Јањево на Косово: Од трговски и занаетчиски центар до празни куќи

Јањево, Косово, ноември 2023

Тишината што „одекнува“ низ тесните улички на Јањево ја прекинува само звукот на камбаната на католичката црква, која датира од 1856 година.

Оваа црква, посветена на Свети Никола, е збирно место за неколкумина припадници на хрватската заедница кои останаа да живеат во Јањево, место на околу 20 километри од Приштина.

Припаѓа на општина Липљан и таму освен Хрвати живеат и Албанци, Турци и Роми.

На неколку стотини метри под црквата има и џамија, а мештаните со кои разговараше тимот на Радио Слободна Европа (РСЕ) ја истакнуваат својата гордост за „мултикултурализмот и мултиетничноста“.

Село Јањево, локалната џамија

„Немаше да има (меѓуетнички) проблеми на Косово ако секаде беше како во Јањево“, вели Олга Гличиќ, Хрватка од Јањево.

„Сите сме како една куќа“, вели Нуредин Имери од редовите на албанската заедница.

Едно училиште, два системи
Олга Гличиќ е заменик-директор на основно училиште кое работи по косовскиот систем. Во истиот објект има и училиште каде наставата се одвива по план и програма на Република Србија.

Училиште во кое наставата се одвива според два система.

Влезот во училиштето во кое албански и турски ученици одат на настава според косовскиот систем.

Наставата по косовскиот систем ја следат околу 200 ученици од албанската и турската заедница, додека наставата на српски јазик ја следат околу 50 ученици од хрватската и ромската заедница.

Олга Гличиќ наведува дека соработува со колегите од српскиот систем, а напоменува дека немаат никакви проблеми.

„Сите влегуваме во ова училиште (преку истиот влез), немаме никакви проблеми. Децата се таму пред нас, така што нема политика во училиштето“, вели таа.

Олга Гличиќ, заменик директор на училиштето кое работи според косовскиот систем.

Нејзините зборови ги потврдува и директорот на училиштето на српски јазик, Горан Јаниќијевиќ.

Но, тој не сакаше подетално да зборува за „двојна“ настава во една зграда, со образложение дека директорската функција ја презел пред десетина дена и дека му треба малку време да се запознае со целата ситуација.

Час на кој наставата се одвива по српски ситем.

Децата од хрватската и ромската заедница во Јањево го продолжуваат своето образование по завршувањето на основното образование во едно од средните училишта во Грачаница, кои исто така работат под покровителство на Министерството за образование на Србија.

Албанците и Турците одат во Липљан, каде училиштата работат според косовскиот систем.

Училница во која наставата се одвива според косовскиот систем

„Тивкото исчезнување“ на Хрватите од Јањево
Олга Гличиќ забележува и дека децата од хрватската заедница по завршувањето на средното училиште или факултетот заминуваат во матичната земја или во друга земја во Европската унија.

Своите тврдења таа ги поткрепува со тоа што некогаш во Јањево имало околу 1.300 ученици од хрватската заедница, а денес само дванаесет.

Инаку, до почетокот на 90-тите во Јањево имало речиси 5.000 Хрвати, а денес таму живеат 150.

Овие податоци на РСЕ ги презентираше парохискиот свештеник на Католичката црква, Дон Мате. Тој додава дека „тригер“ за миграцијата на косовските Хрвати била војната во нивната матична земја во 1991 година.

Дон Мате - жупник на католичката црква

За заминувањето на населението сведочат и трошните и празни куќи низ Јањево.

„Имаме многу празни куќи, некои во центарот и околу центарот се продадени... Се обидов статистички да ги избројам, но секој пат кога станува се потажно, секоја година заминуваат по едно или две семејства“, изјави Дон Мате во интервју за РСЕ.

Католичка црква во Јањево

На некои од овие куќи има натпис дека се дел од проект финансиран од Европската Унија наречен „Културното наследство како двигател на економската преродба на Јањево“.

Напуштена куќа во Јањево

Дон Мате објаснува дека младите одат во Хрватска на сезонска работа и дека се помалку од нив се враќаат дома.

„Нема враќање, тоа е многу голем проблем. Секогаш се зборува за враќање во Косово, но кај нас нема такво нешто, освен едно семејство што се врати по две години во Хрватска“, вели тој.

Напуштена куќа во Јањево

Пречките „да се вратат, да останат и да преживеат“ во Косово, додава тој, се од економска природа.

Инаку, хрватската заедница не е уставно признаена на Косово, што значи дека немаат загарантирани права како другите малцински заедници, ниту пак нивни претставници во институциите.

Јањево

Дон Мате во текот на разговорот често спомнува „наши“ кои им помагаат и објаснува дека тоа се Јањевци кои мигрирале, но не го заборавиле својот народ.

Нема никаква трага од „домашните мини-фабрики
Овој парохиски свештеник со задоволство се сеќава дека Јањево било надалеку познато по своите трговци и занаетчии.

„Порано Јањево беше познато по своите занаетчии, трговци, леарници. Речиси секоја куќа беше мини-фабрика, денес останаа само три производители. И тие едвај преживуваат“, вели тој.

Напуштена куќа

Нуредин Имери тврди и дека порано животот бил убав и дека лесно се заработувало бидејќи, како што вели, Јањевци и нивните производи биле познати низ поранешна Југославија.

„Имав четиринаесет години кога го заработив првиот динар. Се се произведуваше, лиење, пластика, накит... овде во Јањево почнаа да се прават алуминиумски лажици и вилушки“, вели Имери.

Денеска е сопственик на кафетерија во центарот на Јањево, но не гледа перспектива.

Нуредин Имери, жител на Јањево

Неговите деца веќе заминаа во западните земји во потрага по подобар живот.

„По војната, тука не остана ништо добро“, вели тој и продолжува да се жали на лошата инфраструктура и комунални услуги.

„Нема работа, нема перспектива“
Десно на самиот влез во Јањево живеат припадници на ромската заедница. Еден од нив е Гарип Љеат, кој се жали на лошата социјална и економска состојба.

„Не работам никаде, никаде нема работа. Понекогаш наоѓам нешто приватно и добивам косовска пензија“, вели Љеат.

Гарип Љеат жител на Јањево

Тој додава дека има четири деца, дека сите завршиле училиште, но се уште не можат да се вработат.

Се сеќава дека Јањево некогаш било развиено индустриско место, дека имало работа за сите заедници, вклучително и за Ромите.

„Помагавме, одевме на работа, некои беа и самите занаетчии, но се се смени. Од тоа не остана ништо, веќе нема перспектива“, заклучува тој.

Инаку, Европската Унија во 2021 година започна со реализација на проектот за зачувување на културното и верското наследство и развој на туризмот во општина Липљан.

Проектот вреден околу два милиони евра се однесува и на зачувување и реставрација на историскиот центар на Јањево. За оваа цел Владата на Косово одвои 1,4 милиони.

Реставрација на куќа во Јањево дел од проектот на УНДП

Во меѓувреме, во мај годинава, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) на Косово објави дека се работи на реставрација на девет куќи, а во план е реставрација на 14 згради, како и обука за туристички водичи.

Министерот за култура, млади и спорт во Владата на Косово, Хајрула Чеку, изјави дека историскиот центар на Јањево ќе се трансформира во атрактивна дестинација за посетителите, а со тоа ќе се развие туризмот и локалната економија.

Во описот на проектот „Културното наследство како двигател на економската преродба на Јањево“ пишува дека целта е да се обноват куќи кои ќе придонесат за „оживување на историјата и сеќавањата на хрватските семејства кои некогаш живееле таму, поттикнувајќи и зачувување на богатото културно наследство на Јањево“.

„Проектот ќе биде од корист за сите заедници преку создавање можности за социо-економско заживување и промовирање на локалниот туризам“, се вели меѓу другото.

Трошни куќи во Јањево

Сепак, Олга Гличиќ не верува дека ова реновирање на куќите може да ја врати „старата слава“ на Јањево, ниту пак да ги врати во родното место оние што заминале.

„Не би рекол дека може да донесе позитивни промени. Дај Боже, но тешко е“, смета оваа соговорничка на РСЕ, Хрватка која е родена, израсната и живее во Јањево.

Проектот предвидува реставрација на објекти и развој на туризмот

Таа напоменува дека нејзините предци се од Јањево, дека таму живееле пред седум века и дека таа самата никогаш нема да го напушти родното место.

„Можеби еден ден ќе бидам сама, можеби нема да има никој (од хрватската заедница), но јас сум подготвена за тоа“, децидно заклучува Олга Гличиќ.