И да се прекине договорот за изградба на „вечниот“ автопат Кичево -Охрид и да се продолжи, тоа ќе ја чини државата. Ако се прекине договорот, фирмата што го гради автопатот, кинеската Синохидро, ќе ја бара правдата пред меѓународните арбитражни судови. Спорот може да трае со години, а изградбата на автопатот да не излезе од ќор сокак и на крај за сето тоа да плати државата.
Пари ќе требаат и да се доизгради автопатот, кој досега, според кажувањата на премиерот Димитар Ковачевски, е готов над 75 отсто.
Евентуалното раскинување со Синохидро ќе се одрази и на домашниот градежен сектор.
Автопатот со кој требаше да се поврзат Кичево и најголемиот туристички центар Охрид, во западниот дел на земјата, пред десет години беше најавен како најголема инфраструктурна инвестиција во изминатиот половина век, која ќе придонесе за побрз економски и туристички развој.
Собранието во октомври 2013 донесе посебен закон за овој проект и за изградба на автопатот Скопје – Свети Николе – Штип.
Неколку месеци подоцна, во февруари 2014, тогашниот премиер Никола Груевски, кој ја предводеше владата на ВМРО-ДПМНЕ, фрли „прва лопата“ за старт на изградбата на автопат од Кичево до Охрид во должина од 57 километри. Изградбата требаше да чини 375 милиони евра.
„Ваква инвестиција не е вложена од никого, никогаш и во ниту еден автопат во земјата“, рече Груевски.
За таканаречните „кинески автопати“ беа позајмени пари од кинеската Ексим банка, со два отсто камата. Услов беше да ги гради кинеска компанија, во случајот - Синохидро.
„Дупки“ на недоградениот автопат
Десет години подоцна, автопатот не е пуштен во употреба, иако според првичниот договор по него веќе требаше да се вози уште пред пет години. Автопатот уште непуштен во употреба, а се појавија „дупки“ во планот, во изведбата, се појавија грешни траси, свлечишта, а цената речиси се дуплираше. Виновници се посочуваат, но се уште никој не одговарал за тоа што автопатот и по толку години не е завршен.
На два месеци од истекот на анексот на договорот, владата почна ревизија и најави можно раскинување на договореното со кинеската фирма.
„Но 600 милиони евра нема да одат во контејнер, затоа што веќе има добар дел од патот изграден, некаде над 75 отсто“, рече премиерот Ковачевски.
Договорот ќе се продолжи, ќе се раскине или ќе се бара нов изведувач?
Основниот договор, според кој, автопатот од 57 километри, требаше да се заврши до 2018, е надградуван уште со пет анекс договори. Петте анекси се склучувани од 2018 до 2020, кога на власт се СДСМ. Дел од анексите се однесуваат на пролонгирање на рокот, а дел на дополнително задолжување во кинеската банка.
Но по склучувањето на последниот анекс се појавиле 11 нови свлечишта на трасата, со што е оневозможено завршување на изградбата на автопатот во овој момент, вели премиерот. Се поставува прашањето дали изведувачот и фирмите подизведувачи се во состојба да го изградат автопатот, додава тој.
„Ако се прекине соработката, во тој случај постојат финансиски импликации за кои е надлежен меѓународен арбитражен суд“, вели премиерот Ковачевски.
И договорот, а потоа и петте анекси се донесени во Собрание. Пратениците ќе треба да решат и што ќе се случи по истекот на договорот на крај од годината – Ќе се продолжи, ќе се раскине или ќе се бара нов изведувач?
Видете и ова: Серија пропусти за „Бехтел и Енка“ ризик за корупција - анализа на Социетас ЦивилисПратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека и да се раскине договорот, државата не ќе може така лесно да се ослободи од „Синохидро“.
„Има некои објекти што компанијата и покрај тоа ако треба да ја напушти трасата ќе треба да ги заштити и да ги обезбеди, тоа секаде се случува во градежништвото, дали е мост, вијадукт, ќе треба да нанесе премаз или бетонска постилка, и тоа ќе трае година, година и половина. Додека Синохидро не ги заврши тие работи ние не ќе може да избереме нов изведувач“, вели пратеникот.
Индициите, вели Стојаноски, се дека власта сака да си донесе нов изведувач.
„Тој целосно ќе земе обврска да ја заврши трасата со тоа што новиот изведувач ќе си избере нови подизведувачи, свои фирми, тука е клучот“, вели пратеникот.
Штети и за македонските компании
Синохидро има ангажирано македонски компании како подизведувачи. Половина од работата ја вршат домашните компании. Тие се обврзале да извршат одредени работи, а ако не го сторат тоа ќе треба да плаќаат пенали. Во случај кинеската компанија да си оди ќе ги активира банкарските гаранции, кои се проценуваат на околу 50 милиони евра.
Андреа Серафимовски, прв човек на Здружението за градежништво во Стопанската комора вели дека од 70 до 100 македонски компании и од 700 до 1000 македонски градежници се ангажирани на автопатот Кичево – Охрид. Ако се раскине договорот, сите референци што компаниите ги добиле за успешен и завршен проект ќе паднат во вода, вели тој.
„На компаниите може да им се направи дупла штета. Ние апелираме што и да одлучи државата да најде начин за овие македонски компании, кои таму се мачеа, работеа 10 години, стекнуваа искуства и креираа референци, да не останат без своите фирми. Да не биде на штета на македонската економија, да не останат компаниите на улица, а градежништвото на колена“, вели Серафимовски за Радио Слободна Европа.
А можете само да замислите што ќе се случи ако во еден момент им бидат активиран банкарските гаранции, додава тој.
„Тоа би било погубно и за стопанската гранка и за економијата. Но тоа не треба да биде водилка кога Владата ќе носи одлука, доколку се отврди дека таа си ги презела обврските, проектот бил идеален, и ако се утври дека изведувачите биле виновни, нашиот став не води кон тоа да се амнестираат од одговорност, но сакаме што и да одлучи Владата, да ги заштите оние македонски компании кои таму би изгубиле многу“, вели Серафимовски.
Колку ќе не чини?
Според првичниот договор, автопатот требаше да чини 375 милиони евра. Заемот го зема Јавното претпријатие за Државни патишта на рок од отплата од 20 години, со грејс период од пет години и каматна стапка од два процента. Договорот беше потпишан во 2013-та, до 2018-та течел грејс периодот во кој државата не плаќала за зајмените пари, но веќе пет години плаќаме рати и камати за автопат кој не е довршен. Кредитот треба да се исплати до 2038. Со анексот склучен во 2019 договорот достигнува речиси 600 милиони евра.
Видете и ова: Поради измените во Кривичниот законик пропадна и „Траекторија“Автопатот Скопје – Свети Николе – Штип, во должина од 50 километри, кој исто така го градеше Синохидро, е пуштен во употреба во 2019. Автопатот чинеше 44 милиони евра помалку од предвидената вредност во договорот за изградба, со што и државата помалку се задолжи кај кинеската Ексим банка.
За „кинеските автопати“, се водеше и судски спор, поради постапката за избор на компанијата за градба на автопатиштата – Синохидро.
Во случајот беа обвинети тогашниот владин врв - премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за транспорт Миле Јанакиески и тогашниот директор на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски. Според обвинението за предметот познат под името „Траекторија“, обвинетите ја искористиле својата моќ и овластувања при избор на компанијата и го оштетиле државниот Буџет за најмалку 155 милиони евра. Но предметот застаре на десетгодишнината од склучувањето на договорот, па обвинетите нема да одговараат.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Државниот завод за ревизија минатата година анализирајќи колку од заемите и кредите што ги зела држава се искористени, се осврнува и на автопатот Кичево – Охрид. До крајот на 2021 се повлечени околу 382 милиони долари од кредитната линија за автопатот. А дополнително за камати и провизии отишле уште 38 милиони долари, се наведува во извештајот на Заводот за ревизија.
Во извештајот се наведува дека ЈП за државни патишта не ги исполнува во целост условите од договорот, а како резултат на тоа изведувачот си наплаќа за оштетата. Како најчести причини се наведуваат експропријација, слабостите во проектирањето и дислокациите.
Видете и ова: Од 1300 километри, Ковачевски може да се пофали со нови 13 километри патУште тогаш ревизорите предупредуваат дека постои висок ризик да не се исполнат обврските преземени со последниот анекс на договорот, да има дополнително отштетни побарувања, дополнителни трошоци по заемот и пролонгиран рок. Институциите знаеле за тоа и одржале состанок како да се исполнат обврските од договореното.
Сега на неполни два месеца до истекот на пролонгираниот рок, државата прави анализа. Државниот Завод за ревизија врши ревизија во Јавното претпријатие за државни патишта и ги испитува финансиските извештаи и прави ревизија за успешност на капиталните инвестиции. Ангажиран е и експерт кој го анализира договорот со кинеската фирма и треба да понуди решенија за идните чекори на Владата во однос на автопатот, соопштија од Министерството за транспорт и врски.
Судбината на договорот треба да се знае до крајот на годината, но Министерството е децидно дека овој автопат е од стратешко значење и дека приоритет им е да го завршат.
„Ова значи дека по утврдување на сите овие правци кои ќе произлезат од стручни лица, без притоа да се прави политички притисок, туку со стручна анализа ќе дојдеме до најдобрата политичка одлука и за завршување на автопатот, но и тој да биде безбеден, сигурен за патување на граѓаните“, рече министерот за транспорт Благој Бочварски.
Тој вели дека Синохидро се уште имаат рок за реализација и фронт за работа.
Од компанијата, пак, јавно не се изјасниле за најновите најави за раскинување на договорот. Испративме прашања до претставништвото на компанијата во Скопје, но одговор нема.
Видете и ова: Кинескиот ќар од Западен Балкан: Економија, политика или и двете?Синохидро на Балканот
Кинеската компанија, освен во Северна Македонија, е присутна и во регионот. Компанијата ја гради хидроцентралата „Улог“ во Босна и Херцеговина.
Оваа компанија беше под санкции на САД во 2021 година поради забранетите операции во Иран. Се наоѓа на црната листа на Светската банка и Африканската банка за развој поради сомневања за корупција, мито и измами ширум светот.
И Европската инвестициска банка ја исклучи оваа компанија за период од дваесет месеци поради сомневање за коруптивни дејствија. Одлуката се однесува на периодот од средината на август годинава до средината на следната година.
Синохидро лани потпишала договор со властите од Република Српска за изградба на тунел низ Требевиќ што би ги поврзувал општините во ентитетот Република Српска. Оваа компанија го гради и мостот Почитељ во БиХ, кој неодамна пукна поради грешка во извршувањето на работите.
Кинеските инвестиции во инфраструктурата на Западен Балкан се проблематични анализира Институтот за безбедносни студии на Европската унија (ЕУИСС). Во оваа анализа, стара неколку години, беше посочено дека кинеските инвестиции ја поттикнуваат и онака распространетата корупција во регионот. Тие често се придружени со контроверзи, сомнежи за корупција и фаворизирање, недостиг на транспарентност и одложувања, наведува Балканскиот сервис на РСЕ во текстот за хидроцентралата „Улог“.
Синохидро учествуваше и на тендерите во Црна Гора за изградба на патот од Будва до аеродромот во Тиват и за хидроцентралите на Морача и Комарница, но не ги доби договорите.
Со владата на Србија, пак, има склучено меморандум за водната инфраструктура.
Кина во последните години е сè поприсутна во регионот, финансирајќи проекти и нудејќи развојна помош. Сепак кредитите од кинеската Ексим банка за автопатите во Северна Македонија не се сметаат за директна инвестиција. Податоците на Народна банка, пак, покажуваат дека кинеските инвестиции во земјава не се многу. За 20 години се инвестирани околу 90 милиони евра, а рекордна година била минатата, кога се инвестирани 18,8 милиони евра.