Партиите во низок старт за локалните избори

Последните локални избори се одржаа во октомври 2021 (фотоархива)

ВМРО-ДПМНЕ веќе се подготвува за локалните избори во октомври следната година, СДСМ најавува засилено темпо по празниците. Аналитичарите веќе ja забележуваат кампањата, вклучително и внатрепартиската. Жестока битка се очекува во албанскиот блок меѓу ДУИ и Вреди каде, аналитичарот Небиу оценува дека одлучувачки фактор ќе биде позиционирањето на ВМРО-ДПМНЕ.

Имиња на градоначалници, пратеници, министри веќе се слушаат како можни кандидати кои за околу десет месеци ќе ја бијат битката на локалните избори во Северна Македонија, особено во Градот Скопје и останатите поголеми општини. За официјални кандидатури е рано, но веќе се вртат промотивни видеа на социјалните мрежи, афирмативни изјави за своите визии, како и пораки дека изборите ќе бидат своевиден испит за дел од политичарите и ќе значат крај на нечии политички кариери.

„Локалните избори наредната година се пар екселанс дневно-политичка тема уште сега, и слободно можеме да кажеме дека 10 месеци пред нивното одржување веќе е започната предкампањата“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) политичкиот аналитичар Бесим Небиу.

Дел од партиите ги започнаа подготовките, некои најавуваат засилување на активностите по новогодишните празниците, трети прво ќе одлучуваат дали ќе настапат самостојно или во коалиција, негде пак, веќе се наѕираат контурите како ќе се дели коалицискиот колач.

Дека веќе се во предизборна кампања, согласен е и аналитичарот Благојче Атанасовски.

„Во Македонија, во изминатите 33 години на повеќепартиска демократија од искуство се покажа дека политичките партии, повеќе или помалку се во некоја неформална предизборна кампања. Особено кога станува збор за локалните избори, бидејќи на мнозински изборен модел, секој глас е важен за победа за градоначалник во одредена општина“, вели Атанасоски за РСЕ.

Видете и ова: Политичка клима – поблиску до помирување или поларизација

Внатрепартиска битка за големите градови

Следните локални избори треба да се одржат во октомври 2025. Очекувањата на Атанасоски се дека како што наближува датумот, битката ќе се интензивира. А, за да добијат подобра стартна позиција во пресрет на изборите, смета тој, партиите ќе се позиционираат со промовирање проекти – оние што се на власт, додека опозициските фокусот ќе го стават на претставување на кандидатот.

Меѓутоа, во сето ова ќе има и внатрепартиски битки, особено во ВМРО-ДПМНЕ.

„Кај владејачката ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на извесна победа во многубројни општини кои се големи и атрактивни ќе има и внатрепартиски битки кој да биде кандидат. Тоа најмногу ќе се види за во Град Скопје, како круна на победата на едни локални избори, но и големите градски општини низ Македонија (Битола, Охрид, Тетово, Гостивар, Прилеп, Струмица, Штип и други) и секако сите скопски внатрешни општини без исклучок“, смета Атанасоски.

ВМРО-ДПМНЕ во „континуирани подготовки“, СДСМ се доекипира

Токму за ВМРО-ДПМНЕ во политичките кулоари има најмногу имиња за потенцијални кандидати кои имаат амбиции за иден градоначалник на Скопје.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински веќе имаше изјава дека има план и визија за главниот град. Неговиот сопартиец и актуелен прв човек на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, исто како и Перински, се споменува како еден од најсериозните кандидати. Уште во интервју за РСЕ во септември тој рече дека „би бил добар градоначалник на Скопје“ доколку партијата се одлучи тој да биде кандидат.

ВМРО-ДПМНЕ официјално не излегува со имиња, но изборните подготовки веќе се започнати. На 11 декември на редовна седница на Извршниот комитет на партијата, како што објави и партискиот лидер и премиер Христијан Мицкоски, се разговарало и за „локалните избори коишто следат“.

„Во партијата во континуитет се вршат подготовки, анализи и планирање за претстојните локални избори со цел изнаоѓање на најсоодветни кадровски решенија кои ќе бидат презентирани пред јавноста штом органите на партијата донесат конечна одлука“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за РСЕ.

По околу седум години во опозиција, во мај оваа партија однесе двојна победа – и на претседателските и на парламентарните избори. СДСМ го доживеа најголемиот пораз, по што следуваше избор на ново раководство.

Поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче во јуни ја презеде лидерската позиција, а во ноември се пополнија останатите позиции во партискиот врв.

Сега, велат социјалдемократите, подготвени се какви било избори.

„Раководство на партијата е на терен на интензивни средби со општинските организации. До крајот на оваа година привршуваме со изборот на сите претседатели на општинските организации и со тоа го заокружуваме целиот внатрешен процес. Во консултација со нашето членство, на почеток на годината овој процес за локалните избори ќе биде интензивиран“, велат од СДСМ за РСЕ.

Видете и ова: Уште неизбрано, новото раководство на СДСМ го чека „ѓаволски тешка“ работа

ЗНАМ ќе одлучува за самостоен или коалициски настап

Удел во најтешкиот пораз што го доживеаја социјалдемократите на минатите избори се „препишува“ на одлевањето гласови кон партија ЗНАМ, предводена од кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој првиот од двата градоначалнички мандата, го доби како кандидат на СДСМ. Со шест освоени пратеници, ЗНАМ по парламентарните избори влезе во владината коалиција на ВМРО-ДПМНЕ.

Дали на локалните избори ќе настапат во коалиција или самостојно, пак, сè уште не одлучиле. Партискиот портпарол Никола Мемов вели дека одлуката ќе ја донесат партиските органи.

„Ќе понудиме кандидати кои, сигурни сме, ќе ја добијат поддршката и ќе имаат можност да спроведуваат проекти кои ќе придонесат во подобрувањето на животот на граѓаните. Кои ќе бидат кандидатите ќе кажат најпрво граѓаните преку претходно направени сондажи и анкети, па потоа одлуките ќе ги донесат органите и телата на партијата“, вели Мемов за РСЕ.

Огромен влог и за Вреди и за ДУИ

Анализи и анкети за кандидатите во скоро време најавува и коалицијата Вреди (ВЛЕН), уште еден партнер во актуелната централна власт. Коалицијата која ја сочинуваат четири политички субјекти (Алијанса за Албанците, Беса, Алтернатива и Демократското движење), најави дека и на локалните избори ќе настапи заеднички по што ќе се одлучува дали ќе се обединат во една партија.

Иако кандидатите сè уште не се познати, она што е сигурно, велат од Вреди за РСЕ, е дека сите четири партнери подеднакво ќе бидат застапени со свои кандидати „за да нема впечаток дека една партија е пофаворизирана од друга“. Таму на пример, извесно е дека во Тетово повторно би трчал кандидат од Беса, чиј лидер е актуелниот градоначалник, Билал Касами. Во Чаир, пак, очекувањата се дека кандидатот ќе биде од редовите на Демократското движење на Изет Меџити итн.

Битката со нивниот ривал ДУИ е особено интересна бидејќи, смета аналитичарот Небиу, влогот и за едните и за други е огромен.

Небиу нагласува дека евентуална победа на Вреди во Чаир, Тетово, Гостивар и други градови ќе биде тежок удар за ДУИ и нивниот наратив дека се „најголем политички субјект на Албанците во Македонија“.

А, клучна во ова може да биде ВМРО-ДПМНЕ.

„Знаејќи дека во овие градови односот на сили во моментот е приближно ист, тасот на вагата може да бидат гласовите на етничките Македонци. Во тој контекст позиционирањето на ВМРО-ДПМНЕ која во моментот е во огромна предност пред СДСМ според сите анкети, може да биде одлучувачки фактор. Доколку ВМРО-ДПМНЕ јасно и недвосмислено го подржи својот коалициски партнер во градоначалничките битки во овие градови може да произведе тежок пораз на интегративците. Секако, тоа на извесен начин би сакала и да го ’наплати‘“, смета Небиу.

Видете и ова: План или приказни за дестабилизација - политиката го пали фитилот

ДУИ, од каде не одговорија на прашањата за локалните избори, преку јавни настапи и соопштенија до медиумите бара партиите да се соочат и на предвремени парламентарни избори.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, на последното барање во изјава за медиумите одговори дека такво нешто би се случило само ако владејачката коалиција ги изгуби избори.

Последните локални избори се одржаа во октомври 2021 година. Од 80 општини и Градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата освои 42 градоначалнички места, како и главниот град каде како независна кандидатка ја поддржа актуелната градоначалничка Данела Арсовска. СДСМ, пак, освоија 16 општини, ДУИ 11. Алијанса за Албанците, Алтернатива и Беса, кои сега се дел од Вреди, вкупно добија четири градоначалнички места. ДПА, ГРОМ, коалицијата на ЛДП и ДОМ по една општина, а во Куманово и Дебарца како независни кандидати победија Максим Димитриевски и Зоран Ногачески.

Локалните избори следната година ќе бидат осми по ред од независноста на државата.