Од пред пет дена, Асмир Јахоски, газдата на „Пуцко Петрол“ и син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и актуелен пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски, е нов сопственик на „Хеј ДООЕЛ“, компанија која склучи договор за закуп на деловни простории со Државна лотарија во скопско Визбегово тежок над 2,6 милиони евра.
Промената на сопственоста е извршена во Централниот регистар на 26 октомври 2023 година. Пријавата за бришење на досегашниот сопственик, Армин Машовиќ е поднесена на 20 октомври, стои во електронската база на Централниот регистар во делот за упис на промени.
Временски, тоа е само два дена подоцна откако РСЕ објави дека 33 годишниот скопјанец Машовиќ за неколку месеци ја формирал „Хеј ДООЕЛ“, ги купил деловните простории во поранешниот ресторан за свадби „Фестина“ и потоа склучил договор со Државна лотарија за закуп на истите за сума од над 2,6 милиони евра.
Како што веќе објавивме, Армин Машовиќ е поранешен бизнис партнер на Ерџан Сулкоски во „Пацифик Петролеум“. Додека Сулкоски пак, до неодамна (23 август 2023 година) беше и деловно поврзан со Куштрим Смајлај, зетот за ќерка на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, во фирмата „К.С.А. Интернешнл“.
Армин Машовиќ, сепак, останува управител на „Хеј ДООЕЛ“, иако повеќе не е нејзин сопственик. РСЕ го побара Машовиќ во обид да дознае на што се должи одлуката за продажба на компанијата. Го побаравме на телефонскиот број и Машовиќ ни рече дека е во гужва и дека ќе нѐ побара. Му испративме и СМС порака, но, до објавувањето на текстот одговор не добивме.
Останува нејасно и зошто Асмир Јахоски, газдата на „Пуцко Петрол“ влегува во „Хеј ДООЕЛ“ во време кога за компанијата и нејзиниот управител се предмет на интерес на Обвинителството и Финансиската полиција за склучениот договор за закуп со Државна лотарија.
Ова прашање го доставивме и до вработени и соработници на “Пуцко Петрол“, а ги баравме и на компанискиот фиксен број но, ни од таму одговор не добивме.
Финансиската полиција отвори предистрага
По објавените истражувања на РСЕ за тендерите во Државна лотарија и договорот за закуп на деловни простории во поранешен ресторан за свадби со компанијата „Хеј ДООЕЛ“ се огласија од Обвинителството. Од таму посочија дека Управата за финансиска полиција како надлежен орган за откривање на евентуални кривични дела има надлежност да ги испита сите објавени наводи.
Видете и ова: Ако не постапи Финансиска полиција, ОЈО ќе реагира за Државна лотарија
„Доколку УФП не постапи, обвинителството ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки“, рекоа од Обвинителството за РСЕ на 26 октомври.
Според одговорот што го доби РСЕ од Управата за финансиска полиција, за случајот со Државна лотарија веќе е оформен предмет и се наоѓа во фаза на предистрага. Од таму велат дека будно ги следат информациите кои се пласираат во јавноста во медиумите.
„Имајќи предвид дека сите дејствија преземени во предистражната постапка, согласно член 289 од Законот за кривична постапка, се сметаат за тајна, за добиените пријави и сознанија на евентуално сторени инкриминирани дејствија од страна на одговорни лица во правните субјекти, Управата за финансиска полиција ќе достави соодветен писмен поднесок до надлежниот јавен обвинител“, велат од УФП.
Истражувањето на РСЕ објавено на 17 октомври покажа дека промоцијата и маркетингот на Државната лотарија го работат компании чии сопственици се во блиски релации со сопствениците на издавачките куќи „Арбериа Десигн“ и „Арс ламина“.
Компаниите ги добиваат тендерите во временски период кога на чело на Управниот одбор на Државна лотарија застанува Перпарим Бајрами, поранешен шеф на кабинетот на Артан Груби во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Видете и ова: Тендери во Државна лотарија за блиски и роднини на „Арбериа“ и „Арс Ламина“Како што пишуваше РСЕ, за работата на Државна лотарија се одговорни Управниот одбор, кој носи одлуки за работата на акционерското друштво и Надзорниот одбор кој врши контрола на материјално – финансиското работење. Работниот бекграунд на тројца од нив упатува на директна поврзаност со вицепремиерот Артан Груби.
Во истражувањето објавено на 18 октомври, РСЕ објави дека новите деловни простории на Државна лотарија се наоѓаат во поранешен ресторан за свадби во Визбегово. До април 2023 година сопственик на земјиштето и објектот е „Маркони инженеринг“, кога и го продава имотот на компанијата „Хеј ДООЕЛ“.
Видете и ова: Државна лотарија закупи поранешен ресторан за свадби за 2,6 милиони евраОваа компанија е основана само два месеца претходно, односно на 2 февруари 2023. Неколку месеци подоцна, „Хеј ДООЕЛ“ склучува договор за закуп на деловен простор со Државна лотарија за сума од 2,6 милиони евра за период од 10 години.
Во меѓувреме, РСЕ испрати барање за слободен пристап до информации од јавен карактер барајќи увид во целокупната документација поврзана со јавниот повик за закуп на деловни простории и изборот на најповолен понудувач. Законскиот рок за одговор на барањето се уште тече.
Една недела по истражувањето на РСЕ за милионскиот договор за закуп за деловни простории меѓу „Хеј ДООЕЛ“ и Државна лотарија, веб сајтот на компанијата престана да работи, а во меѓувреме, променет е и сопственикот на доменот www.hej.mk. Се водеше на лицето Шабан Хамза, односно Шабан Амзовски, член на Управниот одбор на Државна лотарија се до 20 октомври, кога на негово место се промени со Армин Машовиќ, актуелниот управител на „Хеј ДООЕЛ“.
Видете и ова: Прикривање траги по аферата за Државна лотарија?Инаку, освен промените на веб – страницата на hej.mk – и визуелно и во делот на сопственоста, повеќе не е достапна ниту Фејсбук страницата. Кога ќе се впише името во пребарувачот на социјалната мрежа, нема никакви резултати.