Компаниите чекаат услови за унгарскиот заем, Владата уште не го потпишала договорот

Илустрација

Домашните компании чекаат какви ќе бидат условите за да ги користат парите од Унгарија. Од Владата сметаат дека веќе се „комуницирани во јавност“, а опозицијата критикува дека условите се тајни. Договорот со унгарската државна банка „Ексим„ не е потпишан, а експертите фрлаат сомнеж врз тајмингот. На ист начин Унгарија и даде заем на Република Српска во 2021.

Стопанската комора и Комората на Северозападна Македонија немаат никакви детали за начинот на кој ќе се делат 250 милиони евра кои Владата ги најавува како заем од Унгарија, а ќе бидат наменети за развој на бизнисите. Неофицијално од коморите велат дека се уште не ги знаат критериумите, ниту пак дали тие ќе бидат заем за фирмите или нешто друго. Чекаат да бидат информирани па потоа да одлучат дали ќе аплицираат.

Собранието на 17 септември 2024 година го изгласа Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Унгарската експорт - импорт банка кај која треба да се задолжи со 500 милиони евра. Половина од овие пари, односно 250 милиони евра, ќе бидат достапни за проекти за општините и огласот е веќе распишан, и сите општини конкурирале на него.

За другата половина од парите во одговорот кој Владата го испрати до Радио Слободна Европа, се вели дека условите се веќе познати.

„Секако дека ќе постојат услови, тие и до сега се комуницирани во јавноста, а поврзани со веќе најавениот раст на производството и раст на вработеноста, односно, како што веќе е најавено, се очекува стопанството, компаниите да учествуваат со уште најмалку иста парична сума, 250 милиони, со тоа да се зголеми или дуплира производството и да се дојде до најмалку 5000 нови отворени работни места, со што ќе се влијае на севкупниот економски раст на Македонија“, пишуваат од Владата во одговорот до РСЕ.

Опозицијата пак смета дека причина за тоа што власта се уште нема разработено ниту систем, ниту начин како тоа да се распределат парите за компаниите е токму тоа што набрзина и вонинституционално е договаран заемот.

„Очекуваме да видиме што е тоа и како ќе се пласираат тие средства во стопанството. Ние како пратеници имаме информации исто колку што има и јавноста што се однесува за тоа како и на кој начин би се користеле овие финансиски средства. Ова е еден нејасен пристап на една сериозна сума на финансиски средства за која што ја задолжувате државата, ги задолжувате граѓаните. Се задолжува секој еден граѓанин во Македонија секое дете што ќе се роди, а во суштина не знаеме како и на кој начин тие ќе бидат искористени и за што“, вели координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски во неделното интервју за РСЕ.

Видете и ова: Сите општини конкурираат за парите од унгарскиот кредит

Претходно претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески изјави дека компаниите не ги интересира ништо друго, освен да дојдат до свеж капитал, но под услови прифатливи за нив.

„Фирмите ќе посегнат по парите што се со помала камата, тоа е нормално, но така ќе креираме само моментално решение на ситуацијата. Мора се да оди во пакет, и да се обезбедат средства за поддршка на бизнисот, но и да се решат сите горливи прашања на кои постојано укажуваме. На тој начин ќе креираме квалитетен деловен амбиент во кој државата ќе има регулаторната функција, а бизнисот ќе води рамноправен натпревар на терен, без нејзино мешање“, изјави Азески (23 јули 2024).

Условите по кои државата го добива заемот од Унгарија се 3,25 проценти годишна камата, тригодишен грејс период и 12 години отплата на кредитот.

Унгарските пари преку домашни комерцијални банки

Договорот за обезбедување на средствата од заемот од Унгарија, дел наменети за компаниите, се очекува да биде потпишан на почеток на следниот месец, велат за РСЕ од Владата. Иако се уште непотпишан тој влезе во изгласаниот закон како официјален документ бидејќи тоа беше услов од Ексим банката во Унгарија која го дава заемот. Таа ја условила Северна Македонија да го изгласа законот по што ќе се стави и потпис. И покрај тоа што нема многу детали во одговорот од Владата, таа вели дека компаниите за заеми ќе аплицираат кај комерцијалните банки.

„Се очекува тие преку Развојната банка и потоа преку комерцијалните банки, по исти услови по кои е земен кредитот (од Експорт – Импорт банката од Унгарија), да бидат ставени на располагање на компаниите“, се вели во одговорот од Владата за РСЕ.

Видете и ова: Компаниите бараат прифатливи услови за парите од Унгарскиот кредит

Во договорот уште има низа забранети активности за кои не би смеело да се користат парите без разлика дали се за општините или за бизнисите. Забранети се трансакции поврзани со перење пари, финансирање тероризам, кои се спротивни на одредбите во унгарското законодавство на ЕУ, финансирање производи и услуги коишто се етички или морално неприфатливи како на пример сексуални помагала или медиумски производи, експериментирање врз животни.

Тајмингот за кредитот сомнителен за странски експерти

Даниел Хегедуш, виш соработник во тинк-тенк организацијата за јавна политика на германскиот „Маршалов фонд“ во Берлин, кој одамна го следи популизмот и демократското назадување во Централна и Источна Европа, во изјава за РСЕ, вели дека унгарските елити ќе имаат корист од финансиските врски со Северна Македонија, дури и ако придобивките за унгарскиот државен заемодавач, Ексим банката, остануваат помалку јасни.

Смета дека една од декларираните цели на унгарската влада е да ја позиционира Унгарија како меѓународен кредитор и да користи насочени повластени заеми за да го прошири глобалното влијание на земјата.

Видете и ова: Мицкоски: Рамката со Унгарија е отворена, во моментот ни требаат 500 милиони евра

„Сепак, времето на издавање на овој заем се чини сомнително, особено со оглед на тековниот буџетски дефицит и нивото на јавниот долг на Унгарија, кои се на височини невидени од финансиската криза 2008-2009 година. Ова е особено загрижувачко со оглед на заемот од 1 милијарда евра што Унгарија го обезбеди од Кина претходно оваа година. Сепак, иако владата не може да користи банки контролирани од државата за директно финансирање на јавниот дефицит, таа ги користи за да го прошири својот политички и економски досег во странство“, вели Даниел Хегедуш.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на официјалната посета на Северна Македонија во петокот, 27 септември наспроти сомнежите кои се покренаа и во унгарската јавност околу потеклото на парите, тој негираше поврзаност со Кина.

„Што се однесува до заемот, кинески заем не можеме да даваме, кинески пари не можеме да даваме. Ние со Кина имаме договор дека сите пари кои доаѓаат од Кина одат за конкретни проекти, кинески пари не можеме да ви даваме, но европски пари може да ви дадеме и тие ќе ви ги даваме“, рече Орбан.

Инаку „Ексим“ банката е во сто процентна сопственост на Унгарија и за неа веќе се знае дека сличен кредит има дадено на Република Српска, во договор со претседателот Милорад Додик во 2021 година.

Во соработка со Јакоб Кацоги од Унгарскиот сервис на Радио Слободна Европа