Напишете погрдни зборови за вашите соученици, потоа ливчето на коешто сте пишувале превиткајте го толку пати колку што погрдни зборови сте напишале. Ваква задача добиваат учениците на работилниците во нивните училишта на кои се зборува за меѓуврсничкото насилство. Потоа учениците треба да го исправат ливчето, а тоа тешко оди.
На истутканите ливчиња може да се прочитаат зборови како: глуп, смотан, мрсул, грд... најразновидни пцовки, па сè до закани дека некој некого ќе натепа или ќе убие.
„Ќе се зачудите кога ќе видите колку пати го стуткале ливчето. Стутканото ливче ја претставува душата на ученикот што е навреден, навредите оставаат лузни, па не може да се исправат колку и учениците да се трудат да го израмнат ливчето“, раскажува наставничката Верче Петрова.
На тие работилници учениците треба да се соочат со последиците. Преку игра, се ставаат во улога на насилник или на жртва, за да може да почувствуваат како му е на другиот, оти не секогаш се свесни дека со однесувањето повредуваат некого.
Месецот што изменува го одбележаа неколку тепачки меѓу ученици, а за дел од нив, преку видеа на социјалните мрежи дозна и јавноста. Обвинителството покрена предмети откако две тинејџерки натепаа трета во центарот на Скопје и за деветтоодделенци од Кавадарци кои злоупотребувале фотографии на малолетни девојчиња и ги споделувале во четови.
„Тоа што ќе се појави на интернет, како да ги охрабрува, како да се натпреваруваат што глупост да направат. Се фалат дека истепале или ќе истепаат некого, а најважно им е колку е гледано нивното видео, колку кликови и лајкови има“, вели Дарко Јовановски, тренер по пливање, кој заедно со наставниците ги држи работилниците.
За навреда или тепачка не е потребно многу
А поттик за караница, нетрпеливост, а понекогаш и за размена на тупаници може да биде што било, најчесто и банална причина – љубомора, насобран гнев, некој што сака да се прави важен, или евергрин поделбите меѓу навивачки групи.
Булинг имало и порано, вели Јовановски, но за тоа знаеле најмногу 10 луѓе, тие што учествувале или сведочеле на настанот. Разликата е што сега преку видеата што ги снимаат за тоа дознаваат многумина.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тема на разговор со учениците било и видеото од тепачката меѓу тинејџерките, во кое можеше да се види дека две девојчиња со клоци и тупаници напаѓаат трето девојче, на што му претходеше караница. Сето тоа се одвивало пред очите на нивните врсници. Но, како што велат наставниците, учениците не гледаат ништо страшно во тоа, оти како што им рекле, тепачката била за дечко.
Проектот на Центарот за толеранција и доживотно учење се спроведува четири години и опфатени се 12 училишта. Успех има, велат наставниците, оти таму каде што се активни се намалиле или нема случаи на врсничко насилство.
Вонучилишни активности преку глава, љубов дома „на лажиче“
Учениците најмногу се жалат што немаат љубов дома, што се запоставени, што после училиште родителите ги носат на разни курсеви, спорт, активности наместо да поминуваат време со нив.
Училиштата прстот го вперуваат во родителите, а како проблем го посочуваат и тоа што немаат доволно кадар, па еден педагог и психолог не може да им помогне на стотици деца.
Сите сакаат да се број еден
Ученици, за Радио Слободна Европа, велат дека отворен разговор со родителите може да им помогне во надминување на проблемите, но дека ретко го прават тоа.
„Родителите не зборуваат со децата и затоа доаѓа до такви случки. Ако зборуваме отворено тогаш сè ќе се реши“, вели средношколката Стефи Ефремова.
„Сè доаѓа од домашното воспитување и од образовните институции“, се согласува и средношколецот Матеј Трајковски.
Тој додава дека интернетот ги предизвикал проблеми во односите меѓу учениците, па нема веќе пријатели и соработка, туку „сите сакаат да се број еден“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Прстот во домашното воспитување и во општеството го вперува и нивниот соученик Александар Китановски.
„Мислам дека треба барем малку да се построги професорите во основно и во градинка, бидејќи тогаш се гради карактерот, но секако да не се запостави и во средното образование“, вели тој за РСЕ.
Најпроблематични се горните одделенија од основното училиште, па затоа наставниците препорачуваат со муабети против врсничкото насилство да се почне уште од порано некаде во петто одделение.
Верче Петрова вели дека искуството со работилниците ѝ помага и во справувањето со предизвиците во класот кој го води. Таа е класен раководител на шестоодделенци. Ограничувањето на употребата на телефоните и укорите дадоа резултати, вели наставничката.
„Немаше некои тепачки, но децата цело време се навредуваа, се закачкаа, секој одмор имаше нешто, а јас немам време со нив да седам цел ден. Разговаравме, напишавме правила, сега сами се потсетуваат на правилата ако некој не ги почитува. Им давам позитивни примери, да учат да користат зборови како благодарам и молам“, раскажува наставничката.
Најголем проблем се јавил по пандемијата, вели таа. Кога учениците се вратиле во школските клупи изгледало како да ја скокнале културата и убавото однесување.
Видете и ова: Во потрагата по успешни, заборавивме да растеме среќни децаРодителите последни дознаваат?
Како што се работи со учениците, да има работилници и со родителите, препорачуваат наставниците оти родителите најчесто не знаат што се случува со нивните деца, па ќе ви речат „не го препознавам своето дете во тоа што го зборувате“.
Има и такви случаи кога родителите доаѓаат во придружба на адвокати кога треба да ја потпишат педагошката мерка против нивното дете во училиштето.
Ниту Горан Т. од Скопје не знаел дека неговата ќерка, деветтоодделенка е жртва на булинг, сè додека еден ден не добил телефонски повик од училишниот педагог.
„Го прашав педагогот - Зошто моето дете. Па таа е одличен ученик, оди по натпревари, успешна спортистка е. Ми одговора – па токму затоа“, вели овој родител, кој дури тогаш дознал дека неговото дете не е од „популарните“, не ја дружат, не ја викаат за излегување, не ја вклучуваат во четови, освен кога сакаат да ја тормозат, па после ја бришат.
Потоа во разговор со деца од одделението, кога прашувал зошто неговата ќерка е мета на навреди, некои од нив му рекле дека изборот е да бидеш со популарните или против нив, па иако знаеле дека тоа што ѝ го прават не е добро, се одлучиле да бидат со тие што се „ин“.
Наставниците велат дека за превенција на врсничкото насилство треба да има соработка – наставник- ученик – родител, ако сите страни не се вклучени нема ништо.
Минатата година полицијата регистрирала 102 настани за насилно однесување меѓу млади, за 10 од нив се поднесени кривични пријави, велат од Министерството за внатрешни работи за РСЕ. Полицијата издала 60 барања за прекршочна постапка за физички напад и учество во тепачка и против родителите за занемарена грижа.
Видете и ова: Шаќири: За врсничкото насилство не е одговорно само МОНМинистерството за образование минатата година, откако во соседна Србија ученик пукаше и уби соученици и чувар во школо во Белград, отвори електронска пошта на која може да се пријавува врсничко насилство. Во Министерството има посебен сектор кој постапува по пријавите, ги испитува сите, а доколку е потребно се вклучува и МВР и Министерството за труд и социјална политика.