Лотарија пред раскинување на договорот за закуп на ресторанот за свадби

Илустрација

За 13 месеци Државна Лотарија исплатила над 300 илјади евра на „Хеј ДООЕЛ“ за закупот на поранешниот ресторан. Договорот за закуп на овој деловен простор од 2,6 милиони евра и тендерите за маркетинг и промоција на Државната лотарија се предмет на истрага на обвинителството. Истражителите чешлаат и други одлуки и договори кои ги спроведувал претходниот директор Перпарим Бајрами.

Поранешниот директор Перпарим Бајрами на 5 август ја предаде функцијата генерален директор на Државната лотарија на неговиот наследник Александар Климовски. Оттогаш, речиси секој втор ден акционерското друштво гости се истражните органи - началници од МВР и истражители од Обвинителството за организиран криминал и корупција кои во рамки на засебни предистраги бараат информации и документација за низа одлуки кои биле спроведени од претходниот менаџмент, дознава РСЕ.

Документацијата која се бара е за спроведени огласи, тендери, склучени договори и секаква друга пропратна документација за јавни набавки.

Се чешла (не)законското формирање на трите нови компании за организирање на игри на среќа - „Државна лотарија - 77 Битс“, „Државна лотарија Везув ДОО Скопје“ и „Државна лотарија - Моззарт ДОО Скопје“.

Видете и ова: Полицијата ќе ја проверува работата на „Државна лотарија“

Во овие компании, државното акционерско друштво има 51 насто сопственост, додека приватните фирми од Бугарија, Србија и Црна Гора косопственици имаат 49 насто удел. За овие три нови субјекти, владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди на 11 јули поднесоа барање за автентично толкување на Законот за игри на среќа, сметајќи дека нивното основање е незаконско и дека треба да се затворат.

Истражните органи барале документи и за новоформираниот правен субјект Државна видеолотарија - ВЛТ, која беше формирана од Државната лотарија на Северна Македонија и австрискиот гигант ХТЛ како и набавка на терминали за коцкање во вредност од 19 милиони евра.

Терминалите, како што дознава РСЕ, кои се вон употреба и фаќаат прашина, се наоѓаат во Визбегово, во објектот на поранешниот ресторан за свадби „Фестина“, кој поранешниот менаџмент на акционерското друштво го одбра да биде нов деловно - административен простор од каде ќе функционира.

Договорот за закуп пред раскинување

Тоа претставува и своевидна институционална реакција за истражувања во низа на РСЕ објавувани во последното тримесечје од 2023 година. Обвинителството за организиран криминал и корупција се интересира и за договорот за закуп на објектот во Визбегово за месечна кирија од над 25.000 евра со ДДВ. Истражувањата на РСЕ покажаа дека договорот е склучен со тогаш новоформираната компанија „Хеј ДООЕЛ“.

Видете и ова: Државна лотарија закупи поранешен ресторан за свадби за 2,6 милиони евра

Нејзин прв сопственик беше Армин Машовиќ, поранешен бизнис партнер на Ерџан Сулкоски, кој пак беше ортак со зетот за ќерка на лидерот на ДУИ, Куштрим Смајлај. Како прв управител на „Хеј ДООЕЛ“, беше заведена Натура Груби Бела, братучетка на тогашниот вицепремиер Артан Груби, а братот на нејзиниот сопруг беше дел од обезбедувањето на министерот за политички систем и односи меѓу заедниците.

Подоцна, со промените во управувачката структура, Машовиќ стана управител на „Хеј ДООЕЛ“, а сопственоста на компанијата ја презеде Асмир Јахоски, газдата на „Пуцко Петрол“ и син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и актуелен пратеник од редовите на ДУИ. Договорот беше склучен на 5 јули 2023 година.

Договор за закуп на деловни простории меѓу Државна лотарија на Република Северна Македонија и компанијата „Хеј ДООЕЛ“

До август 2024 година, за изминатите 13 месеци, Државната лотарија му исплатила на Пуцко Петрол над 300.000 евра за закуп на деловниот простор. Претходното раководство предводено од Перпарим Бајрами, спровело оглас за дополнителна реконструкција на објектот, кој претходно се користеше за организирање свадби. За таа намена биле предвидени 1,8 милиони евра. Но, новиот менаџмент го поништил тендерот, поради недостатоци во тендерската документација и како што велат од Државната лотарија за РСЕ, не планираат да спроведат нов.

Видете и ова: Газдата на „Пуцко Петрол“ стана нов сопственик на фирмата што ѝ рента простории на Лотарија за 2,6 милиони евра

Како што дознава РСЕ, и Државната лотарија и Асмир Јахоски со неговата „Хеј ДООЕЛ“ се на иста линија за спогодбено раскинување на договорот за закуп, кој може да се случи и до крајот на неделава. Во објектот во Визбегово се наоѓаат набавени апарати за коцкање, за кои Државна лотарија дополнително ќе бара решение - или слободни простории од нејзините сестрински фирми или магацински простор од Службата за општи и заеднички работи.

Стопирани тендерите со „Арбериа“ и фирмите блиски до неа

Истражителите ги проверуваат и тендерите на Државна лотарија за маркетинг и промоција, за кои истражуваше РСЕ, а кои го работеа компании чии сопственици се во блиски релации и семејни релации со сопствениците на издавачките куќи „Арбериа Десигн“ и „Арс ламина“.
Документација е побарана и за кумановската фирма „Ап Солутионс“, за која РСЕ откри дека 19 годишен кумановец ќе набавува терминали за коцкање за потребите на Државната лотарија.

РСЕ откри дека сопственикот на „АП Солутионс“ воедно бил вработен во „Ритрон копи“, компанијата која била единствената конкуренција на неговата фирма во борбата за тендерот на Државна лотарија вреден 204.825 евра.

Видете и ова: Деветнаесетгодишен кумановец ќе набавува апарати за коцкање за Државна лотарија

Од Државна лотарија за РСЕ велат дека тендерите за маркетинг и промоција претставуваат рамковни договори - она што досега го нарачала Државна лотарија од компаниите веднаш се плаќа. Но, во моментот тие се стопирани и акционерското друштво не планира да продолжи да ги користи нивните услуги.

„Нема нарачки заради загрозеноста на ликвидноста на компанијата. Претходното раководство направило огромни трошоци пред заминување и државната компанија е доведена во ситуација да не може да исплати дивиденда кон државата. Загрозени се тековните активности на самата компанија дури и можноста за исплата на плати“, велат од Државна лотарија за РСЕ.

Како што пишуваше РСЕ, покрај „Арбериа Десигн“, каде сопственик е Хасим Хамзаи, , Државната лотарија има склучено договори и со „Медиа ГРОУП ДООЕЛ“, каде сопственик е Ардита Иљази, со поранешно презиме Хамзаи. Ардита е сестра на Ермин Хамзаи, кој е еден од сопствениците на „ДЕМНЕТ ДОО Скопје“, компанија која има склучено четири тендери во вредност од 3.422.000 денари или 55. 642 евра со Државна лотарија. Всушност, Ардита е ќерка, а Ермин - син на Хасим Хамзаи, сопственикот на „Арбериа Десигн“.