Веста за влегувањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави доаѓа во време кога во Државната комисија за спречување на корупцијата веќе работат на нов предмет поврзан со него. Членот на ДКСК, Катица Николовска ни изјави дека предметот е се уште во фаза на обработка, не откривајќи за какви дејствија станува збор.
За името на Рамиз Мерко, кој во три мандати управува со општина Струга се врзуваат многу афери и обвинувања за корупција. Но ниту една не добила судска завршница.
За него постапка во 2019 година предмет отвори токму ДКСК за набавка на службени автомобили во вредност од 114.000 евра, меѓу кои беше и луксузниот марка „Ауди А6“ вреден речиси 67.000 евра. ДКСК иницираше кривична постапка за набавката до надлежното јавното обвинителство, но, таа беше отфрлена.
„Она што сега ние ќе го направиме е да ги анализираме сите предмети без разлика на нивниот статус дали се затворени или се во тек и ќе анализираме што била причината за враќање и непостапување на јавниот обвинител и во соработка со Републичкото јавно обвинителство ќе видиме понатаму што ќе правиме и какви ќе бидат нивните предлози“, вели Катица Николовска, член на ДКСК.
Според информациите на „Радио Слободна Европа“ и Управата за финансиска полиција во изминатите осум години, има поднесено две кривични пријави против Рамиз Мерко. Кривичните пријави датираат од 2015 и 2017 година. Но, дали и до која фаза се стигнати, до сега нема никакви информации.
Во услови кога американските институции детектираат корупција кај политичарите наместо домашните правосудни институции, Радио Слободна Европа побара, но, не доби одговори од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, дали негде затаила нивната работа. Без повратна информација останавме и на прашањата за евентуални поранешни или актуелни предмети кои се однесуваат на струшкиот градоначалник. Но, и дали по допрен глас ќе покренат некаква истрага по наводите од Стејт департментот.
Единствено Судскиот совет најави денеска дека ќе формира работна група која ќе го посети Судот во Струга и допрва ќе ги проверува наводите на американскиот Стејт департмент.
Координаторот за антикорупција на Стејт департментот Ричард Нефју, во интервју за албанската редакција на „Гласот на Америка“ рече дека не може да се споделат повеќе детали зошто градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, е ставен на американската црна листа. Но дека американскиот државен секретар имал веродостојни информации кои сугерираат дека Мерко бил вмешан во голема корупција.
Видете и ова: Ескобар - Се надевам дека санкциите од САД ќе ѝ помогнат на Северна Македонија во борбата против корупцијатаСтрушкиот градоначалник, Рамиз Мерко, неговата сопруга Шпреса и трите нивни деца Генц, Назмије и Дренуше од 20 јуни и официјално добија забрана за влез во Соединетите Американски Држави. Семејството Мерко се најде на американската „црна листа“, бидејќи Стејт департментот наведе дека има силни докази дека струшкиот градоначалник бил вмешан во голема корупција, присвојувал пари и се мешал во судски и други јавни процеси, нанесувајќи штета на демократските процеси во земјава.
Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер најави проширување на „црната листа“ со нови функционери во иднина.
Видете и ова: Агелер – На црната листа на САД ќе се најдат и други лица„Не би можела да кажам точно за временските рокови кога ќе се реализираат сите процеси, ова е процес кој се спроведува со големо внимание и САД имаат сериозен пристап кон ваквиот процес. Секогаш кога има докази за корупција сметаме дека народот на Северна Македонија треба да имаат избрани претставници на кои ќе им веруваат и тука завршува ангажманот на САД“, изјави американската амбасадорка Агелер.
Колкав имот пријавил Мерко?
Се обидовме да добиеме изјава и од струшкиот градоначалник, но тој не одговори на нашите повици.
Според пријавениот анкетен лист доставен до Државната комисија за спречување на корупцијата, Рамиз Мерко пријавил имот вреден 42. 293. 850 денари или 684. 704 евра. Во оваа сума не влегуваат девизната и денарската сметка, за кои навел дека се променливи. Имотот на Мерко вклучува куќа, стан, шума, земјоделски земјишта, деловен простор и кирија од него и побарувања по основ на заеми.
Иако во јавноста е познат како „Универзитетот на Мерко“, сепак, тој е во делумна сопственост на неговиот син. Меѓународниот Универзитет во Струга е во сопственост на компанијата Еуро Колеџ 2007 година, чии сопственици се Ганц Мерко, кој е негов син и Армен Кадриу, кој се води како професор во институцијата. Генц Мерко се појавува како сопственик и на компанијата „“ТД Гламур-2013 ДООЕЛ Струга“ чија дејност е трговија на мало со текстил.
Меѓународниот Универзитет во Струга беше во фокусот на јавноста во 2018 година, кога просветни инспектори се упатија да ги проверат сомневањата дека стотици студенти и професори на Универзитетот се без нострифицирани дипломи. Меѓу нив, се спомнуваше и името на самиот Мерко. Но, просветните инспектори беа вербално нападнати и избркани.
Семејството Мерко се наоѓа на „црната листа“ на САД во друштво на семејствата на поранешниот премиер Никола Груевски и екс шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, како и Љубе Бошковски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени.