Иран има силни опции за одмазда против Израел, вклучително и нуклеарно оружје

Иран ја претстави својата најнова ракетна технологија на парадата за Денот на националната армија.

Aко Иран одлучи воено да одговори на наводниот напад на Израел на 19 април, како што направи претходно на 13-ти, работите може да ги однесе многу подалеку. Освен елементот на изненадување, во игра може да влеза и нуклеарното оружје, за што долго време постојат сомневања.

Ако Иран одлучи да одговори на наводниот израелски напад на неговата територија на 19-ти април, можеби нема да мора да ги повлекува „ударите“ како што тоа го направи минатиот пат.

Нападот на Техеран против Израел минатата недела од многумина беше опишан како неуспех. Но, Иран има многу други „стрели“ доколку неговиот судир со Израел продолжи да ескалира.

Експертите велат дека Иран има пософистицирано оружје на располагање, дека може да ги внесе во борба своите сојузници за разлика од нападот на 13-ти април, може да го искористи и елементот на изненадување.

И крајната закана е - во игра да влезе и официјалното активирање на неговиот напор за развој на нуклеарно оружје, за што долго време постојат сомневања.

Видете и ова: Г7 го предупредува Иран на нови санкции

Внимателноста на прво место

Откако неговата територија беше погодена на 19 април, првичниот одговор на Иран беше пригушен.

Додека неидентификувани американски официјални лица наводно рекле дека Израел го извршил нападот, Техеран директно не го обвини Израел за вмешаност, а Израел не го коментираше инцидентот.

Висок ирански функционер кој сакаше да остане анонимен за Ројтерс изјави дека „нема план за итна одмазда и нема појаснување кој стои зад инцидентот“.

„Странскиот извор на инцидентот не е потврден“, рече официјалниот претставник.

„Не добивме никаков надворешен напад, а дискусијата повеќе се приклонува кон инфилтрација отколку кон напад“, додаде тој.

Генералот на иранската армија Сијавуш Михандуст рече само дека експлозиите што се слушнале во централниот град Исфахан се „поради работата на противвоздушната одбрана против сомнителни објекти“.

Иранската државна телевизија објави дека три мали беспилотни летала биле соборени источно од Исфахан, во кој се наоѓаат иранските нуклеарни постројки и емитуваше снимка што прикажува слика на смиреност во градот.

Видете и ова: Израел наводно извршил одмазднички напад врз Иран

Портпаролот на иранскиот Национален центар за киберпростор, Хосеин Далиријан, ги отфрли извештаите на американските медиуми кои цитираа неидентификувани американски официјални лица кои велат дека во нападот биле користени проектили.

„Немаше воздушни напади надвор од иранските граници против Исфахан или други делови од земјата“, напиша Далиријан на мрежата X.

„Тие направија само неуспешен и понижувачки обид да лансираат беспилотни летала, а беспилотните летала беа соборени“, рече тој.

Времето е сè

Аналитичарите велат дека е вообичаено Техеран да се воздржува од коментари за вакви инциденти додека го одреди курсот на дејствување.

Но, ако Иран одлучи воено да одговори, како што направи на 13 април, работите може да ги однесе многу подалеку.

Одговорот на Иран на 13 април беше одмазда за убиството на седуммина членови на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) од 1 април, во нападот врз иранската амбасада во Дамаск, за што го обвини Израел.

Хамидреза Азизи - соработник во Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања, истакна дека пред одговорот на Иран против Израел на 13 април, кој практично беше спречен, Техеран се погрижил „сите за тоа да знаат однапред“.

Намерно немаше „никаков елемент на изненадување“, рече Азизи.

Видете и ова: МААЕ: Нема штета на нуклеарните постројки во Иран

Но, неколку часа пред нападот на 19 април, министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан за Си-Ен-Ен изјави дека доколку Израел повторно преземе акции против Иран, „следниот одговор од нас ќе биде итен и на максимално ниво“.

Иранскиот заменик министер за надворешни работи Али Багери Кани на 15 април рече дека „нема да има јаз од 12 или 13 дена“ меѓу израелскиот напад и иранскиот одговор. Израел, рече тој, „сега мора да смета во секунди, а не во часови“.

Нагласувањето на иранските власти на непосредноста на можен одмазднички напад сигнализира дека Иран овојпат нема да ја телеграфира својата стратегија, што ги зголемува шансите за нанесување поголема штета.

Повеќе оружје во иранскиот арсенал

Техеран лансираше повеќе од 300 беспилотни летала и проектили за време на својот напад на 13 април, во кој огромното мнозинство или беа соборени или не успеаја да стигнат до нивната цел, но експертите и иранските власти сугерираат дека можел да употреби помоќно оружје.

Командантот на Воздухопловните сили на ИРГЦ, Сардар Хаџизадех, рече дека Иран на 13 април користел „старо оружје со минимална моќ“, додавајќи дека Техеран одлучил во својот арсенал да не користи помоќни ракети, вклучително и хиперсонични.

Видете и ова: Додека ескалира конфликтот меѓу Иран и Израел, арапските земји остануваат на своето

Фабијан Хинц - истражувач во Меѓународниот институт за стратешки студии во Берлин, ја доведе во прашање вистинитоста на тврдењата на Иран дека можел да користел подобро оружје, велејќи дека една од ракетите лансирани против Израел, балистичката ракета Кеибар Шекан претставена во 2022 година, „е една од од најдобрите ракети што ги има Иран“.

Хинц за Радио Фарда на РСЕ изјави дека во однос на квалитетот, не е сигурен дека Иран би можел да направи „квалитативен скок“ во кој било иден напад.

Меѓутоа, во однос на огромниот број, Иран има „многу, многу повеќе проектили и беспилотни летала на залиха“.

„Нема сомнеж во тоа“, вели Хинц.

Видете и ова: САД подготвуваат нови санкции за Иран

Опасни пријатели

Додека Иран со својот напад на 13 април испрати порака дека е подготвен директно да го нападне Израел и декаима капацитет да нанесе голема штета, Техеран сè уште има многу партнери и сојузници кои се подготвени да го нападнат нивниот заеднички непријател.

Додека членовите на таканаречената „оска на отпорот“ на Иран се бореле против Израел - вклучително и Хамас - организација означена како терористичка од САД и ЕУ, бунтовниците Хути во Јемен и либанскиот Хезбалах - овие групи во најголем дел се оддалечија од нападот на 13 април.

„Едно нешто што Иран може да направи е да го вклучи Хезбалах, бидејќи Хезбалах е многу поблиску до Израел“, рече Хинц.

„И кога се справувате со неверојатни одбрани, најдоброто нешто што треба да направите е да ги совладате, а тоа многу, многу е полесно на пократко растојание“, додава Хинц.

Користење на нуклеарно оружје?

Само неколку часа пред нападот на 19 април, командант на ИРГЦ прецизираше дека нападот што ги таргетираше иранските нуклеарни постројки ќе поттикне реципрочен напад врз израелските нуклеарни локации и дури може да доведе до преиспитување на официјалната нуклеарна доктрина на Иран.

Ахмад Хакталаб, кој ја надгледува нуклеарната безбедност на ИРГЦ, во коментарите објавени од иранските медиуми на 18 април рече дека: „нашите раце се на чкрапалото за реципрочни напади користејќи напредни ракети против нивните нуклеарни локации“.

Иран долго време беше осомничен од Израел, Соединетите Држави и други земји дека има нуклеарно оружје, додека Техеран изјави дека неговата нуклеарна програма е за мирољубиви цели.

Видете и ова: Путин го повика Блискиот Исток да се воздржи од нови конфликти

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) потврди по наводниот напад на Израел дека „нема штета на иранските нуклеарни локации“.

Но, пред инцидентот, Хакталаб рече дека дури и заканата од израелски напад врз иранските нуклеарни локации, прави да биде „можно и замисливо доктрината и нуклеарната политика на Исламската Република Иран да бидат ревидирани за да се сменат декларираните размислувања од минатото.“

Таа одлука на крајот ќе ја донесе врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи, кој го има последниот збор за сите главни одлуки во Иран и тврди дека Иран не може да се занимава со нуклеарно оружје од религиозни причини.

Но, Азизи нагласи дека заканата е реална, велејќи дека нападот на иранска територија „можеби е токму она што Иран сака да најде за изговор за да ја продолжи својата нуклеарна програма“.