Северна Македонија покажува назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата. Овие се клучните забелешки во најновиот извештај „Државите во транзиција“ (Nations in Transit) на организацијата Фридом хаус. Извештајот предупредува на долготрајната корупција на високо ниво во Северна Македонија, а го забележува и судирот на партиите околу уставните амандмани потребни поради бугарското вето за пристапување на земјата во Европската Унија.
Во делот на Северна Македонија пишува дека надежите за резултати во делот на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал се појавиле по симнувањето од власт на, како што се наведува, антидемократскиот премиер Никола Груевски.
„За разлика од Украина или Молдавија, Северна Македонија не презеде значајни чекори за елиминирање на корумпираните мрежи на дејствување, а моќта продолжи да осцилира меѓу коалициите на неколку партии“, се вели во извештајот.
Фридом хаус пишува дека националистичката партија на Груевски ја опструирала работата на парламентот додека била во опозиција и дека сега е фаворит за победа на претседателските и парламентарните избори во 2024 година.
Од организацијата наведуваат дека ниту Груевски, ниту неговите најблиски соработници не се изведени пред лицето на правдата за злоупотребите на функцијата пред 2017 година.
„Уште полошо, контроверзните измени во Кривичниот законик од 2023 година ги намалија казните за такви злоупотреби, предизвикувајќи отфрлање на значајни случаи, додека јавноста беше вознемирена со фатални корупциски скандали во здравството“, се вели во документот.
Се наведува и дека годината беше обележана и со поларизирачка парламентарна дебата за уставните амандмани потребни за отстранување на ветото на Бугарија за кандидатурата на земјата за пристап во ЕУ.
Во извештајот Северна Македонија, заедно со Црна Гора е во категоријата „циклични хибриди“ во кои редовните промени на владејачките елити спречуваат значителни структурни промени.
„Дефинитивната карактеристика на цикличните хибриди е комбинација на вистински политички плурализам и површни институционални промени. Тие имаат тенденција да заостануваат во однос на реформите насочени кон воспоставување силни бариери помеѓу јавниот сервис и приватната добивка. Затоа е од суштинско значење да се промовираат антикорупциски механизми и судски реформи во овие земји, а процесот на пристапување во ЕУ има важна улога во овој поглед“, се објаснува во извештајот.
Видете и ова: Измените на Кривичен законик може да спасат речиси 200 обвинети за злоупотребиВо извештајот „Државите во транзиција“, во кој се вклучени 29 земји, се наведува дека регионот на Западен Балкан е одговорен за многу загрижувачки настани и дека регионалната безбедност е изговор за многу политички лидери да ги поткопаат демократските институции и да ги занемарат демократските норми.
„Историски пад“ на Србија, Косово посветено на реформите
Од земјите во регионот Србија бележи најголем пад, како што се наведува поради нефер избори, заробени медиуми, ослабени општински власти и години на поткопување на независноста на судството.
„Западен Балкан е одговорен за многу загрижувачки случувања. Србија доживеа историски пад поради напорите на претседателот на земјата, Александар Вучиќ, да ја консолидира власта во 2023 година“, се наведува во извештајот.
Се додава дека масовното пукање во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград во мај ги поттикна протестите во текот на летото, на што српската влада одговори со „договорени предвремени избори“ во декември.
Фридом Хаус наведува дека 11 земји, кои се означени како таканаречени „хибридни режими“ со карактеристики и на автократија и на демократија, се наоѓаат помеѓу два геополитички и нормативни блока. Поради оваа неизвесност, нивните институции се во ранлива позиција, што доведе до огромен пад на демократијата во 2023 година.
Се наведува дека криминализацијата на клеветата во ентитетот Република Српска, е дел од серијата загрижувачки закони за медиумите и граѓанското општество.
Според оценката на Фридом Хаус, Црна Гора „која сè уште ги поправа штетите од уставната криза од 2022 година“ се борела со нефункционалните и корумпирани општински власти во отсуство на национална стабилност.
Организацијата соопшти дека Косово е една од трите земји, заедно со Унгарија и Грузија, чиј резултат останал непроменет и покрај турбулентната година за граѓанското општество и граѓаните во тие земји.
Понатаму се потсетува дека долгорочниот спор на Косово со Србија повторно влезе во фаза на насилна ескалација.
„Демонстрантите од косовските Срби се судрија и повредија 30 војници на НАТО во мај, а српските вооружени напаѓачи организираа напад во септември во кој загинаа четири лица, вклучително и еден косовски полицаец“, се вели во извештајот.
Видете и ова: Можен ли е безбедносен потрес по предвидувањата за меѓуетничко насилство во регионот?Фридом Хаус предупредува дека автократските хибриди како Унгарија, Србија и, во помала мера, Грузија се на пат да станат полуконсолидирани авторитарни режими.
Тие режими, како што наведуваат, страдаат од „политиката на доминантна моќ“, така што опозицијата и граѓанското општество имаат простор за дејствување, додека, во суштина, владејачката политичка фракција може да спречи каква било промена во раководството.
„Описот совршено се однесува на денешна Србија, каде режимот на претседателот Вучиќ цврсто ја држи власта фалсификувајќи ги изборните процеси, доминирајќи во јавните и приватните медиуми, а потоа брутално ги клевети членовите на опозицијата и активистите и ги заплашува општинските власти“, се вели во документот.
Демократизирачките хибриди, на кои припаѓа Косово, покажаа посветеност на реформите и зајакнувањето на демократските институции.
Како што соопшти Фридом Хаус, владата што ја презеде функцијата во Косово во 2021 година се обиде да ја оддалечи земјата од наследството на парламентарни борби и борби, притискајќи за реформска агенда заснована на владеење на правото.
Според нив, премиерот Албин Курти иницирал нова постапка за проверка на судиите, но одбивањето на Србија да ја признае независноста на Косово останува главната пречка за демократизација.
„И покрај договорите постигнати меѓу двете влади на почетокот на 2023 година, годината донесе нестабилност и ескалација на насилството, делумно поттикнато од неформалните врски на Белград со организираните криминални групи“, се наведува во извештајот.
Во однос на Црна Гора се вели дека изборниот пораз на Демократската партија на социјалистот Мило Ѓукановиќ во 2020 година ставил крај на речиси 30-годишното еднопартиско владеење во земјата, што потенцијално отворило ново поглавје за демократијата.
Транзицијата, се наведува во извештајот, продолжи во 2023 година, кога самиот Ѓукановиќ ги загуби претседателските избори.
„Сепак, политичката сцена останува поделена меѓу старата гарда од пред 2020 година и помладата класа на помалку искусни функционери“, пишува во извештајот на Фридом Хаус.
Две децении пад на нивото на демократско владеење
Од сите 29 земји опфатени со извештајот „Држави во транзиција“, десет бележат назадување во демократијата, додека само пет напредувале.
„Војната на Москва за уништување на Украина и военото освојување и етничкото чистење на Нагорно-Карабах од страна на азербејџанскиот режим во 2023 година го забрза геополитичкото престројување во 29 земји кои се протегаат од централна Европа до централна Азија“, соопшти Фридом Хаус.
Како што додаваат, поради тој тренд нивото на демократско владеење во регионот на земјите во транзиција опаѓа веќе 20 години по ред.
Претседателот на Фридом Хаус, Мајкл Џеј Абрамовиц, изјави дека авторитарните режими ги засилуваат своите напади и го поткопуваат демократското владеење во регионот.
„Во Украина и Нагорно-Карабах веќе ги видовме катастрофалните последици од авторитарната експанзија и не веруваме дека ќе се застане тука. Ако демократиите итно и доследно не ги поддржат нивните интереси и вредности, повеќе територии ќе бидат изгубени поради диктатурата и репресијата“, додаде Абрамовиц.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во извештајот се вели дека, од осумте земји класифицирани како консолидирани авторитарни режими, четири претрпеле пад на нивните и онака „катастрофални“ резултати за демократијата. Станува збор за Казахстан, Киргистан, Русија и Узбекистан.
Што да се прави?
Мајк Смелцер, коавтор на извештајот и виш истражувачки аналитичар за Европа и Евроазија, вели дека судбината на европската демократија сега во голема мера зависи од подготвеноста на демократските држави да усвојат поактивен пристап кон безбедноста во регионот, првенствено преку поддршка на Украина.
„Секое неуспех да застанеме зад демократијата во овој критичен момент ќе има ефект на запирање на авторитарната експанзија во иднина, како во регионот, така и во светот. Соединетите Држави и Европа мора да дејствуваат сега за да обезбедат пораз на Москва и заштита на демократски институции и норми“, додава Смелцер.
Извештајот идентификува голем број чекори што можат да ги преземат демократските влади за да ја ревитализираат демократијата во регионот на државите во транзиција.
„Потребно е да се обезбеди победа на Украина, под нејзини услови“, е првата препорака.
Во извештајот меѓудругото се посочува дека демократските влади, мора да ја одржат и зголемат многу потребната воена, хуманитарна и финансиска помош за Украина.
Во исто време, според препораките, тие треба да ги запленат и пренаменат замрзнатите руски средства за да ја олеснат реконструкцијата на Украина и да ги поддржат нејзините напори за изградба на трајна демократија.
Фридом хаус наведува дека е потребна поддршка за демократско обновување и реформи, а стратешки приоритет треба да биде решавањето на прашањето за владеење на правото во ЕУ.
Потребна е поконзистентна поддршка за европските земји кои се стремат кон демократија.
„САД и донаторите треба да работат со владите кои бараат членство во ЕУ за да ги поддржат реформите кои се во согласност со демократските принципи и владеењето на правото“, се вели во извештајот.
За да се постигнат најдобри резултати, наведува Фридом Хаус, ангажманот со таквите земји треба да биде прилагоден на нивните неодамнешни демократски траектории.
„Барајте одговорност за кршењето на човековите права и застанете со бранителите на човековите права“, велат од организацијата.
Тие наведуваат дека демократиите мора да застанат во солидарност со бранителите на човековите права од авторитарни држави.
Исто така, како што се заклучува во извештајот, тие мора да ги користат сите алатки што им се на располагање за да се осигураат дека прекршувањата ќе бидат спречени и казнети.
Инаку од 1995 година овој извештај го оценува нивото на демократија во регионот што се протега од централна Европа до централна Азија и ја категоризира секоја земја според видот на режимот.
Оваа година, 26-тото издание на извештајот ги опфаќа настаните од 1 јануари до 31 декември 2023 година.