И автобусите говорат за крахот во ЈСП

ЈСП располага со возен парк од 400 автобуси, но од нив само половина се исправни. Просечната старост им е 12 години.

Дури 30-тина се паркирани само поради пукнати или скршени ветробрански стакла, вели за РСЕ, претставникот на синдикатот во ЈСП Миќо Стојановски.

Но, граѓаните сведочат дека и голем број автобуси возат низ скопските улици со скршени ветробрански стакла. Најчесто тоа се двокатните автобуси што владата на поранешниот премиер Никола Груевски ги набави од Кина.

За поправките кои се потребни важно е и навремено да се завршуваат тендерите. Од синдикатот велат дека ЈСП не може да трпи поништен тендер за набавка на делови, затоа што тоа за автобусот на кој што му е потребен дел значи паркирање од 49 дена.

Во периодот од 2022 до 2023 година ЈСП инвестирало само 65 илјади евра во опрема, но не и во подобрување на возниот парк, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија.

Обиди да се купат нови автобуси имаше. Но, на последната седница на Советот на Град Скопје, по 26-ти пат немаше мнозинство гласови од советници за да се изгласа потребата од набавка. Речиси исто толку пати, не може да помине ниту проектот за Брз автобуски превоз (Бас рапит транзит – БРТ).

ЈСП и финансиски се наоѓа во незавидна ситуација. Според податоците од Министерството за финансии, 2021 претпријатието ја завршило со долг од 2,5 милиони евра. Следната 2022 тој се дуплирал и достигнал 5,1, а 2023 ЈСП ја заокружил со долг од 4,5 милиони евра. Во 2024, иако има обврска, претпријатието не доставило информации до Министерството.