Министерството за надворешни работи на Северна Македонија потврди дека од земјата биле протерани тројца руски дипломати.
„На 12-ти септември, во Министерството за надворешни работи беше повикан Амбасадорот на Руската Федерација кому му беше врачена дипломатска нота, со која тројца дипломати во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје беа прогласени како непожелни во државата (persona non grata)“, се наведува во соопштението на Министерството.
Се додава и дека ваквата одлука била донесена по информации добиени од надлежните органи за превземени активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи, но не се наведуваат детали за какви активности се работи.
Видете и ова: Македонија протерува уште шест руски дипломатиИнформацијата дека тројца руски дипломати во се прогласени за персона нон грата вчера, на 15 септември ја објави руската амбасада во Скопје, но македонското МНР ја потврди денеска. Информација беше објавена на социјалната мрежа Х (Твитер) и во објавата беше пренесен и коментар на портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.
И според изјавата на руското МНР, оваа одлука на македонските власти била донесена на 12 септември, но велат дека немало никакво објаснување од властите за причините. За Русија прогласувањето на тројцата дипломати за непожелни е „неодговорен и непријателски чин“.
„На 12 септември властите на Северна Македонија, без објаснување на причините, прогласија тројца дипломати на Руската Амбасада во Скопје за „persona non grata“. Неодговорниот и непријателски чекор на властите на Северна Македонија нема да остане без одговор“, пишува во објавата на руската амбасада.
Видете и ова: Руската амбасада во Скопје - Балкански рекордер на социјалните мрежи
Во март и април 2022 година во два наврата беа протерани од Северна Македонија петмина, а потоа уште шестмина руски дипломати. Тогаш од македонското МНР соопштија дека протераните дипломати излегле надвор од рамките на Виенската конвенција за дипломатски односи и надвор од нивните активности и мораше да ја напуштат државата. Претходно Руската Федерација пак протера еден македонски дипломат.
На официјалната интернет-страница на руското Министерство за надворешни работи се по протерувањата на овие руски дипломати од Скопје по почетокот на војната во Украина беше наведено дека „властите во Северна Македонија продолжуваат да се движат по патот на влошување на конфронтацијата и да ги водат билатералените односи, во ќорсокак, кои и онака се во длабока криза. Одлуката за протерување на нашите колеги ја сметаме за несоодветна желба на раководството на оваа земја уште еднаш да им ја покаже на западните чувари нејзината важност во борбата против имагинарната „руска закана“. Неодговорниот и непријателски чекор на властите на Северна Македонија нема да остане без одговор“, пишува во објавата.
Видете и ова: Амбасада на Русија: Протерувањето на руски дипломати од Скопје е непријателски чекорВо руската амбасада во Скопје беа пријавени вкупно 19 руски дипломати заедно со амбасадорот и двајца воени претставници.
По руската агресија на Украина, на 24 февруари 2022, Северна Македонија, како членка на НАТО и аспирантка за членство во Европската унија, се приклучи кон земјите кои ја осудија агресијата и воведоа санкции кон Руската федерација. Северна Македонија во неколку наврати ѝ додели и воена помош на Украина.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски во рамки на посетата на Атина на 22 август се сретна со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. На средбата, премиерот Ковачевски ја нагласил континуираната и силна македонска поддршка на Украина во напорите за одбрана на земјата и враќање на слободата и мирот, а со тоа и стабилноста во регионот.
„Осудувајќи ја бруталната воена агресија која Русија ја врши врз независна и суверена Украина, Ковачевски повтори дека Северна Македонија ќе продолжи со недвосмислена и силна поддршка за Украина, во нејзината самоодбрана и заштита на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет“, се наведува во соопштението од Владата за средбата на двајцата лидери.