Додека црвени, бели и сини балони паѓаа од таванот на Обединетиот центар во Чикаго, потпретседателката Камала Харис, го прегрнуваше семејството и пријателите пред илјадниците поддржувачи доцна на 22 август во Чикаго.
Педесет и деветгодишната политичарка штотуку го одржа најважниот говор во нејзиниот живот додека и официјално ја прифати претседателската номинација на Демократската партија, предупредувајќи ги насобраните и милионите Американци низ целата земја кои ги следеа говорот, дека многу од нивните слободи може да бидат загрозени со изборите во 2024 година.
„Овие избори не само што се најважните во нашите животи, тие се и едни од најважните во животот на нашата нација“, рече Харис, опишувајќи го натпреварот со нејзиниот републикански предизвикувач, Доналд Трамп.
„На многу начини, Доналд Трамп е несериозен човек. Но, последиците од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа се исклучително сериозни“, додаде таа.
Говорот го заврши хаотичниот месец за Харис и за земјата. Само четири недели претходно, 81-годишниот претседател Џо Бајден, претпоставениот демократски кандидат, објави дека се повлекува од трката поради притисокот од високи партиски функционери, кои се плашеа дека остарениот лидер не може да го победи републиканскиот кандидат Доналд Трамп.
Харис веднаш се појави како фаворит да го замени, собирајќи стотици милиони долари од донаторите и избивајќи малку пред Трамп во некои анкети, во услови на зачудувачки моментум што демократите не го виделе од кандидатурата на Барак Обама за претседател во 2008 година.
Но, членовите на партијата, анкетарите и аналитичарите предупредуваат дека е премногу рано Харис да го „спушти гардот“ на 75 дена до денот на изборите. Потенцијални „мини“ лежат на патот кон победата, некои надвор од нејзина контрола, како што се обновената инфлација и меѓународните конфликти, а други зависат директно од нејзината способност за претседателската функција.
Трката „се уште ќе биде лудо блиска, и има уште многу дупки во кампањата на Харис“, изјави за РСЕ Ребека Џил, професорка по политички науки на Универзитетот во Невада-Лас Вегас, додавајќи дека изборниот резултат најверојатно ќе се спушти на околу 100 000 гласови во неколку свинг држави (држави во кој бројот на републикански и демократски поддржувачи е речиси ист).
„Настаните во изминатите неколку недели - од неодамнешниот атентат на Трамп за време на предизборниот говор на 13 јули во Пенсилванија до одлуката на Бајден да се повлече од трката осум дена подоцна - нагласуваат колку е тешко да се прогнозира како ќе се одвива трката во текот на следните три месеци,“ вели Џил.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Првиот тест за Харис по периодот на „меден месец“ ќе биде дали таа може вешто да се справи со тешките прашања од медиумите за нејзината агенда.
Харис ги избегнува медиумите откако се појави како кандидат на Демократската партија, таа не одржа ниту една прес-конференција или интервју, факт што републиканците го критикуваат.
Харис можеби се воздржува додека не се почувствува целосно подготвена и самоуверена. Нејзиното потпретседателство започна лошо, кога таа направи детално телевизиско интервју во 2021 година, но Џил вели дека Харис се подобрила како политичар во изминатите три години, делумно благодарение на нејзините советници.
„Таа состави тим кој навистина и помогна да расте“, вели Џил.
Харис и Трамп ќе се соочат за прв пат на 10 септември во живо, телевизиски настан што може да има последици за претседателската трка како што имаше и дебатата на 27 јуни меѓу Трамп и Бајден, која ја запечати судбината на кандидатурата на претседателот за реизбор. Бајден изгледаше изнемоштено и збунето за време на неговата дебата со Трамп, нагласувајќи ја загриженоста за неговото ментално здравје и поттикна повици од највисоките претставници на Демократската партија тој да се повлече.
Генерално, Џил вели дека Харис е во добра позиција. Таа испорачува оптимистичка визија за иднината на земјата која е уморна од политичко оцрнување на противникот и досега успешно ги одвраќаше навредите на Трамп. Таа, исто така, ја наследи обемната, национална „инфраструктура“ на кампањата на Бајден, вклучително и теренските канцеларии, за да ги собере поддржувачите.
Говорот на Харис за прифаќање на номинацијата траеше 40-тина минути додека Трамп зборуваше повеќе од 90 минути, понекогаш губејќи го фокусот.
Демократската кандидатка бавно ја презентираше својата политичка агенда пред нацијата. Минатата недела, таа даде неколку погледи на нејзината економска програма, повикувајќи на олеснување на бирократијата за да се забрза изградбата на станови и да се ограничат зголемувањата на цените на храната.
Трамп и републиканските аналитичари веќе го споредија последниот предлог со контролата на цените со времето од советската ера.
Џил објаснува дека е мудро во оваа фаза, Харис да не навлегува премногу длабоко во деталите за политиката, бидејќи тоа нема нужно да и помогне да го освои маргиналниот гласач.
„Една од работите што тимот на Камала ја научи е дека, сакале или не, многу од одлуките за претседателските избори се поврзани со вибрациите. Тоа е од 1980-тите, или порано. Сигурно не беа невнимателни политички одлуки тие што му ја донесоа на Трамп Белата куќа“, рече таа.
Добрите времиња
Трамп се обидуваше да прикаже слика на САД во економски и воен пад под „слабата“ администрација на Бајден-Харис. Тој поглед на пропаст и мрак - сличен на оној што тој го притисна на изборите во 2016 година - е во остар контраст со оптимистичкиот тон што Харис и нејзиниот кандидат, гувернерот на Минесота, Тим Валц, го прикажуваат на кампањата.
„Нашите противници во оваа трка секој ден ја оцрнуваат Америка, зборуваат за тоа колку е ужасно сè… Каде и да одам, секој што ќе го сретнам, гледам нација која е подготвена да оди напред, подготвена за следниот чекор во ова неверојатното патување како што е Америка“, рече Харис.
Марк Петерсон, професор по јавна политика на Универзитетот во Калифорнија-Лос Анџелес, за РСЕ изјави дека тонот на кампањата Харис-Валц ја погодува јавноста.
„Мислам дека таа треба да продолжи со оваа атмосфера на оптимизам, на радост, да може навистина да се чувствува како да ја прислушува перспективата на новата генерација“, рече тој.
Американците копнееја по нови претседателски кандидати оваа година, иако Бајден и Трамп лесно ги освоија нивните прелиминарни трки. Двајцата се соочија во 2020 година во жестока кампања која заврши со упад на приврзаниците на Трамп во зградата на американскиот законодавен дом-Капитол за да се обидат да го спречат потврдувањето на победата на Бајден.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Седумдесет и осумгодишниот Трамп беше републикански кандидат на последните три претседателски избори. Во меѓувреме, Бајден, кој се кандидираше за номинација на Демократската партија во 1988 и 2008 година, беше потпретседател од 2009-2017 година под водство на Обама пред да ја освои Белата куќа четири години подоцна.
„Изливот на ентузијазам за Харис делумно произлезе од фактот дека таа е релативно нова и млада“, вели Петерсон.
Постои општа желба меѓу членовите на партијата и пошироката јавност „да се здружат зад некој што е различен од Трамп и не е стар, кој има чувство за иднината за нив“, вели Петерсон.
Џил се согласува, велејќи дека Трамп повеќе не е енигма и повеќе не е кандидат за промени. Таа титула и припаѓа на Харис, смета таа.
„Сега има само еден стар пријател во трката“, вели Џил, мислејќи на Трамп.
Кампањата на Харис ги вади гласачите кои не беа заинтересирани да гласаат за Бајден или Трамп - особено младите жени, влевајќи им енергија, велат експертите.
Независните анкети направени неколку дена пред Демократската национална конвенција која се одржа од 19-22 август покажаа дека Харис го надмина Трамп во хипотетичко национално гласање. Во една анкета, гласачите дури рекоа дека повеќе и веруваат на Харис во врска со економијата.
Видете и ова: Кампањата на Трамп соопшти дека е мета на ирански хакериПресвртот е зачудувачки ако се има предвид моментумот што го имаше Трамп по обидот за атентат врз неговиот живот на 13 јули. Сликите на крвавиот и пркосен Трамп како ја крева тупаницата во воздух додека офицерите на Тајната служба го носат на безбедно од сцената на кампањата, доминираа во националните наслови и му дадоа симпатична предност во анкетите против Бајден.
Сепак, тој таа предност ја изгуби со тоа што продолжи со личните напади врз својот противник наместо да се фокусира на суштинските прашања каде што има предност, велат експертите.
Американците се најмногу загрижени за инфлацијата, вклучувајќи ги и трошоците за храна и сместување, како и за илегалната имиграција, од кои сите се зголемија во времето на Бајден. Харис, како потпретседател, ќе треба да одговара за „досието“ на Бајден.
Некои од таборот на Трамп се уверени дека републиканскиот предизвикувач може да ја поврати иницијативата додека медиумите почнуваат детално да ја испитуваат Харис.
Во меморандумот од 23 јули за кампањата на Трамп, републиканскиот аналитичар за анкети Тони Фабрицио рече дека очекува Харис да добие привремена предност во анкетите, бидејќи таа добива широко, позитивно покривање во националните медиуми. Но, исто така додава дека таа може да избледи, бидејќи трката се одвива со засилена брзина кон септември.
„Демократите кои менуваат еден кандидат за друг, не го менуваат незадоволството на гласачите поради економијата, инфлацијата, криминалот, отворената граница и трошоците за домување, а да не зборуваме за загриженоста за двете странски војни. Наскоро, „медениот месец“ на Харис ќе заврши и гласачите повторно ќе се фокусираат на нејзината улога како партнерка и копилот на Бајден“, напиша тој.