До крајот на октомври, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ќе допатува на неколкудневна турнеја низ земјите од Западен Балкан, а според најавите шефицата на ЕК планира да ја посети и Северна Македонија, потврдуваат од Делегацијата на ЕУ во Скопје. Дополнителни информации за агендата и кога точно фон дер Лајен ќе пристигне на средби со државниот врв во Северна Македонија дополнително ќе биде соопштени.
Доаѓањето на Урсула фон дер Лајен се случува по „ладниот туш“ од Брисел на 25 септември, кога соопшти дека Албанија се одвојува од Северна Македонија во продолжување на пристапните преговори со Европската унија.
Веќе следниот вторник, на 15 октомври Албанија треба да ја одржи втората Меѓувладина конференција со ЕУ, по што треба да го отвори првиот кластер од поглавјата „темелни вредности“. Северна Македонија и овој пат остана пред портите на ЕУ. Причина за тоа е неисполнувањето на условот на Бугарија за измена на Уставот и внесување на бугарското малцинство во Преамбулата.
Видете и ова: Албанија напред, Северна Македонија стои на патот кон ЕУОчекувања сведени на минимум
Откако Албанија тргна напред, а Северна Македонија остана да тапка во место на патот кон Европската унија, на домашната политичка сцена секојдневно се редат партиско – политички обвинувања за закочениот интегративен процес на земјата. Опозицијата бара да се разговара за европската иднина на Северна Македонија во законодавниот дом, додека власта најавува нови предлози за продолжување на преговорите со ЕУ по изборите.
На прашањето што може Северна Македонија да очекува од посетата на фон дер Лајен во вакви услови, Димитар Николовски од невладината организација „Еуротинк“ смета дека Владата ќе ги повтори предлозите кои веќе циркулираат во јавноста со можеби надополнети детали.
„Ваквиот предлог ќе биде културно земен предвид и ќе биде одбиен, поради фактот дека не постои волја на ниво на ЕУ да се инвестира повеќе енергија и време на градење нов консензус околу Македонија. Мислам дека посетата фон дер Лајен ќе ја искористи за уште еднаш да ја убедува на нашата власт да го промени Уставот, наместо да и се даде простор на владата повторно да ја репреговара Рамката. Значи, ќе остане статус-кво“, вели Николовски за РСЕ.
Како што вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, претстојната есенска посета на претседателката на Европската комисија ќе биде поврзана со активностите поврзани со Планот за раст на ЕУ, каде се очекува сите држави кои ќе ги финализираат потребните реформски агенди да ги добијат првите исплати и да започнат да ги имплементираат предвидените активности. Сепак, како што наведува Кацарска, неизбежно ќе биде и прашањето за европскиот пат на Северна Македонија.
„Целта меѓу другото на посетата е секако ќе биде да се потенцира значењето на проширувањето и поддршката кон државите од Западниот Балкан, покрај Украина и Молдова преку овој нов финансиски пакет. Секако нема да се избегне прашањето на уставните измени како предуслов за одржување на втората меѓувладина конференција со Северна Македонија и би било добро до тогаш да се видат контурите на предлогот кој го најавува нашата Влада“, вели Кацарска за РСЕ.
Видете и ова: Муртезани: Се бара ново решение за прашањето со БугаријаКонсензус ама во препукувањата
Ставот на Владата е дека треба да се репреговара т.н. француски предлог од кој произлезе условот за уставни измени односно тие да се направат, но со одложено дејство – да важат од моментот на зачленување на Северна Македонија во ЕУ.
Министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската унија Орхан Муртезани изјави дека официјален Брисел не гледа со голем оптимизам на предлогот за уставни измени со одложено дејство, но, не го отфра целосно и оти во Владата веќе се водат интерни разговори за изнаоѓање на нови решенија како да се продолжат преговорите.
„Досега немаме финален предлог, меѓутоа и да имаме таков нема да брзаме да го објавиме пред да бидат завршени изборите во соседна Бугарија, бидејќи сметаме дека периодов и да имаме најдобар можен план не знаеме дали ќе биде прифатен од другата страна. Затоа се работи интензивно на изнаоѓање на решенија и мислам дека ова е правилниот пристап за понатаму“, рече Муртезани.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе испрати писмо до европските институции преку кое ќе бара „достоинствено решение за Северна Македонија“.
За писмото за деблокада на европскиот пат на земјата, главниот преговарач со ЕУ Муртезани посочи дека содржината се уште не е составена, а на јавноста ќе се презентира по изборите во Бугарија.
Според Муртезани идејата за уставни измени со одложено дејство не е исцрпена, но со новата идеја, фокусот сега би се ставил на Европската унија и нејзиниот однос кон можноста земјава да биде понатаму блокирана од страна на Бугарија врз основа Протоколот, кој инаку е дел ид преговарачката рамка на земјава со ЕУ.
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, во неколку наврати побара итна затворена седница во законодавниот дом, на која очекува премиерот Мицкоски да ги каже плановите на Владата за напредокот на Северна Македонија. Првиот човек на социјалдемократите смета дека спротивставените ставови на Мицкоски и Муртезани ја покажуваат неспособноста на Владата да обезбеди јасен план за евроинтегративниот процес на државата.
„Многу најави има од премиерот за некаква поддршка од некои држави, за менување на преговарачката рамка, нешто што наводно би ја подобрило нашата положба во процесот на евроинтеграции. Меѓутоа сето тоа е обвиено со мистерија и не знаеме никакви детали. Премиерот има обврска тоа да го соопшти, прво пред Собранието, пред народните избраници а понатаму и пред граѓаните. Да знаеме, сега кога еднострано го запре евроинтегративниот пат, има обврска пред граѓаните да го продолжи тој пат којшто го очекува огромно мнозинство на граѓаните“, изјави Филипче.
Видете и ова: Филипче: Мицкоски има обврска да го каже планот за евроинтеграцијата на земјаваПретседателот на Владата, Мицкоски досега се изјасни за барањето на опозицијата – кога ќе има нови детали или некој напредок во односот со Бугарија, ќе ги информира.
„Во моментов сè е на позиционирање и поставување на играта и нема поместување или напредок“, рече Мицкоски.
Евроинтеграциските патишта на Северна Македонија беа споени со почетокот на преговорите во летото 2022 годинa. Тогаш беа одржани и првите меѓувладини седница на Северна Македонија и албанија со ЕУ, но отворањето на кластерите беше поместено за втората меѓувладина седница.
Претходно, во ноември 2020, Бугарија стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
При неодамнешната посета на Северна Македонија, унгарскиот премиер Виктор Орбан се понуди како посредник меѓу Скопје и Софија за решавање на прашањето. Бугарија го одби предлогот сметајќи дека не требаат посредници во овој процес.