Еден месец до полагањерто на државната матура, подготовките во училиштата ширум Северна Македонија веќе течат, а минатата сабота се одржа симулација за тоа како би изгледало полагањето на учениците во голем простор – училиштен хол, ходници и спортски сали.
Токму ваквиот начин на тестирање претставува и новиот момент во полагањето на државната матура оваа година – наместо во посебни училници со 15 матуранти во секоја од нив, од годинава, со цел да се спречи препишување, матурата за првпат ќе се полага во поголеми простории со кои располагаат училиштата.
Пробна матура минатата сабота полагаа учениците од средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје, а Билјана Михајловска директорката на државниот испитен центар (ДИЦ), кои се организатори на матурата, за РСЕ рече дека намерно го избрале медицинското училиште за оваа симулација бидејќи е едно од оние кои имаат најголем број на матуранти – дури 594.
„Направивме проба на она што е ново – како би изгледало полагањето во голем простор. Ние бевме изненадени бидејќи дојдоа над 90 проценти од учениците за и самите да видат како би изгледал тој процес. Им дадовме еден час да напишат есеј на македонски и албански јазик, а потоа ќе им дадеме и повратна информација за да знаат дали ја погодиле структурата, дали добро размислуваат, но тоа не е есејот кој ќе го добијат на реалната матура“, изјави Михајловска.
Видете и ова: Наместо во училници, државната матура ќе се полага во холови и спортски салиДиректорката објаснува дека пробната матура поминала во најдобар ред на терен, па таа уверува дека на овој начин шансите учениците да препишуваат се драстично помали.
„Ако до лани еден тестатор се грижеше за 15 ученици сместени во посебни училници, сега во иста поголема просторија, каде може да има и до 200 ученици, секој тестатор повторно ќе биде одговорен за 15 ученици, но ќе има прилика да го следи однесувањето и на другите кои полагаат, а кои технички не се во негова надлежност. Со ова, не дека е невозможно, меѓутоа многу е помала веројатноста да има препишување“, истакнува Михајловска.
Инаку одлуката на Министерството за образование и наука (МОН) матурата да се полага во холови, ходници и спортските сали на училиштата доаѓа по минатогодишниот скандал – матурскиот испит по англиски јазик набргу по почнувањето на тестирањето беше споделен во вибер група со во која членувале 7.000 матуранти.
Видете и ова: Матурските прашањата по Англиски јазик се појавија во Вибер групаИако се размислуваше, сепак, во овие простории каде ќе се полага матурата нема да се воведат блокатори на сигнали за мобилните телефони, но од ДИЦ истакнуваат и дека без разлика на тоа дали има блокатор или не, матурантите воопшто не смеат да користат електронски уреди за време на испитот.
Матурантите пред пет месеци добиле прашања за да се подготват
Претседателот на Сојузот на средношколци во земјава Берин Мухамед вели во периодот од септември до декември матурантите воделе дебати и разговори за полагањето на државната матура во повеќе градови ширум земјава.
Собраните предлози од матурантите од повеќе градови, Сојузот на средношколци го доставил до Министерството за образование и наука, од каде дел од нив биле прифатени, а во однос на прашањата за матурските испити од МОН им било кажано дека ќе добијат по 500 прашања со одговори.
Видете и ова: Павиќевиќ: Препишувањето на матурскиот тест е пропаст на колективната свест„После нова година добивме по 500 прашања со одговори за секој предмет. Сепак, иако од МОН ни рекоа дека на матурскиот испит токму од тие 500 прашања 30 идентични ќе добиеме и на испитот, од ДИЦ посочија дека тоа не е возможно согласно закон, туку дека ќе добиеме слични прашања“, истакна Мухамед.
Тој вели дека иако барале, матурантите на крај се согласиле на матурскиот испит да добијат слични прашања, а не идентични со оние кои им се дадени да ги научат.
Матурантите всушност добија по 500 прашања од предмет кои пак се збир на сите прашања кои од 2016 до 2023 им се паѓаа на самиот матурски испит.
„Ако матурантите седнат и ги совладаат овие вежби и прашања од претходните матури, тогаш гарантирам дека тие ќе бидат беспрекорно подготвени“, објаснува Михајловска.
Директорката на ДИЦ вели дека не е возможно матурантите на испитот да добијат исти прашања со оние кои претходно ги добиваат за да се подготват за матурата, бидејќи вели дека на тој начин паѓа квалитетот на самото тестирање.
Видете и ова: Штрајкот на Државниот испитен центар продолжува, државната матура неизвесна„Со такво објавување на прашањата ние практично ја правиме матурата неупотреблива на светско ниво, бидејќи како што сега вака ни е поставена, нашите ученици без проблем се запишуваат на факултетите каде било во светот бе приемен испит, затоа што нашата матура е валиден испит. Со овој пристап ќе ја направиме невалидна“, додава Михајловска.
Таа посочува и дека согласно закон, во ДИЦ постои одредба што се однесува на тајност на материјалите, што значи дека доколку матурантите на испитот ги добијат прашањата и одговорите во кои веќе имале увид, се прекршува и ова правило.
Најмногу пријавени за полагање матура од Средните стручни училишта
На први јуни вкупно 14.592 ученици во Северна Македонија ќе полагаат државна матура по некој од мајчините јазици – македонски, албански и турски, додека 14,791 ученици на 8 јуни ќе полагаат по предметите математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија и естетика.
Македонски јазик пак годинава ќе полагаат 10.088 ученици, албански 4.189, а турски јазик 315 ученици. Кога станува збор за екстерниот испит – 13.198 матуранти ќе полагаат англиски јазик, 37 ученици француски, германски 114, а руски јазик годинава ќе полага еден ученик. За предметот филозофија, како и за руски јазик, исто така се пријавил само еден матурант, додека предметот естетика ќе го полагаат 84 матуранти.
Видете и ова: Ќе се олесни полагањето државна матураСпоред официјалните бројки на ДИЦ, најголем број пријавени ученици за државна матура има од средните стручни училишта ширум земјава – вкупно 8.230. Потоа следуваат гимназијалците – 6.341 ученик, па потоа матурантите од средните уметнички училиште – вкупно 263 ученици.
Овие бројки до некаде се совпаѓаат и со оние од минатата година кога исто така најголем број ученици кои полагале државна матура доаѓале од средните стручни училишта – 8.598, додека лани државна матура полагале уште и 6.750 гимназијалци и 272 ученици од средните уметнички училишта.
За полагањето на училишна матура пак, учениците се пријавуваат во самите училишта, кои потоа треба таа бројка да ја достават до ДИЦ и МОН, но засега се уште не е познат пријавениот број на матуранти кои годинава ќе полагаат училишна, наместо државна матура.