Зголемување на основните млечни и месни производи за 40 проценти споредено со минатата година, покажала анализата направена од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), која се очекува да биде објавена следната недела, со донесувањето на владините мерки за намалување и замрзнување на цените.
Од Државниот пазарен инспекторат велат дека зголемување на цените има и кај овошјето, додека забележано е намалување на цената на маслото за јадење. Податоците се добиени врз основа на влезните и излезните фактури од маркетите.
Следната недела се очекува да биде донесена мерка за намалување на цените на повеќе од 50 основни прехранбени производи за над 10 проценти, кои потоа ќе бидат замрзнати, како што изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
„По конструктивна дебата со најголемите супермаркети во земјава заеднички се согласивме дека има простор за намалување на цените на основните прехранбени производи и како добра волја и како општествено одговорни компании тоа го прифатија“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши откако одржа состанок со претставници на најголемите супермаркети.
Видете и ова: Министерството за економија најави замрзнување на цената на хранатаПериодов најголем раст има на цените на млечните производи според официјалните статистички податоци. Најави доаѓаат и за поскапување на лебот, а граѓаните се жалат дека половина плата трошат за храна и пијалаци, како што покажуваат и податоците од синдикалната потрошувачка кошничка. Двоцифрената инфлација во земјава трае скоро две години.
Со владината одлука најавено е дека ќе бидат опфатени над 50 прехранбени производи, од кои 90 отсто од нив се даночат со 5 проценти ДДВ, а останатите со 10 проценти, велат од Министерството за економија.
Ќе се воведе забрана за акции и промоции на производи, а на маркетите ќе им биде дозволено акциски да ги намалат цените само на производите на кои им истекува рокот, рече Бектеши.
Но, пресметките покажуваат дека и со најавените 10 проценти намалување, граѓаните повторно ќе купуваат за една третина поскапи производи, во услови на континуирано намалување на цените на храната на светските берзи.
Адеми - Мерката е популистичка
Мерката е повеќе популистичка и нема да го даде посакуваниот ефект, вели економскиот аналитичар Висар Адеми. Тој го критикува најавеното замрзнување на цените на производите во услови на пазарна економија.
„И првиот пат беше популизам и сега е популизам. Владата најавува замрзнување на цени, а пред еден месец објави дека кризата завршила. Замрзнувањето и првиот пат не даде некаков ефект, затоа што само дел од големите ланци на супермаркети ја применуваа мерката. Другите живееја, како што се вели во економијата на „Фрирајдинг“ – не ги намалија цените, бидејќи инспекторатот не реагираше. Ако се прави ваква мерка, треба да има силна имплементација и таа треба да биде во целиот ланец на снабдување на производи“, вели Адеми.
Видете и ова: Сите посочуваат виновник за високите цени, никој не го санкционираНајави за строги казни и затворање
И додека се чекаат официјалните податоци за високиот раст на цените, причината за зголемувањето министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски ја гледа во трговците. Тој рече дека токму тие ги наметнуваат високите цени на грбот на граѓаните, објаснувајќи дека откупната цена на млекото се движела околу 30 до 32 проценти, а дека со разликата на цената трговците профитираат на грбот на граѓаните.
„Токму затоа се овие остри реакции и Владата во вторник ќе донесе пакет на мерки со коишто ќе се ограничат цените на основните прехранбени производи, заради тоа што драстична разликата помеѓу растот на светските берзи на храната и растот којшто го имаме ние на рафтовите во маркетите, односно цената којашто ја плаќаат граѓаните“, рече Николовски.
Какви се приходите и профитите на маркетите?
Сите поголеми маркети, меѓу другото се регистриран и како трговци. Додека се чекаат податоците од официјалните анализи на државата, Радио Слободна Европа направи пресметки од податоците што ги прикажале маркетите во Централниот регистар.
Пресметките покажуваат дека сите поголеми маркети, освен „Тинекс“, во 2022 година имале поголеми приходи од пандемиската 2021 година, според пресметките кои ги направи Радио Слободна Европа од податоците што ги прикажале маркетите во Централниот регистар. Но и покрај зголемените приходи, лани имаат помала добивка во споредба со годината претходно.
Во 2022 година, најмногу приходи има ланецот маркети „КАМ“, додека, пак, најмногу профит има „Веро“ од речиси 9,2 милиони евра.
Тинекс, пак, која во 2021 била на 19-то место од топ 100 најуспешни фирми, лани заработила околу 460 илјади евра, за разлика од 2021 година кога има добивка од 2,5 милиони евра.
Министерот Бектеши и премиерот Димитар Ковачевски, се заканија со остри казни и затворање на фирмите кои нема да ги почитуваат мерките. Но, за заострување на казните, прво е потребно е да се промени Законот за нефер трговски практики.
Од ДПИ велат дека се очекува законот да биде донесен по брза постапка со европско знаменце и со тоа оваа институција да добие повеќе ингеренции за вршење на контроли и казнување.
Видете и ова: Ковачевски за поскапувањата: Ќе има интервенции во делот на маржитеОдлуката за намалување на цените се очекува да биде предложена на следната владина седница, кога ќе биде објавена и анализата за растот на цените подготвена од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) на барање на Министерството за економија.
Намалувањето на цените Владата треба да го формира со земање на одреден датум и цена на основните производи и врз основа на тоа да го одреди намалувањето.
По владината одлука, потоа контрола ќе прави Државниот пазарен инспекторат дали производите ќе се продаваат според цените одредени со одлуката на државата.
Ако забележат прекршување, ќе изрекуваат казни и во зависност од прекршокот, може да има и затворање на компаниите, велат од ДПИ.
Во периодот на кризата граѓаните најмногу беа погодени од трошоците за храна, поради што државата во неколку наврати ги одмрзнуваше и замрзнуваше цените на основните производи.
Последната мерка за замрзнување беше од 1 јули, бидјеќи Владата одлучи да престане замрзнувањето на маржите на основните прехранбени производи - лебот, шеќерот, јајцата и млечните производи. Со тоа производителите и трговците беа ослободени сами да ги утврдуваат според пазарни услови.