Кога Американците ќе гласаат за претседател на 5 ноември, нивната одлука ќе одекне низ целиот свет. Украина, чија одбрана против Русија во голема мера зависи од американската воена, финансиска и дипломатска поддршка, може да ги почувствува ефектите повеќе од која било друга странска земја.
За време на претседателот во заминување Џо Бајден, Соединетите Држави и одвојуваа повеќе од 56 милијарди американски долари само за безбедносна помош на Украина, откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година. Доделија уште десетици милијарди финансиска и хуманитарна помош.
„Најзначајниот фактор што ќе го поттикне исходот на војната, мислам, и секако она што ќе се случи во следните неколку месеци, се изборите во САД“, вели Рут Дејермонд, виш предавач на Одделот за воени студии на Кралскиот колеџ во Лондон.
Резултатот од гласањето „всушност ќе одреди дали Украина и понатаму е поддржана од Соединетите Држави или степенот до кој е поддржана од Соединетите Држави“, изјави Дејермонд за РСЕ.
Поранешниот републикански претседател Доналд Трамп и демократската потпретседател Камала Харис изразија многу различни позиции за поддршката за Украина.
Харис рече дека ќе ја продолжи политиката на Бајден за помагање на Украина, јасно изразувајќи ја желбата да ја види Русија поразена.
Трамп ја доведе во прашање поддршката на САД за Украина, велејќи дека Европа треба да го носи најголемиот дел од товарот во поддршката на Киев против руската инвазија, и ја доведе и иднината на НАТО во прашање. Тој одби да коментира дали сака Украина да победи и постојано тврдеше дека ако биде избран, ќе ја заврши војната многу брзо - дури и пред да ја преземе функцијата во јануари.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Иако би можеле да очекуваме Белата куќа под водство на Харис да продолжи да дејствува на ист начин, можеби, како Белата куќа на Бајден, и секако не драматично одвраќање од Украина, Доналд Трамп многу јасно стави до знаење дека сака да види крај на војната во брзо време“, вели Дејермонд и додава:
„И знаеме дека еден од неговите долгорочни надворешно-политички приоритети, една од ретките конзистентни надворешнополитички позиции што ги имаше од пред да биде избран во 2016 година, беше, како што вели, разбирањето со Русија. Значи, мислам дека тој би сакал да види војната да заврши брзо, и според руските услови“.
Трамп рече дека условите на Путин за мировни преговори се „неприфатливи“, тврди дека тој бил построг кон Русија од претходните претседатели и тврди дека Путин немаше да ја нападне Украина доколку тој беше во Белата куќа.
Во 2017 година, тој даде зелено светло за Соединетите Држави да обезбедат помош за Украина, нешто што неговиот претходник, демократот Барак Обама, одби да го направи поради загриженоста за провокација на Москва.
Нема повеќе
Во април, Трамп рече дека ќе биде отворен за нешто како што е програмата за заеми што ја започнаа Соединетите Држави за да им помогнат на сојузниците за време на Втората светска војна како алтернатива на грантови за помош.
Трамп малку зборуваше за тоа како ќе се обиде да направи крај на руската војна против Украина.
Во интервју за Фокс њуз во јули 2023 година, тој посочи дека ќе се обиде да го натера рускиот претседател Владимир Путин да преговара, заканувајќи се дека ќе ги отвори можностите за помош за Украина. Спротивно на тоа, тој рече дека ќе изврши притисок врз украинскиот претседател Володимир Зеленски со закана дека ќе ја запре помошта.
„Би му рекол на Зеленски: „Нема повеќе. Треба да склучите договор. Би му рекол на Путин: Ако не склучите договор, ќе му дадеме на Зеленски многу. Ќе и дадеме на Украина повеќе отколку што треба“. Ќе го завршам договорот за еден ден“, рече Трамп.
Украинците стравуваат дека секој притисок за брз мировен договор ќе биде во корист на Русија, оставајќи околу една петтина од нивната земја под контрола на Москва, а исто така и ќе му дозволи на Путин да го искористи прекинот на непријателствата како шанса да ги зголеми своите сили за некаков иден напад.
Зборови и дела
Во секој случај, што точно ќе направи победникот кога ќе дојде на власт е неизвесно, а има голем број варијабли кои би можеле да влијаат на постапките на следниот претседател.
Владата на Зеленски е фрустрирана од администрацијата на Бајден, велејќи дека американската воена помош доаѓа премногу бавно и со премногу ограничувања. И покрај постојаните молби, Бајден не и дозволи на Украина да користи американски ракети со долг дострел за да напаѓа длабоко во Русија.
Украина сè уште има недостиг од противвоздушна одбрана и муниција, што и овозможува на Русија да ги нападне нејзините градови и критичната инфраструктура од небо и да напредува подлабоко во регионот на Доњецк.
Овој месец Русија ги постигна своите најголеми територијални придобивки од март 2022 година, месецот по целосната инвазија.
Харис не објасни дали би била поагресивна со испораките на помош и дали ќе ги олабави ограничувањата, една од точките во „Планот за победа“ што Зеленски им го презентираше на западните лидери чиј прием беше млак. Таа не ја коментираше другата клучна точка во планот, односно брзата покана за Украина за членство во НАТО.
Еден фактор за тоа како претседателството на Трамп ќе влијае на Украина и на руската инвазија ќе биде составот на неговиот кабинет.
Видете и ова: Тензични времиња за Украина, се зголемува притисокот на бојното полеКампањата на Трамп, наводно, го разгледува поранешниот државен секретар Мајк Помпео за позицијата секретар за одбрана и поранешниот советник за национална безбедност Роберт О’Брајан за државен секретар. И двајцата ја критикуваа администрацијата на Бајден за ограничување на употребата на американското оружје и повикаа на поголеми санкции кон Русија.
Во една статија во Волстрит Џурнал во јули, Помпео повика на создавање на 500 милијарди долари програма за заеми и закуп за да и помогне на земјата да се одбрани. Тој, исто така, повика да и се даде на Украина членство во НАТО, нешто што О’Брајан неделава го нарече „премногу провокативно во овој момент“.
Година на дипломатијата
Има уште една променлива: Конгресот. Додека претседателите имаат поголемо влијание врз надворешната политика, законодавниот дом го држи „ќесето на нацијата“ и може да ја принуди Белата куќа да го прилагоди својот став по прашањето за воена и финансиска поддршка за Украина.
Контролата на Домот и Сенатот може да се преврти на изборите на 5 ноември, при што демократите би добиле мнозинство места во долниот дом, а републиканците во горниот дом.
Тоа би била поповолна ситуација за Украина, бидејќи Сенатот контролиран од републиканците најверојатно ќе ја поддржи помошта за Украина, изјави за РСЕ минатиот месец Курт Волкер, специјалниот пратеник на Трамп за преговорите за Украина во 2017-19 година. Тој рече дека програмата за заем ќе биде полесно да помине низ Конгресот.
„Мислам дека е потешко и потешко да се оправда трошењето пари на американските даночни обврзници за Украина, но да им дозволиме да позајмуваат онолку колку што им е потребно за да купат американско оружје и да се борат против војната, тоа воопшто не треба да биде контроверзно, и мислам дека треба да добие огромна двопартиска поддршка“, рече Волкер.
Но, Чарлс Купчан, аналитичар во Советот за надворешни односи, за Радио Слободна Европа изјави дека САД најверојатно ќе ја поттикнат Украина на разговори без оглед на тоа кој ќе победи на изборите, делумно затоа што војната ги оптоварува западните ресурси.
„Очекувам 2025 година да биде година на дипломатијата. Не верувам дека таму каде што сме денес е одржливо“, рече Купчан.
Во исто време, тој смета дека прекинувањето на помошта за Украина не е начин да се доведат двете страни на преговарачка маса.
„Тоа е покана до Путин да продолжи да доаѓа“, заклучува Купчан.