите одговори дека е подготвена да разговара за покачување, но дека во моментов состојбата е дека недостасуваат пари во буџетот.
Видете и ова: Одливот на мозоци чини стотици милиони евра, државата спиеТрошоците за живот се големи, 450 евра се малку
Но, и економските аналитичар Бранимир Јовановиќ смета дека минималната плата „апсолутно мора да расте.“ Тој додава дека и покрај покачувањето од последниве неколку години, минималната плата во земјава се уште е ниска.
„Во мај синдикалната кошничка беше нешто над 60 илјади денари, што значи дека минималната плата е само 38 проценти од нејзината вредност, што е просто прениско. Минималната плата треба да изнесува барем 50 проценти од кошничката. Не мора да се покачи на тоа ниво веднаш, може да се направи во година-две, ама тоа треба да биде целта. Така што би кажал дека барањето на синдикатите за минимална плата од 450 евра е дури и благо и дека треба да се бара повеќе“, вели Јовановиќ.
Тој објаснува дека Србија и Црна Гора имаат повисоки плати бидејќи се поразвиени и имаат повисок Бруто домашен производ по глава на жител, иако смета дека во суштина нема големи разлики во регионот.
„Платите секаде се ниски, и просечните и минималните, а сиромаштијата е висока“, вели Јовановиќ.
Податоците на Светската банка од изминативе години покажуваат дека во земјава и натаму има илјадници луѓе кои живеат во сиромаштија.
Во студијата се вели дека 2023 година завршила со 86.405 луѓе кои живеат екстремна сиромаштија и дека 519.452 умерено сиромашни. Поповолното сценарио за истата година предвидело да има 70.084 екстремно сиромашни и 439,022 кои живеат во умерена сиромаштија.
Буџетот во лоша состојба
Во оваа насока синдикатите велат дека платите на работниците се зголемуваат со забавено темпо, несоодветно за инфлацијата, за разлика од функционерите кои со обезбедиле „енормни и незаслужени 78 проценти.
Премиерот Христијан Мицкоски на повиците на синдикатите одговори дека е подготвен да разговара за зголемување на минималната плата, но посочи дека буџетот се наоѓа во лоша состојба.
„Недостасуваат 2,5 милијарди денари за редовна исплата на пензиите наспроти ова што претставува дополнително зголемување што го најавивме и ветивме, тогаш можете да сфатите за што станува збор “, рече Мицкоски.
Со растот на инфлацијата во последниве две-три години минималната потрошувачка кошничка за четиричлено семејство достигна над 60 илјади денари, со што двајца вработени со минимална плата не можат да ги покријат месечните трошоци.
Видете и ова: Партиите лицитираат со плати, работниците сакаат достоинствоПокачувањето ќе биде проблем за малите фирми
Но, од бизнис заедницата велат дека ако има покачување мора сите да бидат вклучени во преговорите, бидејќи како што велат одредени бизниси можат да издржат покачување, но има и фирми за кои ќе биде проблем.
„Ние се грижиме за микро и малите компании кои навистина не можат да ја издржат честата промена на минималната плата. Тоа е проблем особено во намален обем на бизнис, намалено барање на работници или намалена продуктивност. Знаме сите дека во март се менува минималната плата, а замислете сега уште 10-15 отсто да се зголеми на пример во септември или октомври“, вели Миле Бошков од Бизнс Конфедерацијата на Македонија.
Сепак, Јовановиќ вели дека буџетот со сигурност може да издржи покачување, кое нема да му штети туку, смета дека ќе биде добро за него, бидејќи покачувањето ќе ги зголемува приходите од данокот на личен доход, но и од ДДВ затоа што луѓето повеќе ќе трошат. Тој е убеден дека и фирмите исто така без никаква дилема можат да издржат повисока минимална плата, наведувајќи дека профитите само малку ќе им се намалат, но нема да паднат на нула со оглед дека само во последниве две години ги зголемиле поради високата инфлација.
Експерите, синдикатите, владата и работодавачите ги судираат аргументите за зголемување на минималнта плата: од една страна се нагласува потреба на луѓето кои примаат минималец да добијат зголемување кое ќе може да одговори на реалните трошоците за живот и инфлацијата, додека владата и работоддавачите ја изразуваат загриженоста за финансиската изводливост.
Но, едно е јасно за да пораснат платите во Северна Македонија треба да се поттикнат услови за економскиот раст којшто ќе даде видливи придобивки за сите граѓани.