Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се обрати на Министерскиот состанок на ОБСЕ, при што рече дека сегашната ситуација е директна последица на обидите на западните земји да ја обезбедат својата доминација преку „бесрамното користење на ОБСЕ за агресивно туркање на тесни себични интереси и намерно уништување на основниот принцип на консензус и самата култура на дипломатијата“, рече тој.
„Секој непристрасен човек разбира дека е важно прашањата за европската безбедност да се решаваат сериозно и искрено. Сепак, западната престолнина е завидно опседната со шансите на ОБСЕ за заживување. Тие веќе создадоа европска политичка заедница без Русија и без Белорусија. Така, на нашиот континент се исцртува уште една линија на поделба, уништувајќи го просторот на ОБСЕ“, рече Лавров.
Во својот 15 минутен говор, Лавров ги напаѓаше западните земји, Европската унија и НАТО.
Пред да го започне говорот, од салата излегоа делегации на неколку држави, како Украина, Чешка и други.
Видете и ова: Обраќањето на Лавров на пленарката на ОБСЕ бојкотирано од дел од делегациитеЧешкиот министер Јан Липаски на платформагта Х напиша дека во салата е подобро да останат да го слушаат Лавров оние кои се задолжени да следат дезинформации.
Рускиот министер за надворешни работи присуствува на 30-от Министерски совет на ОБСЕ, кој се одржува во Скопје на 30 ноември и 1 декември.
Лавров пристигна во Скопје доцна вечерта на 29 ноември преку Грција, а не како што претходно беше најавено преку Бугарија.
Лавров во Северна Македонија пристигна со делегација од 80 луѓе.
На најголемиот меѓународно-политички настан организиран во земјава од независноста, присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ - САД, Канада, Велика Британија, министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија.