Владата подготвува терен за репреговарање на договорот тежок речиси 250 милиони евра за набавка на осум хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо хеликоптерс“, склучен во време на претходната влада со потпис на ексминистерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Ваквиот потег е најавен уште на владината седница на 6-ти март, која ја водеше заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николовски, кој воедно е и претседател на Координативното тело за арбитражни постапки.
„Се задолжува претседавачот на Координативното тело за следење на арбитражните постапки произлезени од меѓународните договори, во рок од три дена, да испрати барање за прибирање на понуди за избор на правна куќа за обезбедување на правни услуги од областа на меѓународното арбитражно и швајцарското право согласно утврден опфат на работа, до следните меѓународни адвокатски куќи: Three Crowns LLP, Herbert Smith Freehils LLP, Debevoise & Plimpton LLP. Freshfields LLP, Clifford Chance LLP, Latham & Watkins LLP“, пишува во записникот од владината седница.
Компаниите требало да ги достават понудите до 10 март.
Денеска, на 14 март, ова Координативно тело треба да ја избере најдобрата која во иднина ќе треба да даде правно експертско мислење за договорот склучен меѓу Министерството за одбрана и италијанскиот „Леонардо хеликоптерс“.

Одлука на Влада на РСМ од 6 март 2024 година
Вицепремиерот и воедно претседавач со ова тело, Александар Николовски, во разговор за РСЕ вели дека Координативното тело по задолжение од Владата досега одржало два состанока, започнувајќи ја постапката за избор на швајцарска адвокатска куќа. Потенцира дека ова не значи раскинување на договорот и негова арбитражна постапка, туку превенција за да не дојде до таков епилог.
„Арбитражното тело има право да ангажира куќи во оваа фаза за консултации. Наша цел е и да не стигнеме до арбитражи, Ние сега одбираме адвокатска куќа со познавање на швајцарско право, бидејќи договорот е склучен според швајцарско право, која би можела да го советува Министерството за одбрана во однос на договорот со „Леонардо хеликоптерс“. Сега е фазата на консултации, бидејќи има различни толкувања во однос на договорот. Значи целта не е тој да се раскине“, изјави Николовски за РСЕ.
Покрај информацијата која Владата ја сподели со јавноста за работата и иницијативата на Координативното тело, за ова прашање дополнително е одржана и затворена седница.
Според извори на РСЕ, Министерството за одбрана имало големи забелешки за договорот со „Леонардо хеликоптерс“ и го застапува ставот дека тој е асиметричен, односно дека е многу повеќе во полза на италијанската компанија, отколку на државата.
Во рамки на затворената седница, Министерството изразило загриженост во однос на испораката на хеликоптерите бидејќи во договорот било наведено дека тие би биле испорачани само откако ќе се плати целата сума од речиси 250 милиони евра. Она што е спорно за Владата е парите да се платат однапред, а да се чекаат хеликоптерите да стигнат по последната исплата. Токму во таа насока се пристапило кон ангажирањето на швајцарска правна куќа која би го репреговарала договорот за да се допрецизира испораката на хеликоптерите.
Во договорот постојат голем број на проблеми и предизвици, изјави синоќа министерот за одбрана Владо Мисајловски за ТВ Сител. Тој најави дека во два наврати во март, претставници од италијанската компанија ќе пристигнат на разговори во Северна Македонија.
„Мене најважно ми е како правно да ги исплатиме средствата, а тоа е втората рата. Согласно текстот и членовите пишува дека треба да се исплати согласно член кој не постои во договорот, а ние треба да исплатиме 35 милиони евра, затоа ни е потребна правна експертиза за да може после да го платиме вториот дел, а паралелно да разговараме како да го подобриме договорот. Многу аспекти од договорот не се на македонска страна. Целта е да стигнат хеликоптери следната година, но и правно да бидат заштитени македонските интереси. Може да се платат огромни средства од авансот и да се случат големи проблеми во испораката“, рече Мисајловски.
Видете и ова: Осум хеликоптери, хангар и обука од „Леонардо“ ќе чини 250 милиони евраНа 26 март 2024 година, на ниво влада со влада, Министерството за одбрана тогаш предводено од министерката Славјанка Петровска и нејзиниот италијански колега Гуидо Кросето го потпишаа договорот за набавка на нови осум транспортни хеликоптери од типот AW149 и AW169M за потребите на Армијата.
Првото авансно плаќање кон италијанската компанија е исплатено веднаш по склучувањето на договорот. Сега на ред доаѓа да се исплати и втората рата која изнесува 35 милиони евра.
Според екс министерката Славјанка Петровска, потегот за ангажирање на правна куќа на владата е непотребен.
„Вакви и случни дилеми и предизвици сме имале при имплементација на сите договори склучени Влада со Влада, но јас сум ги надминувала со носење одлуки во рамки на министерството. Според мене, непотребно е ангажирање на правна куќа и дополнителни финансиски трошоци на Владата и министерството“, изјави Петровска за РСЕ.
ДКСК сѐ уште собира и анализира документација
Договорот со италијанскиот „Леонардо хеликоптерс“ ги разгоре политичките страсти уште пред неговото потпишување. Сегашната власт на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш како опозиција бараше набавката која се случуваше во предизборие да се стопира.
Се проблематизираше високата цена за купување на хеликоптерите, дека власта набавува транспортни наместо борбени хеликоптери, но и изборот на „Леонардо“, кој тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ го врзуваше со корупцискиот скандал на поранешниот генерален секретар во Владата на СДСМ, Драги Рашковски за набавката на радарски систем оваа компанија.
Видете и ова: Хеликоптерите „под лупа“ на АнтикорупцискаОткако дојде на власт, а министерот Владо Мисајловски кажа дека државата ќе го почитува потпишаниот договор, иако како што кажа има проблематични законски аспекти.
За набавката на осумте хеликоптери, предмет отвори и Државната комисија за спречување на корупцијата. Речиси една година подоцна, претседателката Татјана Димитровска вели дека постапката за набавката на хеликоптерите е во тек.
„Постапката е се уште отворена, пристигнаа многу дополнителни документи, кои не беа доставени со првично доставеното барање од наша страна. Одржана е и работна средба со Министерството за одбрана и тековно се доставува документација“, изјави Димитровска за РСЕ.
Според договорот, првиот хеликоптер треба да се приземји на македонско тло во средината на 2026 година, а целата испорака на сите осум треба да заврши во 2028 година.
Видете и ова: Меѓу реалноста и очекувањата: Колку може да порасне одбранбениот буџет?Во набавката влегува и обука на пилотски и технички персонал, како и достапност за симулатори за обука, а ќе биде обезбеден и хангар во кој ќе бидат сместени новите хеликоптери.