Еуфорично и со стиховите од песната „Бисер балкански“, Христијан Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ вечерва беа пречекани на говорницата во партиското седиште од каде ја прогласија убедливата победа на парламентарните избори во Северна Македонија на 8 мај.
„Успеавме“, „Историска победа на народот“, „Пад на владата во Македонија“ – ова беа дел од првите зборови на Христијан Мицкоски, кој извесно е дека ќе биде мандатар за формирање на новата Влада во Скопје.
„Уверен сум дека ќе ја формирале владата во најкус можен рок“, рече Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ речиси седум години беше во опозиција. Покрај победата на парламентарните, нивната кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова убедливо го совлада и ривалот Стево Пендаровски во вториот круг од претседателските избори и ќе биде првата жена шеф на државата.
Видете и ова: Гордана Сиљановска Давкова ќе стане првата жена претседателСпоред првичните резултати од Државната изборна комисија (ДИК), ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ со речиси 400.000 гласа, во идниот парламентарен состав ќе имаат 58 пратенички мандати. За да формира влада и да ја предводи државата, на една партија и е потребно мнозинство од 61 пратеник од вкупно 120 во македонското Собрание.
Меѓу првите честитки кои пристигнаа на нивна адреса беше и таа од унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој доаѓа од сестринската партија Фидес во Унгарија. Таму, инаку, во азил се наоѓа и поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој избега од земјава за да избегне издржување на затворска казна.
Тежок пораз на СДСМ
СДСМ со еден од најтешките порази во својата историја заминува во опозиција со само 18 пратеници. Лидерот Димитар Ковачевски не поднесе оставка, но најави внатрепартиски избори и на претседател и на сите партиски органи.
Симулациите на ДИК покажуваат дека коалицискиот партнер на социјалдемократите, ДУИ ќе имаат еден мандат повеќе од СДСМ – 19, а обединетата албанска опозиција во коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) ќе има 13.
И покрај ваквите резултати во албанскиот блок, извесно е дека во опозиција заминува и ДУИ бидејќи и Мицкоски и лидерите на албанската опозиција ВРЕДИ најавија разговори за формирање на новата влада.
Затоа, покрај зурлите и тапаните и патриотските песни кои одекнуваа низ центарот на Скопје поради прославата на ВМРО-ДПМНЕ, огномети и славје имаше и пред седиштата на „Вреди“ во главниот град и во Тетово.
Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ ја слави победата на плоштадот во СкопјеВо идниот парламентарен состав ќе влезат уште две политички опции. Левица и новоформираната ЗНАМ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски ќе имаат по шест пратеници.
Мицкоски најави одговорност за корупцијата и добри економски вести
Во своето прво обраќање на изборната вечер, Мицкоски оцени дека корупцијата, неспособноста, местењето тендери, непотизмот се меѓу причините за падот на актуелната власт. Но, од друга страна и тоа што тие како ВМРО-ДПМНЕ настапиле со конкретна програма и добра понуда за граѓаните.
„Ќе одговараат до последниот, секој кој направил криминал и спровел корупција, мора да има одговорност која ќе се темели на правда и закон“, беше една од првите пораки на Мицкоски.
На идните функционери од неговата партија, пак, им порача да учат од грешките на досегашната власт и да не го потценуваат народот, но и најави во првите сто дена добри економски вести.
„Во напредна фаза сме и во разговори за силен инвестициски пакет кој ќе ја поттикне економијата. Но очекувајте уште во првите сто дена многу добри вести за граѓаните и македонската економија“, рече Мицкоски, но не кажа повеќе детали за што се работи.
Видете и ова: Мицкоски: Ова е победа на Македонија, Владата ќе се формира во најкраток рокПокрај со албанската коалиција „Вреди“, најави разговори и со останатите опозициски партии. Но, како што рече, тоа не значи дека сите ќе бидат дел од идната влада.
Лидерот на партијата Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, кој е дел од коалицијата „Вреди“, пак, најави дека уште утре (9 мај) ќе ги започнат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски: Ќе се избира нов претседател и раководство на СДСМ
Додека еуфоријата кај ВМРО-ДПМНЕ, која прославата ја продолжи на централниот плоштад во Скопје, не спласна до утринските часови, кај СДСМ беше тивко.
„Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар. Не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата“, рече лидерот на социјалдемократите, Димитар Ковачевски.
Потенцираше дека и тој и партиското раководство, но и сите функционери на СДСМ имаат одговорност за резултатот. Најави избор на нов лидер, но не кажа дали има амбиции да ја задржи позицијата.
„Согласно статутот на партијата ќе биде свикан отчетен конгрес на партијата на кој ќе се разгледаат причините за изборниот резултат и работењето на партијата за периодот од 2020-2024 година и ќе се одредат роковите за консолидирање на СДСМ преку избор на претседател, раководство, претседатели на ОИ, на сите органи“, рече Ковачевски.
Видете и ова: Ковачевски: Резултатот е разочарувачки, повикувам на нови внатрешни избори во СДСМНа ВМРО-ДПМНЕ им честиташе на победата, но им порача и дека сега на нив како власт е да не ја пропуштат шансата за евроинтеграцијата на земјата.
„СДСМ ќе се однесува одговорно, но топката сега е во рацете на новата влада предводена од Христијан Мицкоски“, рече Ковачевски.
Ахмети со порака до ВМРО-ДПМНЕ
Додека ВМРО-ДПМНЕ во опозициските клупи со СДСМ ги испрати и ДУИ, лидерот на интегративците Али Ахмети испрати порака да се почитуваат гласовите од граѓаните. Во неговиот говор тој алудираше на непишаното правило „победник (од македонскиот) со победник (во албанскиот блок)“, кој самата ДУИ го прекрши по изборите во 2016 кога направи влада со СДСМ кој на тогашните избори имаше два пратеника помалку од ВМРО-ДПМНЕ.
„Реков дека треба стабилност и мир. На државата и треба добра комуникација меѓу заедниците, а не поделба меѓу заедниците. Треба да се почитуваат гласовите на мнозинската заедница во државата, за ова треба да сносиме одговорност сите“, рече Ахмети кога новинарите го прашаа каква опозиција би биле.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Влада најдоцна до крајот на јуни
По денешните избори, идните пратеници треба да одржат конститутивна седница во рок од 20 дена или најдоцна до 28 мај.
Паралелно со тоа, треба да се случи и инаугурацијата на новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова со оглед дека мандатот на актуелниот шеф на државата истекува на 12 мај. За да се испочитуваат роковите, новата претседателка заклетвата ќе ја даде пред стариот собраниски состав.
А, откако ќе се конституира новото Собрание, Сиљановска-Давкова, како претседател ќе биде должна во рок од десет дена да го додели мандатот за состав на идната Влада на кандидатот на партијата односно партиите што имаат мнозинство во парламентот. Според резултатите од изборите, извесно е дека тоа ќе биде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Потоа тој ќе има 20 дена до Собранието да достави програма и предлог состав на новата Влада. Таа треба да биде изгласана со мнозинство гласови (61) од вкупниот број пратеници.
Ако се земат предвид ваквите рокови, тоа би значело дека најдоцна до крајот на јуни ќе треба да биде предложена новата влада.
Ако Мицкоски стане премиер, ќе биде 11-ти на оваа функција доколку не се земе предвид Никола Кљусев кој беше на чело на експертска влада (1991-1992) по отцепувањето од Југославија.