- Тендерот на Државна лотарија за набавка на апарати за коцкање што го добила компанијата „АП Солутионс“ тежи 204.825 евра.
- РСЕ продолжува да го истражува закупот на Државна лотарија тежок 2,6 милиони евра со компанија блиска на ДУИ. Откриваме дека пред „Хеј ДООЕЛ“ да склучи договор за закуп со акционерското друштво, управител на компанијата била Натура Груби Бела, која всушност е братучетка на вицепремиерот Артан Груби.
- РСЕ откри уште една компанија, „Медиа Гроуп ДООЕЛ Тетово“, блиска до „Арбериа Десигн“ која добила тендер во Државна лотарија. И двете компании до неодамна биле регистрирани на иста адреса во Тетово, а склучиле посебни договори за јавни набавки со Државна лотарија и тоа во ист ден.
- Молкот е единствениот одговор кој го добивме од Финансиската полиција на прашањата дали освен милионскиот закуп на Државна лотарија, предистрагата е проширена и кон компаниите на блиски и роднини на „Арбеира Десигн“ кои добиваат тендери во акционерското друштво.
Фразата дека годините се само бројка е употреблива и во бизнисот. Таков е примерот на 19 годишниот кумановец Фљамур Невзатовски кој од неодамна е и млад претприемач.
Во негова сопственост е компанијата „АП Солутионс“ која за потребите на Државна лотарија ќе набавува лотариски терминали - апарати за коцкање.
Склучениот договор на компанијата со акционерското друштво е последен кој стои објавен на Бирото со јавни набавки. За сума од 12.598.425 денари или 204.825 евра, компанијата на Невзатовски треба да набави 95 терминали. Нивната единечна цена изнесува 126.300 денари по еден терминал.
Увидот во целокупната документација на компанијата во Централниот регистар на (17 ноември) покажува дека Друштвото за програмирање, маркетинг, трговија и услуги „АП СОЛУТИОНС ДООЕЛ“ увоз-извоз Скопје, го добила новиот назив на компанијата на 19 април 2023 година.
Од основањето во јануари 2018 година до пред шест месеци, била заведена под името „Друштво за проектирање, дизајн, градежништво, трговија и услуги ФДЕСТАНИ АРХИТЕКТ ДООЕЛ увоз-извоз с.Лојане Липково“, со регистрирана дејност во архитектурата. Променето е и седиштето на компанијата од селото Лојане, Липковско во скопски Аеродром.
Во старата фирма сопственик и управител бил Фатбард Дестани. Основачкиот влог е во вредност од 307.500 денари, но, во непарични средства. Влогот во основната главнина се состои од канцелариска опрема.
На 19 април 2023 година, со промената на името и адресата на компанијата, Фатбард Дестани доставил понуда до Фљамур Невзатовски за преземање на нејзиниот основачки влог. Истиот ден, тој е прифатен и преземен од Фљамур Невзатовски. Веќе од 25 април, Невзатовски станува единствен основач и управник на „АП Солутионс“.
Компанијата се јавува на огласот на Државна лотарија објавен на 16 август 2023 година и ја победува кумановската „Ритрон копи ДООЕЛ“, понудувајќи пониска цена за набавка на лотариските терминали. Договорот е склучен на 9 ноември 2023 година.
Во моментот кога Невзатовски го презема управувањето на „АП Солутионс“, се јавува и победува на тендерот на Државна лотарија, тој има само 19 години. На крајот на ноември, Невзатовски ќе наполни 20 години со веќе успешен старт во бизнисот.
Она што остава простор за сомнеж е моменталниот работен ангажман на 19 годишниот Невзатовски. Според информациите до кои дојде РСЕ, а се потврдија и преку податоците на Фејсбук профилот на Невзатовски - тој е вработен во „Ритрон копи“, компанијата која била единствената конкуренција на неговата „АП Солутионс“ во борбата за тендерот на Државна лотарија вреден 204.825 евра.
РСЕ телефонски се обрати до компанијата „Ритрон копи“ барајќи да разговара со сопственикот Артан Ајрули. Воедно, прашавме и дали лицето Фљамур Невзатовски работи во нивната компанија. Од компанијата ни посочија дека газдата е на пат во странство и прашањата ги испративме на нивниот официјален мејл.
Неполни 20 минути по телефонската и електронската комуникација со „Ритрон копи“, Невзатовски го промени идентитетот на социјалната мрежа - наместо името Фламур Невзади, како што беше претходно, стави ново име и презиме (Сано Манјиро), друга фотографија и го „заклучи“ профилот за оние кои не му се пријатели.
РСЕ му испрати порака на социјалната мрежа, барајќи одговори од Невзатовски - кои се неговите познавања од трговија и аплицирање на тендери со оглед на неговата возраст, од каде ќе ги набави терминалите за Лотарија, дали е можеби фиктивен сопственик на „АП Солутионс“? Одговори од Невзатовски не добивме.
Во меѓувреме, РСЕ продолжи да ги истражува и јавно објавените податоци за компанијата „Ритрон копи“. Пребарувајќи на Фејсбук страницата на „Ритрон копи“, наидовме и на фотографии кои датираат од 2016 година. На нив се гледа заедничка дружба во рамки на Скопски саем на сопственикот на „Ритрон копи“, Артан Ајрули и Перпарим Бајрами, кој во тој момент нема никаква функција во Државната лотарија.
Од јануари 2022 година, период кога Перпарим Бајрами ја презема раководната позиција како генерален директор во акционерското друштво, „Државна лотарија“ , компанијата „Ритрон копи“ се појавува како победник на тендери во акционерското друштво.
Бирото за јавни набавки покажува дека Државна лотарија склучила шест договори со оваа компанија за набавка на телевизори, компјутерска и комуникациска опрема, мултифункциски уреди и графички станици за ТВ извлекување. Договорите се склучени во период од јуни 2022 до средината на октомври 2023 година. Нивната вредност изнесува 22.463.034 денари или 365.252 евра.
„Хеј ДООЕЛ“ - од Груби Бела, преку Машовиќ до Јахоски
Како што РСЕ веќе објави, објектот сместен на ул. Хасан Приштина бр. 57б во скопско Визбегово од 5 јули 2023 година е новиот деловен простор на Државна лотарија. Надворешниот изглед се уште не наговестува дека ова ќе бидат нови простории од каде ќе функционира акционерското друштво. Од неодамна, од покривот на деловниот објект е отстранета светлечката реклама на поранешниот ресторан за свадби „Фестина“ кој претходно го имаше закупено просторот. Но, засега, други промени нема.
Според договорот кој го објави РСЕ, Државна лотарија ќе и плаќа на компанијата „Хеј ДООЕЛ“ месечна кирија од речиси 22.000 евра месечно за период од 10 години. Во договорот пишува дека исплатата на месечната закупнина ќе започне од 15 јули 2023 година. Тоа значи дека согласно договорот, Државна лотарија досега би требало да и исплати на компанијата околу 88.000 евра за закуп.
Околу новите деловни простории на Државна лотарија гравитираат голем број на компании кои се наоѓаат во индустриската зона Визбегово. Дел од нив работат во свои, но, некои изнајмуваат и туѓи објекти. Во разговор со неколку стопанственици ни беше предочено дека сумата за рентање објект во овој реон за метар квадратен изнесува помеѓу два до три евра.
Хипотетички, дури и да се земе во предвид сумата од три евра за метар квадратен и површината од 2.426 квадратени метри кои „Хеј ДООЕЛ“ и ги издава на Државна лотарија, се доаѓа до 7.278 евра месечно, пазарна цена што е трипати поефтина од онаа за која „Хеј ДООЕЛ“ и ја наплаќа на Државна лотарија - речиси 22.000 евра.
Видете и ова: Прикривање траги по аферата за Државна лотарија?РСЕ уште на 31 октомври испрати прашања до Државна лотарија поврзани со временската рамка и периодот за кој би се „вселиле“ во новите простории во Визбегово. Дополнително, прашавме и колку пари се предвидени за реконструкција и адаптација на поранешниот ресторан за свадби за нивни потреби. Воедно, побаравме и образложение зошто Државна лотарија ќе рента деловен простор за 2,6 милиони евра, наместо за таа сума да купи деловен простор кој ќе биде во нејзина сопственост.
Вчера (20 ноември) истече и последниот ден од законски предвидениот рок од 20 дена во кој Државна лотарија требаше да одговори на барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во него побаравме увид во целокупната документација за спроведување на јавниот оглас за изнајмување на деловни простории.
Досега, не добивме одговори ниту на испратените прашања, ниту стигна некаков абер за евентуален увид во спроведената постапка.
Прв управител на „Хеј ДООЕЛ“ братучетка на Груби
РСЕ објави и дека „Хеј ДООЕЛ“ е формирана на 2 февруари 2023 година. Како нејзин прв сопственик е запишано името на Армин Машовиќ, кој за кратко време го купува земјиштето и недвижниот имот од „Маркони инженеринг“ каде ќе бидат новите простории на Државна лотарија за сума од 649.000 евра.
Видете и ова: Државна лотарија закупи поранешен ресторан за свадби за 2,6 милиони евраПо солемнизацијата на договорот за купопродажба и по промената на сопственоста во Агенцијата за катастар, новоформираната „Хеј ДООЕЛ“ како нов сопственик на објектите, се јавува и победува на јавниот повик на Државна лотарија за закуп на деловни простории, на огласот објавен на 31 мај 2023 година.
Увидот во историјатот на промени во Централниот регистар покажуваат дека од основањето на „Хеј ДООЕЛ“, односно во периодот од 2 февруари до 23 февруари, како управител била заведена Натура Груби Бела. Како што првично објави РСЕ, повикувајќи се на податоците на нејзиниот ЛинкедИн профил, кој веќе не постои по објавата на нејзиното име во сторијата, таа е вработена како извршен асистент во амбасадата на Албанија во Скопје.
Но, РСЕ дознава дека Натура Груби Бела всушност е роднина, односно братучетка на вицепремиерот Артан Груби. Братот на нејзиниот сопруг, Беким Бела е обезбедување на Груби.
Беким Бела неретко може да се забележи во друштво на вицепремиерот кој го следи во чекор при неговите јавни настани. Еден од таквите настани беше и почетокот на градбата на коридорот 8.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
По бришењето на Натура Груби Бела од управител на компанијата, на нејзино место е впишан Машовиќ, кој до 26 октомври беше нејзин единствен сопственик.
Откако РСЕ објави дека Државна лотарија ќе закупи деловен простор од фирмата на Армин Машовиќ, поранешен бизнис партнер на Ерџан Сулкоски, кој пак беше деловно поврзан и со зетот за ќерка на лидерот на ДУИ, Куштрим Смајлај, дојде и до нова промена на сопственоста на компанијата.
На 26 октомври во Централниот регистар е запишано дека нов сопственик станал Арсим Јахоски, газдата на „Пуцко Петрол“ и син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и актуелен пратеник од редовите на ДУИ.
Но, увидот во историјатот на промени на компанијата покажа дека промената на сопственоста на „Хеј ДООЕЛ“ помеѓу Машовиќ и Јахоски се случила девет дена претходно.
Видете и ова: Газдата на „Пуцко Петрол“ стана нов сопственик на фирмата што ѝ рента простории на Лотарија за 2,6 милиони евраНа 17 октомври, Армин Машовиќ му ја нуди сопственоста на Јахоски преку „понуда за преземање на содружнички удел“.
„Јас, Армин Машовиќ...Ви ја доставувам оваа понуда со цел да го преземете мојот содружнички удел кој се состои од парични средства во вредност од 5.000 евра. Уделот кој е предмет на оваа понуда е без никакви ограничувања и неговиот пренос ќе биде со надомест. Доколку сте заинтересирани за понудениот удел, Ве молам во законски предвидениот рок да ме известите со давање на писмена изјава за преземање на понудениот удел“, пишува во понудата.
Истиот ден, Јахоски ја прифаќа понудата „под полна материјална и кривична одговорност изјавува дека ги прифаќа сите права и обврски кои произлегуваат од преземениот дел“.
Дента е направен и договор за пренос на сопственоста од Армин Машовиќ кон Асмир Јахоски за 5.000 евра, колку што изнесува и паричниот удел при формирањето на компанијата.
Со последните промени, Асмир Јахоски стана сопственик на „Хеј ДООЕЛ“, маркетинг компанијата која за период од една декада ќе наплати над 2,6 милиони евра од Државна лотарија за изнајмување на деловните простории.
Видете и ова: Освен во Државна лотарија, Финансиска полиција влезе и во фирмата „Хеј ДООЕЛ“И ќерката на газдата на „Арбериа Десинг“ со тендер во Лотарија
Истражувањето на РСЕ објавено на 17 октомври покажа дека промоцијата и маркетингот на Државната лотарија го работат компании чии сопственици се во блиски релации со сопствениците на издавачките куќи „Арбериа Десигн“ и „Арс ламина“.
Во меѓувреме, откривме уште една таква фирма која води до тетовската компанија. Станува збор за „Медиа гроуп ДООЕЛ“, која склучила договор со Државна лотарија за организација на деловни и корпоративни состаноци, конференции и настани за сума од 4.130.000 денари или 67.154 евра.
Седиштето на „Медиа гроуп ДООЕЛ“ во моментот кога го склучува договорот со Државна лотарија (26 јуни 2023 година) е на улицата Боро Вулиќ 6/1-3. Адресата на „Арбериа Десигн“ е Боро Вулиќ 6/локал бр. 1.
Од 29 септември, податоците од „Бизнис мрежа“ покажуваат дека „Медиа гроуп ДООЕЛ“ го менува седиштето на ул. 19 ноември број 3 во Тетово. Еден од телефонските броеви оставен како контакт на сајтот на „Медиа Гроуп ДООЕЛ“ е буквално истиот и за „Арбериа Десигн“.
Според податоците од „Бизнис мрежа“, како единствен сопственик на „Медиа гроуп ДООЕЛ“ е заведена Ардита Иљази, со поранешно презиме Хамзаи. Ардита е сестра на Ермин Хамзаи, кој е еден од сопствениците на „ДЕМНЕТ ДОО Скопје“, компанија која има склучено четири тендери во вредност од 3.422.000 денари или 55. 642 евра со Државна лотарија. Всушност, Ардита е ќерка, а Ермин - син на Хасим Хамзаи, сопственикот на „Арбериа Десигн“.
Видете и ова: Тендери во Државна лотарија за блиски и роднини на „Арбериа“ и „Арс Ламина“Случајно или не, на 26 јуни 2023 година, договори со Државна лотарија склучиле и Ардита Иљази (Хамзаи) со „Медиа гроуп ДООЕЛ“ и „Арбериа Десигн“ на Хасим Хамзаи, покажуваат податоците објавени на Бирото за јавни набавки.
Но, овие две не се единствените фирми кои добиле тендери во Државна лотарија. На 17 октомври, РСЕ објави дека такви компании кои се поврзуваат со „Арбериа Десигн“ се и „Литера Гроуп ДООЕЛ Скопје“ во сопственост на Афет Иљази и Дашмир Адеми, која има добиено седум тендери во Државна лотарија за договори во вредност од 17.464.000 денари или 283.967 евра.
На оваа листа се наоѓа и друга компанија со слично име - „Литера академи ДОО Тетово“, во сопственост на Вјоса Иљази и Самије Љимани Муслиу. Основана е на 29 август 2022 година. Добила еден тендер за „организирање обуки внатре и надвор од државата“ за сума од 5.000.000 денари или 81.300 евра.
Од Финансиската полиција не одговорија на прашањата на РСЕ - дали покрај договорот за закуп на Државна лотарија, ја прошириле предистрагата на компаниите кои добиваат тендери во акционерското друштво.