Се повеќе европски земји дебатираат за враќање на задолжителното служење на воен рок, вклучително и земји од регионот како Србија, Косово и Хрватска, која е членка на НАТО. Прашањето се актуелизираше во повеќе европски земји откако Русија ја започна инвазијата врз Украина во февруари 2022 година.
Иако министерката за одбрана Славјанка Петровска овој месец изјави дека Северна Македонија нема потреба од враќање на редовниот воен рок, со тоа не се согласуваат многу граѓани во анкета што ја спроведе Радио Слободна Европа на социјалните мрежи.
Во десетици коментари тие објаснуваат зошто сметаат дека треба да се врати служењето на задолжителен воен рок. Некои предлагаат дека војска треба да се служи три месеци, други се за девет месеци, а некои и за цела година одење во војска. Има и такви кои сметаат дека во војска задолжително треба да одат и мажи и жени.
„Обавезно треба да се врати воениот рок, тоа е школа за младите барем една година“, смета Филип Колекески.
Видете и ова: Естонија предупредува дека Русија се подготвува за воен конфликт со ЗападотСо тоа се согласува и Лута Ахмети кој вели дека во времето кога служел војска научил многу работи, како ред и дисциплина, а според него одењето во војска освен што е бенефит за државата, „таа е неопходна е секој млад човек да стане маж„.
„Јас сум за служење војска шест или девет месеци. Војската создава подобри луѓе (...) и тоа можат да го потврдат само оние биле во војска“, вели Ахмети.
Но, голем дел од коментарите на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм се дека не е потребно да се врати задолжителниот воен рок, а како најчеста причина се наведува дека би бил оптоварување на буџетот.
„Од каде ќе најде дражавата пари и колкав е трошокот за еден војник„, прашува Александар Митевски во фексбук анкетата на РСЕ.
Петровска - штетно за младите и државата
Поделеност има и кај експертската јавност. Според дел од оние со кои разговаравме, задолжителното служење на воениот рок е неопходно во сегашната констелација на меѓународните односи, а дел сметаат дека тоа е непотребно, особено од аспект на високите финансиски трошоци и со оглед на фактот дека Северна Македонија од 2020 година е членка на најголемата воена алијанса НАТО.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска на 16 февруари изјави дека нема потреба од враќањето на задолжителниот воен рок, бидејќи според неа нема зголемена безбедносна закана кон државата или финансиска оправданост за таква одлука.
„Покрај согледаните закани, враќањето на задолжителната услуга би барало значителни финансиски ресурси. Подеднакво клучно е влијанието врз поединците кои ќе наполнат 18 години, кои би биле настрана од пазарот на трудот и образовните определби. Ова може да се покаже штетно и за младите и за државата“, вели Петровска.
Многу европски земји го укинаа задолжителниот воен рок по крајот на Студената војна. Но, некои од нив започнаа да размислуваат тоа да го вратат и пред почетокот на војната во Украина.
Видете и ова: Шефот на романската армија предупредува на можно ширење на војната надвор од границите на УкраинаДебатата за ова прашање во европските земји дополнително се загрева додека траат воените конфликти на Блискиот Исток, војната меѓу Израел и Хамас – којшто САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација, случувањата во Црвеното Море со Хутите од Јемен, настаните околу „замрзнатиот“ конфликт меѓу Кина и Тајван и т.н.
Хрватското Министерство за одбрана и Генералштабот на вооружените избраа модел за тримесечна задолжителна обука на младите со наполнети 18 години, кој се уште се доработува.
Србија е меѓу земјите од регионот која во јануари го објави предлогот за враќањето на задолжителниот воен рок, по укинувањето во 2011 година. Српското Министерство за одбрана на 4 јануари соопшти дека Генералштабот на српските вооружени сили формално му предложиле на претседателот Александар Вучиќ за враќање на воениот рок по една деценија доброволно служење. Вакви иницијативи дојдоа и во Косово од премиерот Албин Курти.
Засега за вакви иницијативи не размислуваат Албанија, Црна Гора, БиХ кои исто така имаат професионални војски.
Дујовски - професионалната армија е доволна
Слично како што направија скоро сите земји од Западен Балкан, во Северна Македонија во 2006 година служеше последната класа откако една година претходно македонското Собрание ја изгласа парламентарната иницијатива за укинување на воениот рок и создавање на мала професионална и модерна армија според стандардите на НАТО.
Видете и ова: 2022: Светот на раб на нова светска војнаПрофесор Никола Дујовски - декан на Факултетот за безбедност во Скопје смета дека тоа е сосема доволно за потребите на државата како членка на НАТО и според него нема потреба од враќањето на задолжителниот воен рок, бидејќи ќе ја чини скапо државата, а нема ја подобри подготвеноста на Армијата.
„Нашиот пат е јасен, ние градиме стратешка соработка со мала, професионална и мобилна армија и за нашите потреби тоа е повеќе од потребно. Овие регионални иницијативи се повеќе популистички и само ќе го оптоварат секојдневието и нема да придонесат за професионализација на армијата“, вели Дујовски.
Хаџи Јанев - неопходно враќање на редовниот воен рок
Генералштабот на Армијата на Северна Македонија во моментов располага со персонал од околу 7.000 луѓе ангажирани како професионална војска и резервни сили, според Стратегискиот одбранбен преглед на Министерството за одбрана. Луѓето се распоредени на стратегиско, оперативно и тактичко ново и во резервната компонента.
Но, со спротивен став е професор Методи Хаџи Јанев - вонреден професор по меѓународно право на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.
Хаџи Јанев вели дека сегашните состојби на меѓународен план се менуваат многу брзо и според него веќе не може да се стои на ставот дека државата нема опасност од воен напад.
Македонија, вели тој, од една страна има социјална причина за враќање за задолжителниот воен рок, а од аспект на безбедноста според него потребата е „очајна“.
„Имаме распуштена младина, а со служење во армија ќе се индоктринираат, ќе научат да ја сакаат државата, ќе научат да почитуваат вредности, ред, дисциплина. Воениот рок треба да се врати на девет месеци до 12 месеци, во кој младите ќе станат лојални граѓани на оваа држава. Ако сакате во вистинска смисла да го спроведете Охридскиот рамковен договор, војската е единствено место каде што може да се спроведе. „Братство и единство“ се градело и покажало најдобри резултати во армијата“, вели Хаџи Јанев.
Видете и ова: Вучиќ: разгледуваме задолжителен воен рок во СрбијаТој додава дека армијата е првиот бран којшто во случај на воена состојба треба да го подготви населението да премине од состојба на мир во состојба на војна, што според него значи да ги активира резервните состави, да ги вооружи и да им даде дополнителен тренинг ако е тоа потребно и потоа заедно да одат во бој.
По прогласувањето на независност од Југославија, тогашното Собрание на Република Македонија го изгласа Законот за одбрана со кој Армијата стана вооружена сила. Според Уставот, одбраната на Републиката е право и должност на секој граѓанин кое се уредува со закон.
Воведување професионална војска во Северна Македонија во 2006 година беше дел од процесот на трансформација во координација со НАТО, каде само неколку членки имаа задолжителен воен рок.
Каде има задолжителен воен рок?
Во Турција, Грција, Литванија, Естонија, Белорусија, Кипар, Швајцарија, Австрија и Финска никогаш не беше укинат воениот рок.
Германија во 2011 година го суспендираше задолжителниот воен рок, но германскиот министер за одбрана Борис Писториус во декември 2023 година за весникот „Die Welt“ изјави дека „во ретроспектива, сепак, тоа беше грешка“.
Германија во моментов разгледува повеќе модели за враќање на задолжителниот воен рок, а за тоа размислуваат и Франција, Романија, Холандија.
Видете и ова: Пендаровски: изјавата за повторно служење војска е обид за отворање дебатаОбединетото Кралство, САД и Канада имаат професионални армии веќе 50 или повеќе години.
Шведска е земја која во 2017 година повторно го воведе воениот рок кој претходно го суспендираше во 2010 година. Норвешка во 2016 година ја врати задолжителната регрутација за мажи и за жени со наполнети 18 години. Во Данска исто така служењето војска е задолжително со наполнети 18 години, а пријавувањето е опционално за жените.
Израел има задолжителна воена служба и за мажи и за жени, при што регрутирањето обично започнува на возраст од 18 години.
По руската анексија на Крим во 2014 година, Украина воведе задолжително да служат војска мажите од 18 до 26 години, но по целосната руска инвазија во 2022 година, украинската влада донесе закон сите физички подготвени мажи од 18 до 60 години потенцијално да бидат предмет на задолжителна воена служба.