Израел повика на евакуација на цивилите во Газа кон југ

Оклопни возила, артилерија, тенкови и пешадија на израелската војска го проширува просторот на делување во северниот дел на Појасот Газа. Стотици згради во Газа се речиси целосно уништени. Хамас најави ослободување на осум заложници по барање на Русија.

Израел во саботата ја прошири својата копнена операција во Појасот Газа со пешадија и оклопни возила поддржани од „масивни“ воздушни и поморски напади, вклучително и бомбардирање на тунелите на Хамас.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галан изјави дека „тлото во Газа се тресе“ и дека војната против Хамас влезе во нова фаза.

Клучна цел во неговата кампања е уништување на владејачката група на палестинската територија по нејзиниот упад во Израел пред три недели.

Газа беше во голема мера отсечена од надворешниот свет во саботата на 28 октомври, откако Израел ги прошири воздушните и копнените операции и сугерираше дека започнала долго ветената копнена офанзива против милитантите на Хамас кои ја контролираат палестинската енклава, јавува новинската агенција Ројтерс.

Израелската армија повторно ги повика жителите на Појасот Газа да се евакуираат од северот на палестинската територија пред претстојната израелска копнена операција.

„Враќањето назад во северниот дел на Газа ќе биде можно откако ќе завршат интензивните непријателства. Движете се на југ за своја безбедност. Ова не е мерка на претпазливост, ова е итна молба“, изјави израелскиот адмирал во видео обраќањето објавено на социјалната платформа Х, позната порано како Твитер.

Израел во саботата наутро соопшти дека неговите трупи, испратени во петокот вечерта, сè уште се на терен, без да даде детали.

Израелските воздухопловни сили претходно имаа само кратки летови во Газа за време на тринеделното бомбардирање. Израелската војска синоќа соопшти дека го засилува бомбардирањето на Газа и дека нејзините копнени сили ги „прошируваат операциите“.

Хамас: Ќе возвратиме со сета сила

Хамас во саботата соопшти дека неговите милитанти во Газа се подготвени да се спротивстават на израелските напади со „сета сила“ откако израелската војска ги прошири своите воздушни и копнени напади на палестинска територија.

Видете и ова: ОН повикува на непречена испорака на хуманитарна помош во Газа


Палестинската милитантна група која владее со Газа соопшти дека нејзините борци се судриле со израелските пешадиски трупи во областите во близина на границата со Израел, откако Израел пријавил зголемени напади во Газа.

Уништени стотици згради во Појасот Газа

Стотици згради беа „целосно уништени“ во Појасот Газа во израелското бомбардирање во текот на ноќта, објави во саботата палестинската цивилна одбрана.

Според известувањето на новинската агенција Франс Прес најтешкото израелско бомбардирање синоќа било концентрирано во зоните околу двете болници Ал Шифа во Газа и околу болницата на север, во секторот Џабалија, наречен „индонезиски“ затоа што е изграден благодарение на подарок од Индонезија.

Според последните податоци на Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, во израелските напади врз Газа од 7 октомври досега загинале 7.703 луѓе, меѓу кои и повеќе од 3.500 деца.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Тунелите во Газа: зошто се изградени и за што служат?

Засега нема информации колку луѓе загинале во синоќешните интензивни воздушни напади.

Хамас ќе ослободи заложници по барање на Русија

Хамас соопшти дека ги бара осумте лица кои ги зеле како заложници во Газа и дека е подготвен да ги ослободи со цел да го исполни барањето на Русија.

Официјалниот претставник на Хамас Абу Марзук изјави за руската државна новинска агенција РИА дека руското Министерството за надворешни работи доставило листа со осум имиња, од кои сите имаат двојно државјанство.

„Ние сме многу внимателни во врска со оваа листа и внимателно ќе се справиме со неа бидејќи ја гледаме Русија како наш најблизок пријател“, рече Марзук.

„Сега ги бараме овие луѓе. Тешко е, но бараме. И штом ги најдеме ќе ги ослободиме и покрај тешкотиите поради моменталната состојба“, посочи тој.

Видете и ова: Израел го обвинува шефот на ОН дека го оправдува тероризмот на Хамас


Марзук деновиве беше во Москва. Русија во петокот ја бранеше својата одлука да покани делегација на Хамас во Москва поради остри критики од Израел, велејќи дека е неопходно да се одржуваат контакти со сите страни во конфликтот.

Семејствата на заложниците во Газа загрижени поради најавената израелска компнена офанзива

Семејствата на заложниците во Газа се „потресени и загрижени“ од опасноста во која би ги ставила израелската копнена офанзива, соопшти групата што ги претставува, Форумот за заложници и исчезнати семејства .

„Семејствата се загрижени за судбината на своите најблиски и чекаат објаснување. Секоја минута изгледа како вечност,“ се вели во соопштението.

Оваа организација ја критикуваше израелската влада дека не се сретнала со оние чии најблиски се уште се во заробеништво.

Израел соопшти дека во Газа се држат 224 заложници, додека Хамас тврди дека околу 50 од нив биле убиени во израелското бомбардирање.

Според Израел, повеќе од половина од заложниците што ги држи Хамас имаат странски пасоши од 25 различни земји.