„Јас и премиерот Мицкоски не можеме да бидеме цариници, полиција и инспекторати на полиција и оние кои го надгледуваат аеродромот...Ќе има официјален извештај кој ќе го расветли ова прашање во целост и детали. И да разбереме што точно се случило и да не ни се повторат никогаш повеќе вакви ситуации“, изјави премиерот на Косово Албин Курти денеска во Скопје на заедничката прес конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Ова е прва официјална изјава на косовскиот премиер, и тоа во Северна Македонија, за инцидентот на скопскиот аеродром на 1 август кога претседателката на Косово, Вјоса Османи поминувала низ граничката контрола на Меѓународниот аеродром „Скопје“. Според Курти, ваквото искуство било несомнено тешко за Османи.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски изрази жалење за инцидентот на скопскиот аеродром. Тој кажа дека ова е трет таков случај во кој била вклучена претседателката Османи, но за овој дознала јавноста.
„Според официјалните лица на ТАВ аеродромот е дека се следат јасни прецизни, меѓународни стандарди кога се користат комерцијални летови. На ваков тип процедури сум подложен и јас како премиер, македонската претседателка и сите оние кои го поминуваат ВИП делот. Истакнав дека претседателката на Косово е добредојдена како и сите граѓани на Косово. Следен пат би сакал да ја пречекам како домаќин на аеродоромот и заеднички да ја придружувам за времето кога ќе биде на скопскиот аеродорм, а посебно однесување на поединци кое е наш домашен проблем кој дома ќе си го решаваме“, изјави Мицкоски.
Видете и ова: Протестна нота од Косово поради инцидентот со претседателката Османи на скопскиот аеродромСепак, Мицкоски не одговори директно на прашањето дали ќе побара одговорност од претседателот на Собранието Африм Гаши, за кого МВР соопшти дека членови од неговото обезбедување им се заканувале на вработени во ТАВ, кои побарале од претседателката на Косово да го остави телефонот за да помине на секенер кога поминувала низ гранична контрола на Меѓународниот аеродром Скопје.
„Ако институциите констатираат пречекорување или сторување кривично дело бидете сигурни дека ќе биде изведено пред лицето на правдата“, изјави Мицкоски.
Министерството за внатрешни работи во меѓувреме поднесе кривична пријава против началникот на личното обезбедување на претседателотн на Собранието, Гаши. Во соопштението од МВР се вели дека тој бил испратен од страна на Гаши и дека на полицајците им се заканувал со пиштол.
„Пријавениот С.С. на ден 01.08.2024г. околу 10:30 часот на Меѓународен Аеродром Скопје на паркингот пред ВИП салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од ПС за ГП Меѓународен Аеродром Скопје кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на неговите службени дејствија“, пишува во соопштението.
Курти во Скопје кажа дека не знае за оценката на кабинетот на претседателката Османи дека овој настан претставува провокација кон нивната земја.
„Не знам дека сме имале како институции на Косово таков став. Може да го кажал некој од граѓаните на Косово, но не и институциите на Косово. МНР на Косово даде своја изјава што е став на Република Косово, го видовме и ставот на МНР на Северна Македонија. Треба да ја имаме за цел вистината, а никако тензии. Нека се расветли случајот, тука се соодветните органи кои ќе го направат тоа“, одговори Курти.
Незири: Инцидентот нема да ги наруши односите меѓу Приштина и Скопје
Политичкиот аналитичар Џелал Незири за РСЕ вели дека не верува оти инцидентот на скопскиот аеродром ќе биде некоја поголема пречка што може да ги уништи добрите односи меѓу Косово и Северна Македонија. Тој верува дека прашањето за инцидентот со претседателката Османи на скопскиот аеродром брзо ќе се расчисти, ако се земат во предвид аспектите на меѓународните односи, меѓународните конвенции, како и аспектот на безбедноста внатре во аеродромот.
Видете и ова: Опозицијата бара одговорност за инцидентот со косовската претседателка Османи во СкопјеЗа реакциите на албанските партии кои го осудија инцидентот, но меѓусебно се обвинуваат за тоа, Незири рече дека нивните односи се непријателски долго време и ја користат секоја можност да разменат обвинувања, како што се случи за инцидентот 1 август.
„Тоа е жестока војна која се одвива меѓу албанските политички партии. Токму ДУИ и Европскиот фронт како опозициска коалиција ја обвинуваат коалицијата ВЛЕН, која е дел од Владата, како нелегитимен претставник на Албанците бидејќи на последните парламентарни избори добила помалку гласови. И оваа дебата за легитимноста произведе невидена криза во односите меѓу политичките партии овде. Инцидентот беше искористен или злоупотребен токму во овој контекст, легитимитетот и политичката моќ што може да ја има ВЛЕН да ги претставува Албанците во оваа Влада“, рече тој.
Екстрадицијата на Рамадани и случајот „Монструм“
На билатералната средба, македонскиот и косовскиот премиер разговарале и за српското барање за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани. Тој беше приведен минатата недела на преминот Јажинце, меѓу Косово и Северна Македонија, а во моментов е во домашен притвор.
Од македонска страна било повторено барањето за испорачување на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, двајцата осудени на доживотен затвор во случајот познат како „Монструм“.
Косовскиот премиер Курти се надева дека и двата случаи ќе бидат затворени во интерес на негување на добрососедските односи меѓу двете земји.
„Разговаравме и нашите министри за правда ќе бидат во постојан и директен контакт меѓу себе и ќе биде во функција и правец на општата вредност која е заснована на Уставот и законите, постапките и институционалните процедури во двете држави и во рамки на добрососедските односи. Случајот на двајцата бегалци е покренат во Косово како предмет, сега е во Специјалното јавно обвинителство. И за лицето кое се наоѓа во Северна Македонија, сега веќе не во притвор, туку во домашен притвор“, изјави Курти.
Видете и ова: Ветерани на ОВК протестираа против апсењето на Рамадани пред судот во СкопјеИнтерес за поголема инфраструктурна соработка
Премиерите Мицкоски и Курти се согласиле дека треба поголема економска соработка.
„Со изградбата на инфраструктурните проекти, автопатот кој ќе го поврзе граничниот премин со нашиот главен град. Потенцијалниот патен правец кој ќе ги поврзе Тетово и Призрен. Приоритети кои се многу важни“, изјави Мицкоски.
И премиерот Курти очекува изградба на повеќе железнички и транспортни врски со Северна Македонија.
„Едвај чекаме да е операционализираат граничните премини Елисан и Блаце кој ќе го олеснат прометот на границите и граѓаните. Имаме многу семејства и роднини од двете страни на границата“, рече Курти.
Тој се заблагодари за придонесот на Северна Македонија како земја членка на НАТО што го дава во рамките на Мисијата на КФОР подржувајќи ги напорите за безбедност на регионот на Западен Балкан.
Според последните податоци од Државниот завод за статистика размената меѓу Косово и Северна Македонија за 2023 е на ниво на половина милијарда евра.