- На последниот ден од мај, Државна лотарија објави јавен повик за прибирање понуди за закуп на деловни простории, но, резултатот за изборот на компанија од јавниот повик остана „таен“ .
- РСЕ открива дека новите деловни простории на Државна лотарија се наоѓаат во поранешен ресторан за свадби во Визбегово. Но, и ресторанот за свадби претходно бил под закуп од друг сопственик.
- До април 2023 година сопственик на земјиштето и објектот е „Маркони инженеринг“, кога и го продава имотот на компанијата „Хеј ДООЕЛ“. Оваа компанија е основана само два месеца претходно, односно на 2 февруари 2023.
- Три месеци подоцна, „Хеј ДООЕЛ“ склучува договор за закуп на деловен простор со Државна лотарија за сума од 2,6 милиони евра за период од 10 години. „Хеј ДООЕЛ“ е во сопственост на Армин Машовиќ, поранешен бизнис партнер на Ерџан Сулкоски во „Пацифик Петролеум“
Седиштето на Државна лотарија се наоѓа во познатата зграда на Македонската радио телевизија во Скопје. Финансискиот план на акционерското друштво за тековната 2023 година предвидува низа инвестиции. Во делот на вложувања, покрај набавка на опрема за унапредување на организацијата и приредувањето на игрите на среќа, државната компанија запишала и „купување на деловен простор со цел подобрување на целокупното работење на друштвото“. Но, само описно во една реченица.
Сепак, во планираниот буџет за одлив на пари за тековната година, стои дека Државна лотарија ќе изнајми и реконструира деловен простор. За таа намена, државната компанија планирала 60.000.000 денари или 970.874 евра со пресметан ДДВ.
Во првите 10 десет месеци од годинава, Државна лотарија нема купено нов деловен простор. Но, договор за изнајмување на деловен простор и негова реконструкција веќе е склучен.
Условите на Државна лотарија во повикот предвиделе објектот да се наоѓа на пристапна локација со добро сообраќајно решеније за лесен и брз влез и излез во и од градот Скопје.
Потоа, објектот да биде лоциран во радиус од максимална одалеченост од шест километри мерено од Плоштад Македонија. Деловниот објект (административниот дел) и магацинскиот простор да се со вкупна просторна површина од 2.000 до 2.500 квадратни метри.
„Магацинскиот простор да има просторна зафатнина со површина од најмалку 550 м2 и висина од најмалку шест метри во рамки на кој ќе може да се постави телевизиско студио за снимања за потребите на Државна лотарија. Деловниот објект треба да биде со тврда градба и да има најмалку два влеза“, се дел од клучните барања на Државна лотарија, покрај дополнителните услови за паркинг простор, стабилна електрична мрежа и приклучок за интернет.
Четири месеци по рокот на доставување на понудите (15 јуни 2023), Радио Слободна Европа се обрати до Државна лотарија – кој понудувач е избран, за колкав временски период и колку изнесува месечната кирија. Одговори на прашањата не добивме. Од акционерското друштво не упатија барањата да ги доставиме преку слободен пристап до информации од јавен карактер, но и откако доставивме и такво барање, одговор нема.
Нов сопственик на објектот пред склучување договор со Државна лотарија
Според извори на Радио Слободна Европа, местоположбата на новите деловни простории на Државна лотарија се лоцирани на улица Хасан Приштина број 47б во скопско Визбегово. Интернет пребарувањето на оваа адреса не однесе до ресторанот за свадби „Фестина“.
На 5 октомври заѕвонивме на телефонскиот број оставен на Фејсбук страницата на „Фестина“ да се распрашаме за слободни термини за свадба. Одговорот кој го добивме од другата страна на телефонот е дека ресторанот не работи повеќе од една година и дека на тоа место „најверојатно ќе биде казино“. Соговорникот ни посочи дека „Фестина“ всушност била кираџија во објектот кој веќе го напуштиле.
Екипата на Радио Слободна Европа ја посети локацијата на терен каде што се уверивме дека ресторанот „Фестина“ не работи. И пристапот до неговиот влез е затворен со метална ограда.
Сликата од локацијата на терен пресликана во Агенцијата за катастар на недвижности покажува дека објектот се наоѓа на катастарската парцела 1046/1 со имотен лист број 1842.
Увидот во Агенцијата за катастар на недвижности, покажува дека земјиштето и објектите кои се наоѓаат на ова локација се во сопственост на компанијата „Хеј ДООЕЛ“ од Скопје. Но, дополнителните проверки покажуваат дека „Хеј ДООЕЛ“, всушност е нов сопственик и на земјиштето, но, и на објектот каде кираџија била „Фестина“.
Кратко време по основањето, „Хеј ДООЕЛ Скопје“ влегува во инвестициски потфат, купувајќи ги објектите и земјиштето од фирмата „Маркони инженеринг ДООЕЛ“.
Компанијата „Маркони инженеринг ДООЕЛ“ не е непозната во јавноста. Медиумите во 2006 година пишуваат за спорен тендер на Министерството за одбрана со фирмата „Маркони инженеринг“, поврзувајќи ја со тогашниот директор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор Владе Стојановски. Стојановски тогаш негирал негова поврзаност со “Маркони инженеринг ДООЕЛ”.
Податоците од Бизнис мрежа покажуваат дека актуелен сопственик на „Маркони инженеринг ДООЕЛ“ е Ленче Стојановска.
Иако тој не фигурира во сопственичката структура, сепак, адресата на која е регистрирана „Маркони“ е истата адреса и на Владе Стојановски, која е јавно видлива на веб страницата на Центарот за развој на источен плански регион. Под неговите основни информации пишува дека тој е почесен конзул на Република Словачка во земјава.
Радио Слободна Европа заѕвони во компанијата „Маркони инженеринг ДООЕЛ“ барајќи одговори за новите простории на Државна лотарија. Оставивме контакт, но, никој не не’ побара.
Според документите кои ги обезбедивме од Агенцијата за катастар на недвижности, компанијата „Маркони инженеринг ДООЕЛ“ склучила договор за купопродажба на земјиштето и објектот со „Хеј ДООЕЛ“ на 22 март 2023 година.
„Маркони инженеринг“ и го продава земјиштето со површина од 2.369 квадратни метри и објект со големина од 2.964 квадратни метри за сума од 649.000 евра. Еден месец подоцна, на 27 април, двете компании договорот го завериле на нотар.
Со договорот за солемнизација, „Маркони инженеринг“ се обврзува во рок од една година да изврши запишување на дополнителни 516 квадратни метри како косопственик на дел од парцела и потоа ќе склучи нов договор за продажба на имотот на „Хеј ДООЕЛ“.
По солемнизацијата на договорот за купопродажба и по промената на сопственоста во Агенцијата за катастар, новоформираната „Хеј ДООЕЛ“ како нов сопственик на објектите, се јавува и победува на јавниот повик на Државна лотарија за закуп на деловни простории, на огласот објавен на 31 мај 2023 година.
Од Државна лотарија ни посочија дека одговори за склучениот договор за закуп можеме да добиеме преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер. Такво барање и поднесовме до акционерското друштво. Од Државна лотарија денеска не известија дека работат на подготовка на одговорот на нашето барање.
Во меѓувреме, Радио Слободна Европа успеа да го добие од Агенцијата за катастар на недвижности договорот за закуп меѓу акционерското друштво и „Хеј ДООЕЛ“.
Закуп на 10 години „тежок“ над 2,6 милиони евра
Договорот е склучен на 5 јули 2023 година. Просториите кои ги закупува Државна лотарија се со внатрешна површина од 2.426 квадратни метри, што влегуваат во рамките на предвидената површина на огласот од 2000 – 2500 квадратни метри.
Времетраењето на закупот е за период од 10 години, започнувајќи од 15 јули 2023 година. Месечната кирија која Државна лотарија ќе ја плаќа за целиот период од договорот изнесува 21.834 евра и тоа без пресметан ДДВ. Тоа ќе биде фиксна цела за цела деценија само за изнајмување.
Тоа значи дека за период од една декада, Државна лотарија ќе плаќа закуп на „Хеј ДООЕЛ“ од високи 2.620.080 евра, без пресметан ДДВ.
Сепак, во оваа сума не влегува реновирањето на просторите за потребите на Државна лотарија, имајќи во предвид дека претходно објектот бил користен за свадби. За потсетување, во финансискиот план на Државна лотарија за 2023 година, предвидени се 970.874 евра за изнајмување и адаптација на деловен простор.
Потпис на договорот за закуп ставиле Перпарим Бајрами, кој е генерален директор на Државна лотарија и Армин Машовиќ, управител на фирмата „Хеј ДООЕЛ“.
На веб - страницата на „Хеј ДООЕЛ“ нема оставено контакт телефон. Водејќи се по оставената адреса, се упативме да побараме одговори на лице место. Заѕвонивме во нивната канцеларија во зграда на улицата Партизански одреди 102, но, никој не ни отвори.
Поврзаноста со Ерџан Сулкоски
Податоците покажуваат дека 33 годишниот Армин Машовиќ е роден во Скопје. Во февруари ја создава компанијата „Хеј ДООЕЛ“. Од нејзиното основање, неполни две недели, како управител на фирмата е запишано лицето Натура Груби Бела.
Интернет пребарувачите вадат само еден резултат под ова име – ЛинкдИн (LinkedIn) профил на лице кое се води како извршен асистент во амбасадата на Република Албанија во земјава.
Од неодамна, пак, името на Армин Машовиќ стана познато во јавноста како поранешен бизнис партнер на Ерџан Сулкоски. До 5 февруари 2020 година заеднички биле косопственици во фирмата „Пацифик Петролеум“. Од тогаш, Машовиќ ја напушта сопственичката структура со што Сулкоски останува единствен нејзин сопственик и управител.
До скоро, 23 август 2023 година, Сулкоски му беше и бизнис партнер на зетот за ќерка на лидерот на ДУИ, Куштрим Смајлај, во фирмата „К.С.А. Интернешнл“.
Во август 2022 година, Сулкоски стана ко-сопственик во компанијата „РКМ“ на некогашниот единствен газда Ратко Капушевски. Тоа е компанија која минатата година го склучи најголемиот договор за набавка на мазут за потребите на државата. Сулкоски влезе со сопственост во „РКМ“ по добивањето на тендерот.
Во изминатите месеци, медиумите објавија низа стории за тесните врски на Ерџан Сулкоски со семејството на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кои тој ги негираше.
Во интервју за емисијата „360 степени“, претседателот на ДУИ, Али Ахмети посочи дека не го познава Сулкоски.
„Јас ве убедувам дека семејството Ахмети нема ништо со ... како се викаше Ерџан Сулкоски“, изјави Ахмети.
„Хеј ДООЕЛ“ за клиент ја има „Арбериа Десигн“
Компанијата „Хеј ДООЕЛ“ според дејноста во Бизнис мрежа е запишана како агенција за маркетинг. На официјалната веб – страница на компанијата пишува дека е „млада консултантска куќа која се занимава со односи со јавноста, комуникации, продукција, графички дизајн, организација на кампањи и друго“.
„ХЕЈ консалтинг ги претставува порталите на албански и македонски јазик кои се присутни на сите платформи на социјалните медиуми и продукциски тим за видео снимки, инфографици, постери, интервјуа вести и други“, пишува во објаснувањето.
Во делот на „нашата работа“, компанијата има наведено неколку познати компании како нивни клиенти. Меѓу нив е и компанијата „Арбериа Десигн“ од Тетово.
Истражувањето на Радио Слободна Европа објавено на 17 октомври покажа дека неколку компании на роднини и блиски луѓе до сопственикот на „Арбериа Десигн“ во последните две години добиваат тендери од Државна лотарија.
Видете и ова: Тендери во Државна лотарија за блиски и роднини на „Арбериа“ и „Арс Ламина“Лица кои водат до Артан Груби
Доколку www.hej.mk се внесе на платформа каде се регистрираат веб - страници во Северна Македонија - МАРНЕТ, пишува дека овој сајт е регистриран на 8 јануари 2023 година на името Шабан Хамза.
Адресата која ја навел Шабан Хамза при регистрацијата на www.hej.mk е Челопек бр.52а. Адресата и телефонскиот број кои се заведени во регистрацијата на порталот, се всушност истата адреса и број кои во јавно достапната биографија на Државна лотарија ги навел и Шабан Амзовски, член на Управниот одбор на акционерското друштво.
Пребарувањето на интернет води до сериозни индиции дека станува збор за еден ист човек. Всушност, на социјалните платформи Фејсбук и ЛинкдИн, тој е потпишан како Шабан Хамза. Под неговото име пишува дека работи во Министерството за политички систем.
Доколку се впише името Шабан Амзовски, интернет пребарувачите „вадат“ фотографија од истото лице - со буквално истите податоци кои стоеле на сајтот на Министерството за политички систем, а кои сега се избришани.
Заѕвонивме на телефонскиот број и побаравме да разговараме со Амзовски. Ни потврди дека е тој. Кога го слушна прашањето за поврзано со сајтот на hej.mk ни рече дека е во гужва и да се слушнеме подоцна, но потоа не се јавуваше.
На Фејсбук страницата на www.hej.mk има голем број закачени видеа – од кои речиси половината се обраќање на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, обраќање од седиштето на ДУИ на портпаролот, Бујар Османи, рекламни видео за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и прес конференции на ДУИ.
На веб страницата на Фејсбук на www.hej.mk генерално се споделувани линкови и постови од веб - страницата www.pika.mk. Оваа страница повеќе не е достапна во интернет просторот.
Податоците од „Бизнис мрежа“ покажуваат дека сопственик на компанијата „Медиа Девижн 2021 ДООЕЛ Скопје“ e Фидан Селими. Тоа е всушност компанијата која е издавач на порталот www.pika.mk.
Телефонскиот број при регистрацијата на сајтот во МАРНЕТ е истиот заведен и како контакт во компанијата на Бизнис мрежа.
Според документ кој компанијата го доставила до Државниот завод за ревизија, Државната изборна комисија, ДКСК и Министерството за финансии, „Медиа Девижн 2021 ДООЕЛ Скопје“ и отстапила простор за рекламирање на политичката партија ДУИ за локалните избори.
Рекламирањето на интегративците на сајтот на Селими чинело 185.000 денари.
Документ од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците покажува дека и Фидан Селими добил вработување во институцијата со која раководи Груби.
Тој е избран на огласот кој министерството го објавило на 14.12.2021 за избор на помлади соработници за унапредување на употребата на јазиците на етничките заедници.
Со одлука на Владата, на 28 април 2022 година, Фидан Селими е именуван и за член на Управниот одбор на Агенцијата за енергетика.
Неговиот анкетен лист го побаравме на страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата. Таму пишува дека тој нема имот.