За ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ е неприфатлива идејата на ДУИ со решение што ќе влезе во закон или во Уставот да се прецизира дека по избори, победникот во македонскиот блок да мора да коалицира со партијата што ќе има најмногу гласови во албанскиот блок.
ДУИ излезе со овој предлог поради нивниот став дека тие се легитимен претставник на Албанците и по парламентарните избори од 8 мај. Во партијата се нездоволни затоа што не влегоа во Владата, најавија протести од септември и потврдија дека го ангажирале Американецот Пол Вилијамс, еден од авторите на Охридскиот рамковен договор, да помогне во подготовка на решение што треба да осигура во иднина да не се случува „лражба на легитимитетот“.
Предлогот на ДУИ претходно го одби и коалицијата„Вреди“ во која се собраа опозициските партии на Албанците и кои влегоа во власта, а ДУИ по повеќе од две децении власт замина во опозиција.
Партиите против
Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ниту Уставот ниту законите треба да бидат користени за нечиј интерес да се дојде или да се остане на власт.
„Прво, ДУИ нека укажат точно на кое место се наоѓа тој принцип затоа што такво нешто не постои. Време е во ДУИ да се соочат со реалноста и да сфатат дека ниту Уставот ниту законите се партиска читанка кои треба да му помогнат на кој било да дојде на власт. Во ДУИ нека се помират дека волјата на народот тие да заминат во опозиција и нека си го прифатат тоа место“, изјави пратеникот Миле Лефков за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Видете и ова: Ахмети најави чекори за „спречување на нова мајоризација“Во опозициската СДСМ сметаат дека постојните законски и уставни одредби соодветно ги дефинираат сите аспекти за избор на влада, ако е обезбедено мнозинство во Собранието.
„Постоизборните коалиции треба да се прават на основа на усогласувањата на програмите и идеолошката позиција на партиите, а не се условуваат по принципот победник со победник во законска регулатива. Секој глас на граѓаните е еднаков глас и оттука несоодветни би биле законски измени по етнички клуч. Право на секоја партија и политички субјект е да избере коалициски партнер, пред или по изборите“, вели Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ за РСЕ, пренесувајќи го ставот на партијата.
Видете и ова: Постизборни коалиции причина за кавга меѓу политичките партииАрбен Таравари од „Вреди“, коментирајќи ја реториката на ДУИ, побара од ДУИ да ги почитува правилата на демократијата. Според Таравари, легитимитетот на Албанците е во тие што ја донесоа промената.
„Се случи историската промена на Албанците. Тоа е нова политичка генерација. Ние сме апсолутни претставници на Албанците. Верувам дека после 100 дена ќе зборуваме за успеси или ако имаме неуспеси, тука сме да не критикуваат, така функционира вистинската опозиција. Изгледот на господинот Ахмети е разочарувачки и депресивен, меѓутоа треба да се навикнат полека. Јас ги охрабрувам да бидат позитивна опозиција“, изјави Таравари.
Аргументите на ДУИ
Откако ДУИ минатиот викенд, на Генерално собрание на партијата во Гостивар објави дека усвоиле три резолуции, меѓу кои една за почитување на начелото легитимитет во контекст на одредбите од Охридскиот договор, вчера се разговарало и на ниво на лидери на партиите во „Европски фронт“, коалицијата со која ДУИ настапи на изборите пролетва.
„Секако дека ќе изготвиме решение бидејќи по втор пат во државата се случува да не се почитува легитимитетот. Имајќи предвид каква е етничката реалност во државата, тоа би довело, ако дозволиме така, да се нарушат многу досегашни достигнувања во духот на Рамковниот договор“, рече Блерим Беџети, координатор на пратеничката група на Европски фронт, на прес-конференција на 18 јули.
Видете и ова: Коалицијата Европски фронт усвои декларација за „етнички изборен легитимитет“Пол Вилијамс, за кого од ДУИ велат дека го ангажирале, е професор по право и меѓународни односи на Американскиот универзитет, предава на Факултетот за меѓународни односи и на Вашингтонскиот правен колеџ. Тој е претседател и коосновач на Групата за меѓународно јавно право и политика (PILPG) – невладина про боно организација која им помага на земјите и владите во мировни преговори, во уредување на постконфликтното законодавство и асистира во изготвување документација за кривично гонење на воени злосторници.
Според податоците што можат да се најдат за него, бил ангажиран и во преговорите за Дејтонскиот договор, Договорот од Рамбуе, преговорите Подгорица/Белград за Србија и Црна Гора. Вилијамс учествувал како советник и во преговорите за Нагорно-Карабах, преговорите во Осло и Женева за Граѓанската војна во Шри Ланка и на мировните разговори во Сомалија.
Мајски договор
Таканареченот Мајски договор влезе во игра како важен елемент кога се составуваше владата во 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ прво состави влада со ДПА, партија која освои помалку мандати од ДУИ.
Потоа, „грешката“ се поправи, па коалицирањето „победник со победник" функционираше од 2008 се до 2017 година.
Мајскиот договор бил постигнат на 29 мај 2007 година меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во присуство на меѓународни претставници, но ниту беше јавно потпишан, ниту стана достапен за јавноста. ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот лидер Никола Груевски никогаш не признаа дека постои таков договор.
Документ не беше јавно обелодене и не може да потврди дека во него се спомнува начинот на формирање влада.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Имер Селмани, поранешен политичар кој во периодот 2006-2008 година беше и потпретседател на ДПА, вели дека не е нов овој „дефект“ со неформалниот Мајски договор.
„Прашањето што сега се става на дневен ред секако дека е легитимно, но остава друго прашање, зошто до сега не се донесе таков закон. Добро е да се слушнат сите страни, да се анализираат документите на ДУИ за овој предлог и диокументите на другата страна, во македонскиот политички кампус, и да се формализира решение што нема да биде генератор на идни кризи, од ситуации каде политичарите нема да се договорат и нема да се разберат. Да немаме слични ситуации и во наредните избори, добро е да се дебатира и да се најде конзистентно решение“, изјави Селмани за РСЕ.
Коалицијата предводена од ДУИ на парламентарните избори на 8 мај освои 137.690 гласови, односно 18 пратенички места. Коалицијата „Вреди“ имаше 106.937 гласови и 14 мандати. Сегашниот премиер, а тогашен мандатар Христијан Мицкоски со освојување на 107.000 гласа, „Вреди“ го потврдила својот кредибилитет да бидат кредибилен партнер на идната влада, а ДУИ е време да оди во опозиција.