„Потклекнатата“ германска економија доживува тежок почеток на годината откако земјоделците започнаа национални протести против плановите на владата да ги намалат субвенциите на дизел, а машиновозачите планираат повеќедневни штрајкови поради споровите поврзани со платите.
Зошто?
Германската економија, инаку најголема во Европа, беше всушност најслаба меѓу најголемите економии во еврозоната минатата година, бидејќи високите трошоци за енергија, слабите глобални нарачки и рекордните високи каматни стапки го земаа својот данок.
Потоа, владата во Берлин претрпе голем удар во ноември кога Врховниот суд во земјата го отфрли предлогот за буџет во 2024 година, предизвикувајќи политичка дебата за тоа како да се пополни недостатокот за финансирање од 17 милијарди евра.
Исто така и долгорочните проблеми со работната сила и инфраструктурата остануваат нерешени.
Меѓународниот монетарен фонд предвидува дека Германија ќе биде единствената во рамките на групата најразвиени економии Г7 што доживеа економски пад минатата година, т.е. се очекува да порасне за 0,9 проценти или да остане далеку под просекот од 1,4 проценти во однос на другите напредни економии во светот во 2024 година.
Потсетуваме на некои предизвици со кои германската економија ќе се соочи оваа година.
Протести
Коалицијата на канцеларот Олаф Шолц ги ублажи предлозите во набрзина преработениот буџет за намалување на субвенциите за дизелот. Сепак, претседателот на германската асоцијација на фармери рече дека тоа не е доволно и останува на ставот дека треба да се организираат масовни протести неделава.
Во понеделник заврши паузата на протестите поради божиќните празници, прогласена од Синдикатот на машиновозачите (ГДЛ).
Видете и ова: Германските земјоделци со трактори го блокираа БерлинСиндикатот планира повеќедневен штрајк бидејќи спорот за платите со железничкиот оператор „Дојче Бан“ продолжува. Дојче бан, пак на 5 јануари излезе со нов предлог со кој се надева дека ќе го реши спорот, но бара и налог за прекин на индустриската акција. Синдикатот на машиновозачите, од друга страна, размислува за нови опции.
Поранешниот руски претседател ги исмева потезите на Берлин
Во меѓувреме, поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев го исмеваше Олаф Шолц поради протестите на фармерите и предвиде дека германскиот канцелар ќе се соочи со тешкотии во иднина.
„Штрајкови во Германија: земјоделците го блокираат поголемиот дел од земјата. Субвенциите се укинати, а астрономските суми потрошени за Украина продолжуваат да растат. А Германија е главниот финансиер“, напиша Медведев, поранешен премиер на Русија, на мрежата Х.
Доколку Берлин продолжи со овие потези, Медведев тврди дека украинските националисти наскоро би можеле да организираат свои протести во Берлин.
Москва претходно изјави дека помошта од Западот за Украина и санкциите против Русија предизвикале економски проблеми во Германија, потсетува агенцијата ДПА.
Од избувнувањето на руската војна против Украина, Медведев се смета за еден од ултра-националистите во Москва. Тој постојано упатуваше навреди кон водечките политичари на Западот и Украина.
Несогласувања околу буџетот
Трипартиската коалиција на Олаф Шолц објави договор за клучните точки од нацрт-буџетот за 2024 година во декември по неколкунеделни преговори по одлуката на Уставниот суд што ги доведе во неред финансиите на владата.
Како што побара министерот за финансии Кристијан Линднер, поборник за построг буџетски режим, Германија во 2024 година повторно ќе воспостави лимит на ново нето задолжување и ќе ги пополни финансиските празнини во вкупна вредност од 17 милијарди евра - најмногу преку заштеди.
Ова пак, дополнително ќе го одложи и онака слабиот раст.
Трите водечки германски економски институти ги намалија своите прогнози за економски раст за тековната година, велејќи дека буџетската криза го одложува закрепнувањето.
Институтот ИФО сега очекува растот во Германија да порасне за 0,9 отсто следната година наместо 1,4 отсто, додека РВИ ја намали прогнозата од 1,1 отсто на 0,8 отсто, а ДИВ ја намали прогнозата од 1,2 отсто на 10,6 отсто.
„Неизвесноста во моментов го одложува закрепнувањето, бидејќи ја зголемува склоноста на потрошувачите да штедат и ја намалува подготвеноста на компаниите и приватните домаќинства да инвестираат“, рече шефот на Инситутот ИФО, Тимо Волмершаусер, кој го правеше истражувањето.
Ослабена коалиција
Расправијата околу буџетот ги зголеми тензиите во трипартитната коалиција, каде симпатиите повеќе не преовладуваат, а анкетите покажуваат дека големите победници на кризата се опозициските конзервативци и екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД).
Видете и ова: Шолц ветува решение за буџетската кризаЗголемените тензии и потребата да се фокусираме на финализирање на буџетскиот договор за 2024 година ги одложуваат структурните реформи што владата ги вети при преземањето на функцијата, вклучително и намалување на бирократијата, донесување интернет услуги до стотици државни служби, постигнување амбициозни планови за нето-нула емисии и модернизирање на јавниот транспорт.
Структурни проблеми
Германија, како и другите индустријализирани земји ширум светот, се соочува со голем недостиг на работна сила, особено во висококвалификуваните сектори со висок раст.
Официјалните проценки велат дека на стареењето на германското општество ќе му недостигаат седум милиони квалификувани работници до 2035 година.
Владата има за цел да ја поттикне имиграцијата од земјите надвор од Европската Унија за да го намали недостигот на работна сила.
И покрај реформата на законот за имиграција и државјанство во 2023 година, експертите предупредуваат дека напредокот може да биде бавен, истакнувајќи дека некои области на германскиот апарат веќе се „во криза“ поради големиот број нерешени барања за државјанство.
Бирократијата и недостигот на инвестиции се два хронични проблеми на локалната економија кои ја забавуваат енергетската транзиција и воведувањето брзи интернет конекции.
Видете и ова: Германија воведувa построги мерки за ограничување на миграцијатаГерманија има за цел да ги намали своите емисии на стакленички гасови за 65 отсто до 2030 година во споредба со 1990 година, што е чекор кон тоа да стане јаглеродно неутрално до 2045 година.
За исполнување на целите за CO2 (јаглерод диоксид) за 2030 година е потребно државно финансирање, што стана многу потешко откако судската одлука укина 60 милијарди евра неискористен долг наменет за климатски проекти.
Трговија
Германската економија е високо ориентирана кон трговијата и затоа е чувствителна на меѓународните промени кои ја ослабуваат странската побарувачка.
Слабиот глобален раст, особено во Кина, како и високите каматни стапки, се очекува да ја ограничат побарувачката за германскиот извоз.
Прекините на транспортот во Црвеното Море и ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток може дополнително да ги заматат изгледите за трговијата.
„Како и остатокот од германската економија, извозот останува во зоната на самракот помеѓу рецесијата и стагнацијата“, заклучува шефот на макро секторот во германската ИНГ банка, Карстен Бржески.