Ковачевски брои денови како премиер – кои се процедурите за преодна влада?

Талат Џафери, Димитар Ковачевски и Али Ахмети.

Покрај Ковачевски, оставка треба да поднесе и Џафери кој од Собранието ќе се пресели во Владата во која министри ќе има и ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата ќе предложи кандидати, но засега тврди дека нема да гласа за таа влада. По нејзиното формирање, ќе следуваат и разрешувања и распоредувања во МВР.

Премиерот Димитар Ковачевски в четврток (25 јануари) ќе си поднесе оставка, по што ќе треба да се формира преодна или техничка влада. Таа треба да се избере до крајот на неделава (28 јануари) кога истекува рокот од 100 дена пред одржување на парламентарните избори закажани за 8 мај.

Ова ќе биде трет пат по 2016 година, Северна Македонија да има преодна или техничка Влада.

На нејзино чело ќе биде Талат Џафери, кој ќе биде прв премиер од ДУИ и прв премиер Албанец. Најголем дел од министрите во неговиот кабинет веќе се познати, недостигаат уште кадрите што по закон треба да ги предложи опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

За утре, имаше информации дека ќе се оддржи седница на Извршниот комитет на партијата, но се уште официјално таа не е потврдена и не е познато дали по неа ќе бидат објавени имињата на министрите и дополнителните заменици-министри.

Партијата во техничката влада треба да има министри за внатрешни работи и за труд и социјална работа, а дополнителни заменици во ресорите финансии, информатичко општество и администрација и во земјоделство. Во двете министерства каде ВМРО-ДПМНЕ ќе има министри, СДСМ ќе има дополнителни-заменици.

Видете и ова: Избори се ближат, ветувања се нижат

Исто така, на неколку дена пред истекот на рокот за избор, отворено е и прашањето кој ќе гласа за техничката влада предводена од Џафери. ВМРО-ДПМНЕ ќе номинира кадровски решенија, но најавува дека нема да гласа за владата затоа што Џафери не бил достоен за функцијата.

СДСМ, пак, возвраќа дека опозициската партија има обврска да номинира членови и да ја поддржи новата влада, а партискиот лидер и премиер во заминување Димитар Ковачевски испрати порака и за евентуално сценарио Џафери да предложи влада во која местата на ВМРО-ДПМНЕ ќе останат празни доколку партијата реши да не гласа за таа влада.

Ковачевски, пак, денеска одговарајќи на прашања од новинарите како во 2016 првата техничка влада на Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ била изгласана без поддршка од пратениците на СДСМ рече дека условите биле различни. Тогаш, според него, Собранието било злоупотребено од страна на власта.

„Таа пржинска влада беше воведена токму заради тоа што не постоеше демократија во државата. Инаку, денес ние имаме апсолутно владеење на демократијата, самите вие медиуми можете да потврдите за слобода со која можете да известувате што не беше случај до 2016 година кога сите вести беа нарачани, некогаш беа и распродадени па не можеше ни спортски вести да се видат кога игра репрезентација. И затоа сметам дека сега треба сите политички партии согласно закон да ја поддржат оваа влада, особено што се работи за мандатар којшто мандатар бил министер во времето на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Ковачевски на 23 јануари.

Во јавните преписки опозицијата се повикува и на одредбите дека Џафери како мандатар мора да предложи министри за секое министерство и министри без ресор.

Претседателот на Собранието Џафери за утре, 24 јануари, закажа координација со сите пратенички групи за да се утврдат точните датуми за текот на седниците на кои ќе се констатираат оставки и ќе се гласа за техничката влада.

Инфографика - Изборна 2024

В четврток оставка и на Џафери, па избор на нови функционери

Покрај Ковачевски, в четврток се очекува оставка да депонира и Талат Џафери од функцијата пратеник и претседател на Собранието.

Единствениот временски рок што официјално беше соопштен од неговиот кабинет беше по координацијата со пратеничките групи одржана на 9 јануари, кога посочија дека во периодот од 22 до 28 јануари ќе се реализираат сите процедури во законодавниот дом.

По оставките во четврток, се очекува следниот ден тие да се констатираат, но и пратениците да изберат нов претседател на парламентот.

Според политичкиот договор на коалициските партнери во власта, бидејќи ДУИ ќе го преземе премиерското место, на претседателското столче во Собранието ќе седне Јован Митрески актуелен пратеник и координатор на СДСМ.

Со оглед дека законодавниот дом ќе ја констатира оставката на Ковачевски, а со тоа и на целата Влада, претседателот Стево Пендаровски ќе треба да го додели мандатот на Џафери кој формално ќе треба да поднесе предлог за состав на неговата влада и програма. Овие активности се очекуваат за време на викендот.

Видете и ова: Џафери би трчал и седми круг за пратеник

Во меѓувреме, во Собранието ќе треба да се пополни и испразнетото пратеничко место на Џафери, за што Државната изборна комисија (ДИК) ќе треба да одржи седница за да констатира кој треба да биде новиот пратеник.

Тоа ќе биде кандидатот кој е следен од листа во петата изборна единица (од каде Џафери го доби пратеничкиот мандат) со која настапи ДУИ на изборите во 2020 година. Таму следен е актуелниот министер за образование и наука Јетон Шаќири, но со оглед што е извесно дека тој ќе остане на оваа функција, нов пратеник од редовите на ДУИ ќе биде кандидатот после него – Муса Ибраими, кој е поранешен новинар.

Во текот на февруари парламентот на чело со Митрески ќе треба да ги распише претседателските и парламентарни избори. Изборната кампања, пак, ќе почне на почетокот на април.

Владата на Џафери, пак, се очекува 24 април и 8 мај, како изборни денови, да ги прогласи за неработни со оглед дека се во ден среда. Министерството за образование и наука (МОН), пак, ќе треба да одлучи како ќе се надоместат овие два дена.

Спасовски заминува од МВР, Тренчевска останува во труд и социјала

Додека ВМРО-ДПМНЕ се уште не ги објавува кандидатите, името на Џафери како кандидат за премиер ДУИ го соопшти уште на 8 декември, а СДСМ своите номинации ги објави на 26 декември 2023 година.

Од позициите во министерства кои се во фокусот на техничката влада односно во кои кадри треба да има и од ВМРО-ДПМНЕ, социјалдемократите се решија Митко Бојмацалиев да биде дополнителен заменик министер за внатрешни работи. Тој е актуелен шеф на кабинет на министерот Оливер Спасовски, кој ќе замине од МВР.

Во Труд и социјална политика, пак, дополнителна-заменичка ќе биде Јована Тренчевска која е актуелна министерка во овој ресор и претседателка на Форумот на жени на СДСМ.

Видете и ова: Партиите нови, амбициите големи

Љупчо Николовски, кој треба да добие дополнителен заменик од ВМРО-ДПМНЕ, ќе остане министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од петте клучни министерства во техничката влада ДУИ веројатно ќе го задржи Фатмир Бесими во финансии, а Алијанса за Албанците - Азир Алиу во информатичко општество.

Останатите вицепремиерски, министерски и заменички места и од СДСМ и од коалициските партнери се очекува да останат исти како и во актуелната влада.

Разрешувања, распоредувања и врзани потписи

Во рамки на техничката влада, како што предвидува Законот, министерот и дополнителниот заменик заедно и рамноправно ги остваруваат надлежностите, а двајца треба да ги потпишуваат и сите акти во нивна надлежност. Во случај на несогласувања помеѓу двајцата околу тоа дали одредено право, финансиско или кадровско прашање е поврзано со изборите, одлука ќе треба да донесе ДИК.

Во МВР, пак, министерот од опозицијата има право да изврши и најмногу 15 разрешувања или распоредувања на пониско или повисоко ниво на носители на раководни позиции, како и хоризонтални распоредувања во бројка од 10 отсто. Онаму каде министерот ќе назначи нови раководни лица, дополнителниот заменик-министер ќе предложи дополнителен заменик-раководител.

Видете и ова: Нема празници за вработувања во администрација, нови огласи за над 500 луѓе

Ќе биде ли третата и последна техничка влада?

Формирање техничка или преодна влада на сто дена пред избори беше воведена како законско решение за парламентарните избори во 2016 поради недовербата во изборниот процес, а по избирањето на скандалот со масовното прислушување и објавување на т.н. „бомби“ и влегувањето во политичка криза.

Тогаш, за првпат се формираше преодна влада која беше предводена од Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ. За парламентарните избори во 2020 година, пак, на чело на техничката влада беше Оливер Спасовски, кој наместо сто дена, остана на функцијата осум месеци (од јануари до август 2020) бидејќи имаше пролонгирање на изборите поради ковид-пандемијата.

Во меѓувреме, и од власта и од опозицијата во јавноста се лиферуваа предложи да се укине техничката влада, но политички договор за ова прашање, во пресрет на претстојните избори не се постигна.

Изборите на 8 мај, пак, ќе бидат 11 по ред од независноста на државата. Покрај парламентарни, ќе има и претседателски избори – првиот круг ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај заедно со парламентарните. Претседателските, ќе бидат седми по ред на кои граѓаните непосредно со гласање ќе го изберат идниот шеф на државата.