Северна Македонија стана дел од глобалното движење во борбата против уништувањето на животната средина, откако го криминализираше „екоцидот“ со последните измени на Кривичниот законик. Сега во домашните судови за вакво кривично дело може да се изрече максимална казна од доживотен затвор, а минимална од десет години.
Иако во моментов постои меѓународен тренд и притисок од активистите за земјите да го криминализираат „екоцидот“, тоа засега е направено во мал број земји, меѓу нив Виетнам, Украина и Русија. „Екоцид“ може да биде секоја штета направена во животната средина со неможност да биде вратена во поранешната состојба. На пример, некој може да биде обвинет за вакво дело доколку уништи цело течение на река или ако пресуши езеро.
Уништувањето на браната Нова Каховка во Украина пред неколку месеци е случај кој според правните експерти може да се окарактеризира како екоцид. При оваа катастрофа беше предизвикано изумирање на животинскиот свет во огромни размери и украинското обвинителство истражува можен случај на екоцид против Русија.
Франција е меѓу првите земји во Европската унија (ЕУ) која го стави екоцидот во своето законодавство. Сега закон во земјата е на тест со случај кој се води за големи штети предизвикани од канцерогени хемикалии.
Во Северна Македонија досега беше реткост некој кривично да одговара за дела против животната средина и покрај тоа што загадувањето е секојдневие.
Проблем е што голем дел од кривичните дела завршуваат како прекршоци, како што објаснува Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи – организација која учествуваше во изработка на измените на Кривичниот законик. Но, сепак тој објаснува дека во последните години во земјава не се случило дело од толкав обем на загадување, за кое би можело да биде покренато обвинение за „Екоцид“.
„Ова дело за „екоцид“ е ставено превентивно заради тоа што гледаме дека се поминува многу лесно. Јас не можам да се сетам дека е направено дело „Екоцид“. На пример, гледаме дека се суши Преспанско Езеро, но тоа не е причина предизвикана од конкретен човечки фактор, туку се вели дека се намалува водостојот од изворот, промената на климата и не е во тој степен за да може да се каже дека се случува „Екоцид“, вели Јовановски.
Европскиот парламент во март оваа година го поддржа вклучувањето на „Екоцидот“ во ревидираната директива на ЕУ за еколошки злосторства. Доколку оваа директива помине низ целосниот законодавен процес на ЕУ, тогаш од сите земји членки ќе се бара да го стават екоцидот во националните закони.
Видете и ова: Над 100 светски лидери се очекува да ветат крај на уништувањето на шумите до 2030 годинаНацрт-закон е поднесен во Холандија, а Белгија исто така финализира своја верзија на законот. Каталонскиот парламент прави напори за криминализирање на екоцидот во поширокиот шпански кривичен законик.
Во Шкотска есенва се очекува да започне јавна консултација за ова прашање, додека во Бразил, каде што уништувањето на дождовните шуми во Амазон постојано се опишува како кривично дело, во јуни беше поднесен предлог-закон за екоцид на конгресот.
Aктивистите и движењата во светот се залагаат екоцидот да стане меѓународен криминал, односно масовното оштетување и уништување на екосистемите да стане меѓународно кривично злосторство.
„Екоцидот“ е дефиниран како незаконски или ненамерни дејствија извршени со сознание дека постои значителна веројатност за тешка, или широко распространета или долгорочна штета врз животната средина.
Во измените на Кривичниот законик на Северна Македонија се вели дека тој што спротивно на закон, со намера да предизвика штета на животната средина, ќе преземе дејствие или ќе пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широко распространета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со казна затвор од најмалку 10 години или со доживотен затвор. Измените ќе стапат на сила во рок од 6 месеци од објавувањето на измените на законот во Службен весник, односно од 7 март 2024 година.
Видете и ова: Дрисла се соочува со казна до 120 илјади евра за загадување на Маркова РекаАлександра Цветановска – претседателка на Македонското здружение на млади правници вели дека за докажувањето на ова дело ќе се бара каузалитет и тоа според неа ќе биде сериозен предизвик.
„Сериозен предизвик ќе биде докажување токму на таа каузална врска помеѓу преземањето или пропуштањето на некое дејствие и настанатата широко распространета штета на животната средина. Дополнителен предизвик за докажувањето на ова дело е намерата кај сторителот да ја предизвика штетата. Несомнено е дека за истражувањето и докажувањето на ова кривично дело ќе бидат потребни вешти наоди“, вели Цветановска.
За тоа ќе биде потребно зајакнување на капацитетите на обвинителствата и инспекциските служби, со поголем број на обвинители и инспектори и нивно обучување, а ќе бидат потребни и повеќе финансиски средства.
Во процесот на измените на законот беа вклучени Државниот пазарен инспекторат, Министерството за животна средина, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, правосудни органи, професори и граѓанскиот сектор.
Видете и ова: И досега имаше казни за екоцид, но никој не е казнетСпоред министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова со досегашните закони проблем било да се утврди степенот на загадување, а со измените се поедноставени постапките за утврдување на самото дело.
„Мислам дека тоа ќе го препознаат и обвинителството и судовите и дека конечно ќе почнеме да ги казнуваме оние коишто сериозно ни ја загадуваат животната средина. Сакам да потенцирам во овој момент дека имаме сериозна соработка со Државниот инспекторат за животна средина и дека постојано сме во комуникација, јас и директорот на инспекторатот. За секое дело коешто се појавува, или ние го информираме инспекторатот, или тие не информираат нас“, вели Шукова.
Од Државниот инспекторат за животна средина сметаат дека дел од усвоените одредби ќе бидат мошне комплексни за нивно ефикасно спроведување во пракса. Државните инспектори имале конструктивни забелешки за подобрување на текстот на измените за поефикасно да се спроведуваат во пракса, но посочуваат дека нивните забелешките не биле прифатени поради изменета процедура за донесување на измените на законот од страна на Министерството за правда.