Можно ли е обновување на дијалогот со Бугарија?
Во очекување на формирањето на новата владина коалиција, деновиве нашироко се калкулира како на пример ќе се усогласат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ВРЕДИ за уставните измени со кои би се внеле Бугарите во македонскиот Устав. Тоа е услов за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Иако се навестува извесно приближување на ставовите, барем според челниците на овие партии, останува клучната разлика: ВМРО-ДПМНЕ не е против внесувањето на Бугарите во Уставот, но со важност од денот на влегување во ЕУ. ВРЕДИ е на став дека таа работа треба да се заврши до крајот на годинава.
Идната коалиција се надева и на омекнување на условите по претстојните избори за Европскиот парламент и изборите во Бугарија.
Но, од Бугарија веднаш стигнаа остри реакции. Вршителот на должноста премиер Димитар Главчев и претседателот Румен Радев порачаа дека „Бугарија нема повеќе да прави отстапки за Северна Македонија“.
Деновиве, став и од американскиот Стејт департмент: „Го охрабруваме продолжувањето на дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија, во рамките на заедничките заложби за идното полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ“.
Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ не верува дека може да дојде до промена во Преговарачката рамка со ЕУ.
„Евентуално некакви гаранции коишто би дошле од страна на Европскиот парламент, би биле добри и посакувани, како и нови заклучоци од следниот совет на ЕУ, што би алудирале дека злоупотребата на билатералните договори е неприфатливо. Меѓутоа и тоа е тешко.“, рече Трошановски во интервју за РСЕ.
Тешко, но нема ништо невозможно во дипломатијата, за се има решение ако има добра волја за надминување на проблемот.
Заклетва со пркос и лавина реакции
Низа реакции од меѓународната заедница пристигнаа на македонска адреса откако Гордана Сиљановска Давкова во заклетвата дадена на 12 мај пред Собранието не го користеше новото уставно име – Република Северна Македонија. Пораката е дека од почитувањето на Договорот од Преспа постигнат со Грција во 2018, како и Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017, зависи и понатамошниот пат на земјава кон полноправно членство во ЕУ.
Видете и ова: Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ не бегаат од Преспанскиот договор, но не се откажуваат од само „Македонија“По реакциите дојде и објаснување. Новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ, како партија која е извесно дека ќе ја предводи идната влада на Северна Македонија, сметаат дека имаат право да го користат само името „Македонија“ во јавните настапи.
Но, додаваат дека Преспанскиот договор, со кој во официјалното име на државата беше додадена „Северна“ е реалност и за партијата и за претседателката, а за Радио Слободна Европа одговорија дека тие „нема да бегаат од тоа во официјалната употреба“.
„Нема да дозволиме изолација на граѓаните поради стратешките грешки на владата на СДСМ/ДУИ кои за да го покријат криминалот и корупцијата потпишуваа катастрофални договори. Основно човеково право е при лична и колоквијална употреба да се користи Македонија и Македонски и тоа право ќе го задржиме“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за РСЕ.
Но, за ваквиот став на ВМРО-ДПМНЕ очигледно, судејќи според реакциите, немаат разбирање ниту официјална Атина, ниту пак официјален Брисел.
Според извршниот директор на Центарот за европски стратегии „Евротинк“, Димитар Николовски, најголемата опасност што може да ја донесе непочитувањето на договорите е да се изгуби добрата волја кај пријателите и стратешките партнери на Северна Македонија.
Има ли надеж за реформа на јавната администрација?
Додека овие денови речиси целата јавност се занимава со договорите со Грција и со Бугарија, и ставовите на идната власт кон овие надворешно – политички прашања, кои и беа искажувани во изборната кампања, па не се изненадување, некои други ветувања отидоа во втор план.
На пример, реформата на јавната администрација, која ја најавуваат сите партии пред избори, а досега никој не се зафати со решавање на овој проблем.
Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да укине над 130 државни институции за да го исполни ветувањето за реформа на јавниот сектор, а тоа значи да отпушти околу 16 илјади вработени или да ги префрли во приватниот сектор. Најавена е и реорганизација на министерствата.
Во јавниот сектор активни се вкупно 1.371 институции, вклучително министерствата, во кои активно се вработени 128.879 луѓе, според Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација. Бројката доаѓа до околу 160 илјади со оние кои се вработени со договор на дело.
Реформите се неопходни за да се промени 30-годишната пракса, како што вели професор Борче Давитковски од Правниот факултет во Скопје. Но според него, за тоа е неопходна силна политичка волја, особено за реформата да биде усвоена на почетокот на мандатот на новата влада. Тоа, како што вели Давитковски, многу ќе зависи од желбите и апетитите на коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ во владата, особено бидејќи досега се покажало оти партиите на почетокот на мандатот вработуваат свој партиски кадар во јавната администрација.
Реформите во јавниот сектор одат бавно, што е забележано скоро во сите извештаи на Европската Комисија за напредокот на земјава. Во последниот извештај е наведено дека е потребна итна акција, вклучително усвојување на нови закони и дигитализација. Новата рамка треба да го подобри управувањето со човечките ресурси во администрацијата и да помогне за вработувања, унапредувања и отпуштања, засновани на заслуги на сите нивоа, вклучително и високото раководство, се вели во извештајот на ЕК.
Токсикологија – огледало на состојбите во македонското здравство
Наместо да се реши, се продлабочува проблемот на Клиниката за токсикологија, откако министерот за здравство Илир Демири го разреши медицинскиот директор Данил Петровски, поради „несовесно работење“. Министерот за здравство Демири за Радио Слободна Европа тврди дека отказното решение не сакал да му го врачи на Петровски пред изборите, за, како што вели, да нема импликации.
Тој не ја разреши организациската директорка Бесија Илјази, за која мнозинството лекарски колегиум во минатиот период, обвинуваше дека не знае македонски јазик, комуницира само на албански јазик и форсира да се вработат 18 лица на позиции кои не се потребни на клиниката, а не дозволува вработување на двајца биолози и еден болничар, како и дека не склучила договор за осигурување на болницата.
Во однос на тие 18 лица, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Трудовиот инспекторат донесоа решенија дека не треба да се во просториите на Клиниката бидејќи договорите им се истечени на 31 јануари 2023 година.
Министерството на својата Фејсбук страница објави изјава од наводните вработени на клиниката, со потписи и без имиња, кои обвинуваат дека д-р Нико Беќаровски, кој работи на истата клиника и беше дел од докторите што се побунија, дека тој на национална основа им се заканувал и ги навредувал Албанците што чекаат вработување на клиниката. По оваа објава, д-р Беќаровски му се обрати на министерот за здравство, Илир Демири и побара извинување, а најави и тужба.
Инаку, Бесија Иљази за организациска директорка е назначена на 14 февруари годинава, од страна на актуелниот министер Демири.
Нови организациски директори добија и клиниките за токсикологија, неврологија, ендокринологија, стоматологија и други, иако неговиот претходник Фатмир Меџити изјави дека во Владата е договорено по Нова година (2024) да се укинат економските директори како непродуктивен трошок во здравствениот систем.
Партиите ги избркаа добрите лекари
Асистирала на првата трансплантација на срце во Северна Македонија, но со години чекала вработување и да почне специјализација. Идниот кардиохирург Соња Граждани од Клубот на млади лекари, кои го кренаа својот глас и бараат достоинство и да им се вреднува трудот, во поткастот Зошто зборува со што се соочуваат младите лекари и здравството.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Со љубов кон танцот до европски и светски успеси
Мила Србиноска на само 3 години стана државен првак во хип хоп. На 6 години - европска шампионка и трета во свет. Сега има 13 години и медали за над 70 први места добиени на меѓународни натпревари по хип хоп. Нејзина цел е да стане светска шампионка во категорија јуниори. Сака да биде добар пример за помладите од неа и да им го пренесе своето знаење во иднина.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org